Топ
Почина 11-годишно дете во штитеничкиот дом во Демир Капија
Основното јавно обвинителство Кавадарци во координација со МВР изврши увид во семејна единица во село Корешница, Демир Капија, каде што синоќа почина 11-годишно дете, штитеник на Специјалниот завод Демир Капија.
Како што информираат од обвинителството, починатото момче било згрижено во семеен дом пред еден месец, откако претходно било пронајдено како целосно запуштено живее само, во исклучително лоши услови во Охрид.
Откако беше пронајдено во Охрид, момчето со возило на Итната медицинска помош беше префрлено на детската клиника, а таму медицинска екипа му подготви соба во одделот за изолација.
По закрепнувањето, детето било згрижено во семеен дом.
Јавниот обвинител издаде наредба за обдукција на телото на починатото дете, во насока на откривање на причините за настанатата смрт.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
(Видео) Една година од масакрот во училиштето во Белград, беа убиени девет ученици и чуварот
Помина точно една година од трагедијата во училиштето „Владислав Рибникар“ во Белград, кога Коста Кецмановиќ вооружен со пиштолот на татко му уби девет ученици и чуварот на училиштето, а рани уште неколку.
На местото на трагедијата пристигнуваат се повеќе луѓе за да им оддадат почит на жртвите. Први пристигнале членовите на семејствата на убиените деца, а глетката пред училишната зграда никого не остава рамнодушен, објавија српските медиуми.
На посебно плато пред училиштето, каде се поставени фотографиите и имињата на убиените деца и чуварот, се оставаат цвеќиња и се палат свеќи.
И претседателот на Србија, Александар Вучиќ, утрово положи цвеќе во ОУ „Владислав Рибникар“.
„Помина една година од невидената трагедија која остави неизбришлива лузна на душата на целата земја, но болката, неверувањето и неизмерната тага не поминаа“, рече Вучиќ.
На 3 мај минатата година Коста дошол вооружен во училиштето и од влезната врата го започнал својот крвав поход, во кој животот го загубија девет деца и чуварот.
Откако го извршил масакрот повикал полиција и пријавил што направил.
Веднаш по трагедијата се одржа вонредна конференција на српското Министерство за внатрешни работи, на која беа соопштени деталите за она што се случи во училиштето „Владислав Рибникар“.
„Повикот дојде во 8 часот и 42 минути наутро, две минути по пријавувањето на случајот во полиција од страна на заменик директорот на ова училиште“, изјави началникот на белградската полиција Веселин Милиќ.
На таа конференција Милиќ изјави и дека К.К. еден месец го планирал злосторството. Тој го покажа и списокот што полицијата го пронашла во станот на момчето убиец, на кој биле испишани имињата на учениците кои планирал да ги убие.
Дополнително, како што тогаш беше кажано од највисоките функционери на српската полиција, К.К. имал и прецизен план на училиштето, со означен влез и излез.
Поради делото, Коста е во болница, а против татко му и мајка му, Владимир и Миљана Кецмановиќ во меѓувреме е покренато обвинение, со оглед на тоа што момчето-убиец во моментот на делото имало 13 години и затоа не е кривично одговорен.
Вишото јавно обвинителство во Белград соопшти дека обвинетиот Владимир Кецмановиќ во периодот пред трагедијата го научил својот син да пука во цели во форма на концентрични кругови и силуети на луѓе, да стои и да дише кога користи огнено оружје.
Против семејството Кецмановиќ се водат три граѓански постапки, а поднесени се вкупно пет тужби, меѓу кои и една кривична.
Македонија
„ДКСК да покрене постапка против Битиќи, бара од фирмите на кои им исплаќал државна помош да гласаат за него“, вели ВМРО-ДПМНЕ
„ДКСК да покрене постапка против Битиќи, бара од фирмите на кои им исплаќал државна помош да гласаат за него, им сугерира и број на гласачко ливче. По објавениот документ од кој се гледа како Битиќи бара од компании да го поддржат затоа што им исплаќал државна помош тој требаше да се повлече од политиката“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Фактот што Битиќи не само што не се повлече, туку и не се извини, говори како СДС и ДУИ ја заробија државата и како 100тина функционери управуваат со државата како да е нивен личен имот.
ДКСК не смее да чека, да отвори случај и да се отвори постапка и пред другите институции.
Злоупотребите на институциите мора да запрат. По 8ми мај ќе се стави крај ма ваквите практики, а таквите како Битиќи ќе се соочат со одговорност“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Свет
Израелските медиуми ги објавија трите барања на шефот на Хамас за ослободување на заложниците
Лидерот на палестинската исламистичка организација Хамас во Појасот Газа, Јехја ал Синвар, и понатаму има три барања во преговарачката понуда за договорот за заложниците, објавија медиумите.
Синвар сè уште бара загарантиран крај на војната, изјави синоќа за израелската телевизија Канал 12 извор близок до лидерот на Хамас. Израел тоа барање досега го отфрлуваше.
Синвар, наводно, сака писмена обврска за „безусловно прекинување на непријателствата“.
Според израелската телевизија, ал-Синвар побарал и Израел да не го спречува враќањето на Западниот Брег на палестинските затвореници кои треба да бидат ослободени во замена за заложниците земени од Израел.
Според последниот нацрт на договорот, Израел сака да ги испрати оние кои отслужуваат доживотна казна затвор во Појасот Газа или во странство.
Понатаму, лидерот на Хамас сака детали за материјалите што Израел нема да дозволи да бидат испорачани во Газа за реконструкција.
Според извештајот, во Израел се претпоставува дека Хамас нема да даде јасен негативен одговор на предлогот поради меѓународниот притисок. Египетските посредници, со поддршка на САД, во моментов се обидуваат да постигнат договор.
Милитантната исламистичка организација Хамас претходно објави дека повторно ќе испрати делегација во Египет за да ги заврши индиректните преговори со Израел за ослободување на заложниците и договор за прекин на огнот.
Египетската државна телевизија Ал-Кахира њуз објави дека делегација на Хамас треба да пристигне во Каиро во следните два дена за продолжување на преговорите.
Израелската влада најави дека во брзо време ќе започне офанзива во Рафах на југот на Појасот Газа, на границата со Египет, доколку не се постигне договор.