Македонија
Спасовски: Соработката и партнерството со Бугарија се во нагорна линија
Во Министерството за внатрешни работи денеска се одржа средба помеѓу министерот Оливер Спасовски и бугарскиот амбасадор во земјата, Ангел Ангелов.
Како што информираат од Министерството, на средбата било констатирано дека досегашната соработка и партнерството меѓу двете земји се во нагорна линија.
„Особено беше нагласена поддршката од Бугарија во процесите од голема важност за напредокот на Република Северна Македонија како во текот на полноправното асоцирање во НАТО така и за почнувањето на пристапните преговори со ЕУ“, се наведува во соопштението.
Соговорниците исто така ја потенцирале и одличната соработка на владино и на институционално ниво во контекст на актуелната пандемија на Ковид-19, особено во поглед на безбедното враќање на нашите државјани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Kовачки: Kај активисти на ДУИ пронајдено оружје, пари и списоци за гласање, приведени се
Лудилото со поткуп од страна на ДУИ и СДС не’ застанува. Штотуку ме информираа дека кај активисти на ДУИ било пронајдено оружје, биле пронајдени пари и биле пронајдени списоци за гласање. Истите биле приведени, тврди Драган Ковачки, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и носител на ИЕ 3.
„Немојте да се плашите, ДУИ не смее да извади пратеник во тројка. Ве повикувам сите масовно да излеземе на гласање. А, за активистите на ДУИ им упатувам порака – на 9-ти мај ќе одговарате, за ова се лежи затвор. Ќе лежите сите од прв до последен. Нема да ве спаси Али Ахмети. Нема да ве спаси ниеден што ве пратил таму да правите поткуп. Бидете сериозни. Го кршите демократскиот процес“, порачува Ковачки.
Македонија
Костадиновска-Стојчевска: На дело покажавме како се грижиме за македонската култура и културното наследство, така и ќе продолжиме во следните 4 години
Коносителката на листата на СДСМ во петтата изборна единица, Бисера Костадиновска-Стојчевска во пораката до граѓаните да гласаат за европска и просперитетна држава ја нагласи заложбата на Социјалдемократскиот сојуз за заштита и афирмација на културата и македонскиот културен идентитет.
„Вложуваме во зачувувањето на културниот идентитет и националните интереси. СДСМ го потврди тоа изминативе години и со истиот дух и заложба ќе продолжи во следните 4 години. Инвестирањето во културата е инвестиција во нашиот идентитет и историја. Создадовме слободна и европска култура. Изработивме нов Закон за употреба на македонскиот јазик. Направивме вистински потфат во унапредувањето на јазикот и зајакнување на македонскиот идентитет. Го заштитивме и го афирмираме македонскиот јазик, денес е признат и во Обединетите нации и во Европската Унија. Тој е потврден во сите стратешки документи и никој нема право да преговара за македонскиот јазик и идентитет“, ја потврди Костадиновска-Стојчевска, заложбата на СДСМ за постојана промоција на културата, идентитетот и историјата.
Таа ги истакна политиките на СДСМ за почитување и вреднување на трудот на културните работници и најави дека платите ќе се зголемуваат и во новиот мандат.
„Го почитуваме и го вреднуваме трудот на културните работници, после рекордните 52 отсто зголемени плати во овој мандат, во следниот платите секоја година ќе растат за 10 проценти“- уверува Костадиновска-Стојчевска и ги наброја приоритетите за следниот мандат: Продолжуваме со рамномерен културен развој и достапност до културното наследство, нови 50 милиони капитални инвестиции за локалните заедници. Зголемување на средствата од националниот буџет наменети за културата Унапредување на услугите од областа на културата, нов Закон за култура, Закон за финансирање во културата, Закон за манифестации и фестивали, Закон за дигитализација во културата.
Таа додаде дека грижата за заштитата на културното наследство ќе продолжи, како и спроведувањето на препораките и целосно почитување на стандардите на УНЕСКО.
Министерката за култура Костадиновска-Стојчевска најави дека за прв пат СДСМ воведува културна дипломатија преку која ќе ја претставиме македонската култура пред светот, како и дека ќе продолжи поддршката за локалните самоуправи за инвестирање во културата.
Во таа насока изјави дека предвидени се капитални инвестиции за реконструкција и реновирање на поголем број објекти од културата, а веќе овој месец дека се започнува со реконструкција на кино Партизан.
„На дело покажавме како се грижиме за македонската култура и македонското културно наследство. Така ќе продолжиме и во следните 4 години. Со СДСМ нема откажување од македонската култура. Со СДСМ македонската култура, јазик и историја се признати и европски“ – ги повика граѓаните, коносителката на СДСМ во петтата изборна единица, да се одлучат за европска иднина и европска култура.
Македонија
Од полноќ почнува изборниот молк
На полноќ почнува изборниот молк пред парламентарните и вториот круг од претседателските избори, кои ќе се одржат в среда.
Изборниот молк ќе трае до среда до 19 часот, односно до затворањето на избирачките места.
Се гласа на 3.480 избирачки места.
Утре (7 мај) гласаат иселениците, болните и изнемоштените, затворениците, лицата во старските домови и две раселени лица.
Според Државната изборна комисија (ДИК), за претседателските избори биле пријавени 1.814.317 гласачи, а за парламентарните избори вкупно 1.815.350 гласачи.
За време на молкот, медиумите продолжуваат да известуваат за изборниот процес, но престануваат сите облици на изборно медиумско претставување на учесниците во изборната кампања, информираат од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
„Според Изборниот законик, за прекршување на изборниот молк се смета емитувањето какви било информации, фотографии, аудио и аудиовизуелни материјали поврзани со или во кои учествуваат учесници во изборите, какви било облици на медиумско известување кои се отворено или прикриено во функција на нечија кампања и можат да влијаат врз одлуката на избирачите, податоци со кои се открива идентитетот на политички субјекти и/или поединци вклучени во инциденти или неправилности на денот на гласањето; како и изјави од кандидати во изборниот процес, од претставници на политички партии и од носители на функции во органите на власта“, се појаснува во соопштението од Агенцијата за аудио и аудиовозуелни медиумски услуги.