Македонија
Заев се сретна со членовите на Комитетот за историски, археолошки и образовни прашања формиран во согласност со договорот од Преспа

Премиерот Зоран Заев денеска ги прими членовите на македонскиот дел на Интердисциплинарниот комитет за историски, археолошки и образовни прашања формиран од нашата земја и од Република Грција во согласност со договорот од Преспа.
Членовите на Интердисциплинарниот комитет, со кој претседава амбасадорот Виктор Габер, и во кој членуваат д-р Ана Чупеска, професор и политиколог, д-р Људмил Спасов, професор лингвист, проф. Фехари Рамадани, професор и историчар, д-р Далибор Јовановски, професор и историчар, и д-р Никос Чаусидис, професор и археолог, и во отсуство на д-р Кица Колбе, го информираа премиерот Заев за досегашниот напредок на работата на овој Комитет на експертите, а во пресрет на петтата средба со нивните грчки колеги.
Во размената на мислења на средбата констатирано е дека се постигналио ниво на конструктивна соработка во Комитетот во рамките на одредбите на договорот од Преспа и дека се утврдени заеднички правци за постигнување решенија за препораките што овој Комитет треба да ги достави до владите на Република Северна Македонија и Република Грција како добра основа за изнаоѓање конкретни решенија за историските наративи, кои ќе ги едуцираат идните генерации во европскиот дух на разбирање и соработка.
Заев ги запозна членовите на Комитетот со актуелните активности на Владата за обезбедување севкупни услови за имплементација на договорот од Преспа и за поддршката на грчката страна за Република Северна Македонија за почетокот на преговорите за членство во ЕУ добиена за време на неодамнешната посета на Атина и од средбите со премиерот Мицотакис.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Јакимовски: Фотоволтаичните панели не се шминка, туку вистинска работа

Во сите 10 основни училишта во општина Карпош веќе се поставени фотоволтаични панели – проект кој ја позиционира општината како лидер во зелена енергија и одржлив развој. Ова не е шминка, туку вистинска работа, визија и енергија што носи резултати, вели актуелниот градоначалник и кандидат за градоначалник на Карпош од коалицијата „Искуство за успех“ предводена од Граѓанската опција за Македонија (ГРОМ) Стевчо Јакимовски.
Со оваа инвестиција, училиштата веќе ги намалија своите сметки за електрична енергија, а следниот чекор е уште поамбициозен – да станат производители и продавачи на електрична енергија.
„Нашата цел е едноставна – училиштата да произведуваат повеќе струја отколку што трошат, да ја враќаат назад во системот и да станат мали енергетски центри со голема општествена улога“, изјави градоначалникот Стевчо Јакимовски.
Со ова, Карпош ќе биде првата општина во Македонија што целосно ќе функционира на принципи на енергетска ефикасност и зелена трансформација.
Учениците ќе учат од жив пример дека иднината е зелена, а училиштата ќе се претворат во вистински симбол на одговорност и иновација.
„Додека некои велат дека ќе поставуваат панели, ние веќе ги имаме. И не само тоа – сега ги надградуваме и ги претвораме во генератори на енергија. Карпош не чека наредби. Карпош мисли, работи и произведува – зелена енергија, чиста совест, силен Карпош,“ порача Јакимовски.
Македонија
Минчев: 11 Октомври нека биде потсетник за нашата одговорност

„11 Октомври нека биде потсетник за нашата одговорност, да ја унапредуваме татковината со обединети сили, знаење и заедништво. Само така ќе обезбедиме стабилна и просперитетна иднина за генерациите што доаѓаат“, порачува министерот за за јавна администрација Горан Минчев во честитката упатена по повод 11 Октомври.
– На овој ден се сеќаваме на храбрите мажи и жени кои, пред повеќе од осум децении, храбро се спротивставија на тиранијата и ги поставија темелите на борбата за слободна и праведна Македонија. Нивната жртва и визија за подобро утре се наша водилка денес, да продолжиме да градиме општество засновано на демократија, еднаквост и солидарност, вели Минчев во честитката.
Македонија
Сиљановска Давкова по повод 11 Октомври: Да ја сочуваме визијата и храброста на оние што тргнаа во востанички марш

Претседателката на државата, Гордана Сиљановска Давкова, упати честитка до граѓаните по повод 11 Октомври – Денот на народното востание, нагласувајќи дека овој датум претставува темел на македонската државност и потсетник на храброста, жртвата и единството на нашиот народ.
„Со срдечни честитки го одбележуваме денешниов голем празник, кога им оддаваме почит на сите кои пред 84 години тргнаа во тежок и храбар востанички марш, жртвувајќи се за ослободувањето на татковината и создавањето македонска држава на рамноправни граѓани,“ порача Сиљановска Давкова.
Таа истакна дека востаниците „со крв ја остварија визијата на своите претци за слободна и независна држава“, додавајќи дека нивната борба покажала дека „земањето на судбината во свои раце и застанувањето на страната на правдата, наспроти најголемото зло – фашизмот, е победнички чекор“.
„Отпорот и антифашистичката борба на македонскиот народ, во време кога многу поголеми и посилни народи се придружија кон оската на злото или се дистанцираа од војната, се доказ дека слободата, правдата и еднаквоста се вткаени во нашата слободарска и револуционерна традиција како неразделен елемент на македонската ДНК,“ нагласи претседателката.
Сиљановска Давкова потсети дека токму обединетоста и сплотеноста биле клучот за победа над неправдата и насилството: „Во драматичните денови на Втората светска војна покажавме дека без оглед на социјалната, етничката, верската или идеолошката припадност, можеме да ги победиме силата и неправдата. Затоа, 11 Октомври не е само потсетување на славната епопеја, туку повик за нејзино продолжување – со дијалог во мир.“
Во својата порака, претседателката се осврна и на современите предизвици со кои се соочува државата:
„Живееме во тегобно време на војни и закани, оптоварени со проблеми во остварувањето на правото, правдата, хуманоста и солидарноста. Од нас се бараат илинденска и партизанска зрелост, мудрост и храброст во донесувањето клучни одлуки.“
„Повторно мора да бидеме обединети и сплотени ако сакаме да го сочуваме она што го наследивме од оние кои тргнаа во востанички марш, водени од јасна визија и спремни за жртвување во ослободителната мисија,“ порача Сиљановска Давкова.
„Нека ни е честит 11 Октомври – Денот на народното востание!“ – стои во честитката на претседателката на државата.