Македонија
Променливо облачно време, попладне локален пороен дожд и грмежи

Времето денеска ќе биде променливо облачно и со малку пониски температури. Ќе дува умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта на места ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, краткотрајно и во вид на невреме, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 9 до 17, а максималната ќе достигне од 26 до 31 степени.
Во Скопје променливо облачно со сончеви периоди и со умерен до засилен југоисточен ветер. Попладне и преку ноќта ќе има појава на повремено пороен дожд и услови за појава на грмежи. Минималната температура ќе се спушти до 15, а максималната ќе достигне 29 степени.
Вечерва, во текот на ноќта и утре ќе дува умерен до засилен јужен ветер што ќе услови натпросечни температури. Утре попладне и во вторник ќе биде облачно и нестабилно наместа со локален пороен дожд, грмежи и засилен ветер, понекаде процесите ќе се поинтензивни и во форма на невреме. Од вторник и особено на северот дневната температура ќе биде позначително пониска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Шукова: Скопје е во водна криза, имам системско решение за надминување на проблемот

Кризата со водоснабдувањето во Скопје е директен удар врз квалитетот на живот и го нарушува основното човеково право на пристап до вода,“ изјави денес кандидатката за градоначалник на Скопје, Каја Шукова.
Шукова посочи дека населбите Ѓорче Петров, Гази Баба и Автокоманда со месеци се соочуваат со недостаток на вода, особено во летните месеци. Иако нема формални рестрикции, системот работи со намален притисок поради дотраена водоводна мрежа, огромни загуби на вода, диви приклучоци и недостаток на инвестиции во инфраструктурата.
„Над 30% од водата се губи низ распукани и несанирани цевки, а вкупните загуби достигнуваат и до 50%. Изворот Рашче работи на граница на капацитет, а градот нема ниту стратегија, ниту решение на повидок,“ изјави Шукова.
Како нејзин приоритет, таа најави сигурно и стабилно водоснабдување, со конкретни мерки: итна санација на водоводната мрежа, изградба на современ систем за собирање и пречистување на отпадни води, намалување на загубите, искористување на дождовницата и воведување нови технологии за водни пумпни станици и резервоари.
„Скопје мора да има стратегија и мора да има вода – подеднакво за сите,“ порача Шукова.
Македонија
Мицкоски: Време е да се стави крај на злоупотребите на безбедносно-разузнавачките служби

Во интервју за Дојче Веле, премиерот и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во однос со скандалот со прислушкувањето од страна на АНБ и АР, истакна дека станува збор за случај кој одблизу се следи, а воедно и дека организираното следење било спроведувано за лични и политички цели, истакнувајќи дека доказните материјали за целиот случај се предадени на обвинителството.
„Се согласувам дека процентот на доверба во правен исход, особено кога случајот е доведен пред портите на обвинителството, е многу низок. Но, во исто време, ова е случај што ние одблиску ќе го следиме. Институциите работеа во изминатиот период и тие индиции и доказни материјали се предадени во обвинителството. Организирањето следење не било само од АНБ, туку и од АР. И двете биле користени за лични и политички цели. Кој бил интересот на државата да следи новинари, медиуми или моите деца? Тоа кажува дека системот во рацете на тие луѓе забегал“, рече Мицкоски.
Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, укажа на потреба од расветлување на целиот случај и ставање на крај на ваквите масовни злоупотреби, кои влијаат штетно врз целата држава и ги нарушуваат демократските вредности на кои се заснова системот.
„Затоа уште повеќе инсистирам овој случај да биде разрешен, затоа што има тренд, неславна традиција на злоупотреба на безбедносно-разузнавачките служби овие три децении. Индикативно е што тоа се горе-долу истите луѓе кои ги одработуваат ваквите масовни злоупотреби, со што го разнебитуваат системот и нанесуваат штета не само на индивидуи и нивните семејства, туку и на целата држава, уривајќи ги демократските темели врз кои треба да почива системот. Време е да се стави крај и да се испрати порака дека тие не се посилни од државата, истакна Мицкоски.
Македонија
Муцунски во Стразбур: Денес Северна Македонија е препознатлив и ценет актер на меѓународната сцена

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Стразбур присуствуваше и се обрати на свечен настан по повод одбележувањето на Денот на независноста: 34 години од македонската независност и 30 години членство на Република Северна Македонија во Советот на Европа.
Во своето обраќање, Муцунски потсети на значењето на 8 септември 1991 година, кога македонските граѓани „во еден глас се изјаснија на референдумот, определувајќи се за независна и суверена држава – кулминација на вековните стремежи на македонскиот народ за самоопределување и достоинствен живот во сопствената татковина.“
Тој истакна дека денес Северна Македонија е препознатлив и ценет актер на меѓународната сцена.
„Како членка на Обединетите Нации, Советот на Европа и горда членка на НАТО, активно придонесуваме за глобалниот мир и безбедност. Продолжуваме со борбата против организираниот криминал, трговијата со луѓе и шверцот на дрога – области во кои нашиот придонес е препознаен и ценет од меѓународните партнери,“ нагласи Муцунски.
Посебно беше потенцирана улогата на Советот на Европа.
„Во 2025 година ја одбележуваме 30-годишнината од нашето пристапување во Советот на Европа – организација која беше и останува витален партнер во поддршката на нашиот демократски развој, напредокот на правните реформи и зајакнувањето на институциите. Горди сме на длабоката, динамична и продуктивна соработка која зборува за сеопфатните и стратешки важни односи,“ додаде тој.
Муцунски говореше и за европската перспектива и придонесот кон европската стабилност.
„Нашиот пат кон полноправно членство во Европската Унија продолжува со решителност и надеж. Подготвени сме да придонесеме, како рамноправни, за стабилноста, просперитетот и споделените вредности на Унијата. Ние не сме само млада европска демократија – ние сме народ со богата историја, силен дух и јасна визија за иднината,“ потенцираше тој.