Економија
СДСМ: Следуваат важни проекти за зголемена енергетска ефикасност

Владејачкиот СДСМ вели дека Владата посветено работи на енергетско поврзување на државата и следуваат важни проекти за зголемена енергетска ефикасност.
Како што се посочува во соопштението, регионалната соработка во енергетиката е дел од приоритетите на работата на Владата предводена од СДСМ и премиерот Зоран Заев.
Во таа насока, велат од СДСМ, започнати се процеси за поврзување на енергетските коридори преку Бугарија и Грција што се од суштински и долгорочен интерес за државата, стопанството и граѓаните.
„Конзорциумот „Гастрејд“, изрази подготвеност и поддршка за вклучување на Северна Македонија во изградбата на терминалот за течен природен гас во близина на Александрополис во Грција. Со овој проект се отвора можност за трајно и стабилно снабдување со природен гас за Северна Македонија, која, истовремено, ќе стане точка од која потоа гасот ќе се дистрибуира пошироко во регионот, како и во земјите кои ќе покажат интерес.
Истовремено, од нашиот пријател и сојузник САД, имаме силна поддршка за реализација на интерконекторот за гас со Грција.
Со тоа добиваме уште една можност на снабдување со природен гас од Азербејџан, но и можност за поврзување на ЛНГ терминалите во Грција.
Овие проекти на нашата држава ќе и обезбедат стабилно и континуирано снабдување со гас, независност и конкурентни цени, што е во согласност со долгогодишната енергетска стратегија.
Овие значајни проекти, ја прават нашата земја енергетски коридор за земјите од Југоисточна Европа за алтернативен пристап до значајни енергетски ресурси.
Со тоа, правиме јасна разлика во енергетските политики. Од земја која што беше енергетски остров, држава зависна од само еден коридор, денес Северна Македонија е интегрирана во енергетски проекти и вклучена во иницијативи за енергетско поврзување кои отвораат можности за брз економски развој.
СДСМ останува посветена на креирање и реализација на квалитетни енергетски политики што се во интерес на државата и сите граѓани“, се додава во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Стојаноски: Економијата се буди, граѓаните наскоро ќе почувствуваат подобар живот

Во рамки на новото издание на емисијата „Ставот на регионот“ гостуваше пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, кој говореше за состојбата на македонската економија и најави подобрувања што, според него, ќе донесат повисок стандард за граѓаните.
„Три квартали по ред имаме раст на БДП од над 3%. Индустриското производство од месец јули, споредено со јуни претходната година, е зголемено за 4,1%, а преработувачката индустрија бележи раст од 7%. Дополнително, забележуваме и поголем број туристи кои доаѓаат во државата“, изјави Стојаноски.
Тој нагласи дека Македонија гради темели на нова економска филозофија, чија цел е повисок стандард, подобри плати и пензии и поквалитетен живот за сите граѓани.
„Овие показатели укажуваат дека македонската економија полека заздравува. А кога ќе влеземе во полн ек на реализација на капиталните инвестиции и ќе го развиеме градежништвото, како клучна гранка, ќе имаме уште повеќе можности да помагаме и со дополнителни мерки“, додаде Стојаноски.
Економија
Николоски: Голем раст на градежништвото и транспортот

Бруто домашниот производ порасна за 3.4% во април, мај и јуни. Особено ми е драго што секторите градежништвото, транспорт и складирање силно растат! Тие се двигатели на македонската економија! Во вториот квартал секторот градежништво порасна за 7.3%, објави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на својот фејсбук профил.
„Голем раст на градежништвото, транспортот и складирањето.
Премиерот Христијан Мицкоски објави одлични вести за македонската економија – во месеците април, мај и јуни бруто домашниот производ порасна за 3.4% . Особено ми е драго што секторите градежништвото, транспорт и складирање силно растат! Тие се двигатели на македонската економија!
Во вториот квартал секторот градежништво порасна за 7.3%, уште посилен раст од тој во првиот квартал од 7.1%, додека секторот транспорт и складирање порасна за 6.0% .
Со засилената активност во делот на изградба на патишта, инвестиции во железници и проекти од локално значење растот во третиот квартал ќе биде уште посилен благодарение на вредните работници кои работат во секакви временски услови и јасните политики и стратегија на Владата и Министерството за транспорт.
Ја градиме Македонија“, напиша вицепремиерот Николоски.
Економија
Славески од Глобалниот форум на АФИ: Финансиската вклученост е предуслов за одржлив раст и за стабилност

„Секој човек има право на фер и квалитетни финансиски услуги, а финансиската едукација е клучот за стабилен систем и за заштита на граѓаните“ – порача гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, на Глобалниот форум за политики на Алијансата за финансиска инклузија (АФИ), којшто се одржува во Намибија.
Во своето воведно обраќање пред регионалната иницијатива за Источна Европа и Централна Азија (ECAPI), гувернерот нагласи дека финансиската вклученост претставува темел на сеопфатниот економски раст и благосостојбата на општествата. „Само финансиски писмени граѓани можат да носат исправни одлуки за штедење, задолжување и за инвестирање, а со тоа придонесуваат и за стабилноста на целиот финансиски систем“, рече Славески.
Тој нагласи дека дигитализацијата и финтек-иновациите отвораат огромни можности за поширок пристап до финансиски услуги, но носат и нови ризици – како што се нови типови измами, злоупотреби на лични податоци и ризик од презадолжување на домаќинствата. „Во дигиталната ера е неопходно развивање ефикасни иницијативи за финансиска едукација и алатки за различни целни групи – од младите до постарите генерации“, истакна гувернерот.
Во обраќањето тој се осврна и на активностите на Народната банка во областа на финансиската вклученост. Посочи дека нашата земја оваа година стана членка на Единствената област за плаќања во евра (СЕПА), што ќе овозможи побрзи, поевтини и посигурни трансакции за граѓаните и за компаниите. Покрај тоа, се работи на воведување основна сметка за плаќање со фиксeн и пристапeн надоместок, наменета особено за ранливите категории граѓани. „Намалувањето на банкарските надоместоци и воведувањето нови механизми за заштита на потрошувачите се важни чекори за повисока вклученост“, нагласи Славески, додавајќи дека во подготовка е и втората Национална стратегија за финансиска едукација и финансиска инклузија.
„Да се биде дел од големото семејство на АФИ за нас претставува и чест и обврска за постојана размена на искуства и знаења. Народната банка и во иднина ќе биде целосно посветена на овој процес“, истакна гувернерот, изразувајќи благодарност за поддршката и соработката со АФИ и со институциите од регионот. На Глобалниот форум, заедно со гувернерот, учествуваат и главната економистка Анета Крстевска и советничката на гувернерот Весна Стојчевска.
Гувернерот Славески учествуваше и во панел-дискусијата на Глобалниот форум за политики на Алијансата за финансиска инклузија (АФИ), посветена на зголемувањето на вклученоста на жените на пазарот на труд. Во своето излагање, Славески нагласи дека сеопфатниот раст е незамислив без родова еднаквост и еднакви економски можности. „Според Глобалниот извештај за родовиот јаз за 2024 г., иако разликите во пристапот до образованието и здравството речиси исчезнаа, најголемиот јаз останува во економската и политичката застапеност на жените“, истакна тој, повикувајќи на проактивни светски политики. Воедно, тој ги претстави активностите на Народната банка во оваа област, меѓу кои и улогата на институцијата како национален координатор за спроведување на Кодексот за финансирање на жените претприемачи (We Finance Code − WeFi Code) – светска рамка за затворање на родовиот јаз во финансирањето на женските бизниси, поддржана од Светската банка, ЕБОР и од други меѓународни партнери.
Членството на Народната банка во Алијансата за финансиска инклузија е со поддршка на Европскиот фонд за Југоисточна Европа (ЕФСЕ) и Европската банка за обнова и развој (ЕБРД).