Македонија
Царовска: Ако се продолжи со бојкот на наставата, изгубените часови може да се одработуваат на лето
Министерката за образование и наука Мила Царовска, денес одговарајќи на новинарско прашање дали ќе бидат санкционирани непочитувањата на одлуката за онлајн настава во Дебар, рече дека одлуките на Владата се јасни и тие мора да се почитуваат.
„Владините одлуки се во интерес на заштита на јавното здравје и секако дека ќе има санкции доколку не се почитуваат овие одлуки“, изјави Царовска.
Министерката најави дека ќе мора да се одработуваат часови на наставата поради нејзиното бојкотирање, доколку продолжи да се зголемува губењето на часовите.
„Засега се изгубени само два дена и тоа се првите класни часови и немаме целосен бојкот туку станува збор за поединечни случаи, но доколу се појават недостатоци, ќе разговараме со Бирото за развој на образованието за надоместување на овие часови во текот на летото“, рече Царовска.
Министерството за образование и наука истакнува дека непочитувањето на владините одлуки во време на пандемија директно го загрозува јавното здравје, а бојкотот на наставата негативно ќе се одрази на развојот и едукацијата на децата.
МОН ги повикува родителите, наставниците и учениците на максимална соработка и почитување на протоколите и мерките за заштита од пандемијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Бебе почина на Клиниката за детски болести во Скопје
Рано утринава на Клиниката за детски болести во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје, почина 14-месечно девојче. Околу 04.50 часот на Детската клиника во Клинички центар „Мајка Тереза“, (В.С.) 29-годишен маж од село Гошинце и неговиот брат, оштетиле инвентар во болницата откако починало детето на В.С., информира МВР.
Бебето било донесено со Итна медицинска помош во болницата околу 03.45 часот, а причините за смртта дополнително ќе се утврдуваат.
„Денеска (05.10.2024) во СВР Скопје е пријавено дека околу 04.50 часот на Детската клиника во Клинички центар ‘Мајка Тереза’ В.С. (29) од с. Гошинце и неговиот брат Б.С. (35) од с. Гошинце оштетиле инвентар во болницата откако починала едногодишната ќерка на В.С., која, според пријавеното, била донесена со Итна медицинска помош во болницата околу 03.45 часот. Се преземаат мерки за расчистување на настанот“, велат од МВР.
Македонија
Поплави во Тетово, над 20 повици за помош добиле пожарникарите
Над 20 повици добиле ноќеска пожарникарите од Тетово за интервенци и испумпување на вода од поплавени куќи, дворови, подруми и улици. Најголем дел од поплавените куќи се во селата Мала Речица и Голема Речица. Интензивниот дожд траеше повеќе часа, а претпладнево нема врнежи.
Силниот и интензивен дожд што вчера попладнево и вечерва ја зафати Општина Тетово е причина за зголемување на бројот на повици до пожарникарите од страна на луѓе кои имаат потреба од нивна интервенција. Пожарникарите во текот на вчерашниот ден извлекуваа и неколку возила кои заглавиле кај поплавените подвозници.
Пред две недели, на 20 септември, силен дожд предизвика делумно поплавување на улици, дворови и куќи во градот како и во Мала Речица.
Македонија
Нормализиран е сообраќајот на патот Струмица-Валандово
АМСМ информира дека од 10 часот сообраќајот на регионалниот пат Струмица – Валандово, на излез од селото Костурино, е нормализиран.
Поради сообраќајна несреќа утрово од 6:40 часот регионалниот пат Струмица – Валандово беше затворен.