Македонија
Царовска: Најавите за бојкот на наставата се неконструктивни, сфатете дека во ризик се човечки животи
Министерката за образование и наука, Мила Царовска, одговарајќи на новинарски прашања за најавите на бојкот на наставата, рече дека се неодговорни и дека сите носиме одговорност за заштита на јавното здравје.
Во исклучително посебни услови, во време на пандемија, успешно ја почнуваме учебната година така што некои од учениците наставата ја посетуваат со физичко присуство, под посебни протоколи, а други следат од далечина, велат од Министерството.
„Има комисија која навистина си ја знае работата поврзано со епиодемиолошката состојба. Ако тие велат дека нашето јавно здравје е заштитено само на овој начин, а одлуките нивни се базираат на факти, јас ги почитувам и барам од сите родители, сите ученици, сите директори, сите градоначалници, да ја следиме нивната препорака, да ги следиме нивните одлуки зашто само така можеме да се одржиме на ова ниво и понатаму да го намалуваме бројот на заразени во нашата држава. Сè што ќе значи непочитување на нивните одлуки го носи во ризик нашето здравје, здравјето на сите наши најмили и тоа не е само флоскула, тоа се животи, тоа се нечии мајки, тоа се нечии татковци, тоа се нечии баби, тоа се нечии дедовци. Да не ги ризикуваме животите на нашите најблиски сакајќи на неконструктивен начин да покажеме незадоволство“, изјави денес Царовска.
Министерката повторно нагласи дека ова не е ситуација во која се наоѓаме затоа што сакаме, туку затоа што мораме и затоа треба да се справиме со ситуациите што се пред нас со достоинство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Вештачката интелигенција треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните: Во Собранието се одржа јавна расправа
Вештачката интелигенција треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните
Во Собранието се одржа јавна расправа по конечниот извештај на Државниот завод за ревизија за извршената ревизија на успешност на тема: ,,Можност за употреба на вештачка интелигенција во јавниот сектор”.
Настанот го отвори координаторката на Клубот на младински прашања и политики, Драгана Бојковска, која истакна дека мора да се биде во тек со современите држави кои ги користат ВИ алатките, и во тој контекст информира дека во работата на Собранието е вклучена вештачката интелигенција.
Советникот во ДЗР, Сашо Јаковчевски, кој го презентираше Извештајот, рече дека е потребна сеопфатна дигитална инфраструктура бидејќи имаме растечка база на знаење која може да се вклучи во спроведувањето на вештачката интелигенција во јавниот сектор.
Според државниот ревизор Максим Ацевски, институцијата е лидер по примената на дигитализацијата бидејќи посетеноста на веб-страницата за кусо време пораснала за 6,34 проценти.
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, посочи дека Министерството веќе има проекти со кој се очекува да се спроведе вештачката интелигенција во јавниот сектор, која треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните.
Учесниците во јавната расправа посочија дека без правна регулатива може да направи повеќе штета отколку корист. Затоа е потребна национална стратегија, заштита на личните податоци, институционален капацитет и правна заштита.
Македонија
Утре со врнежи кои повремено наместа ќе бидат пообилни, на повисоките места дожд и снег
Времето утре, ќе има врнежи кои повремено наместа ќе бидат пообилни. На планините врнежите ќе бидат од снег, а на повисоките места од дожд и снег.
Во источните делови ќе има услови за ретки грмежи. Ќе дува засилен повремено силен северен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 13 степени.
Во Скопје, ќе биде облачно со врнежи од дожд. Ќе дува засилен повремено силен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во среда и четврток времето ќе биде стабилно, а во четврток ноќта и во петок ќе има нови пообилни врнежи. Утре ќе дува засилен повремено силен јужен ветер кој во попладневните часови ќе го смени правецот во северен и ќе продолжи да дува и во среда.
Македонија
Полицајци спасија жител на Македонска Каменица кој останал заглавен на тераса во пожар во неговата куќа
Полициски службеници спасија жител на Македонска Каменица, кој беше заглавен на тераса откако настана пожар во неговата куќа, соопшти МВР.
Вчера попладне во 13:23 часот во СВР Штип е пријавено дека на ул.„14 Јуни“ во Македонска Каменица настанал пожар во куќа, сопственост на Љ.Ѓ.(80).
Полициски службеници од СВР Штип – Полициско одделение Македонска Каменица излегле на местото и го затекнале сопственикот заглавен на тераса на вториот кат, по што се преземени мерки и со помош на скали безбедно го спуштиле.
Нему му е укажана помош во Клиничка болница Штип поради вдишување чад, по што е пренесен во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје за понатамошно лекување.
Пожарот е изгаснат од Територијалната протипожарната едница Македонска Каменица. Увид е извршен.

