Македонија
Почна со работа Културно-социјалниот простор „Центар-Јадро“ во Центар
Во Општина Центар официјално започна со работа Културно-социјалниот простор (КСП) „Центар-Јадро“, прва институција од овој тип на цивилно-јавно партнерство во државата. Овој модел е втемелен на партнерство помеѓу локалната власт, Општина Центар и асоцијацијата „Јадро“ и претставува суштинска децентрализација на моќта и единствен пат кон создавање организациска и програмска автономија во дејствувањето во сферата на културата, во рамки на граѓанскиот сектор, но и пошироко.
Градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ, заедно со основачите и членовите на управувачките органи на „Центар-Јадро“, Искра Гешовска, Јане Чаловски, Теодор Целакоски и Јасмина Билаловиќ, го презентираа концептот и замислата на проектот, со што независната културна сцена, младите уметници и невладините организации добија нов, современо опремен простор за своите активности.
„За мене беше особено важен, кога првпат се запознав со идејата за центарот, фактот дека во потполност кореспондира со нашиот концепт и заложба, да бидеме отворени кон граѓаните, да создаваме инвентивни и прогресивни концепти, како и долгорочни одржливи модели, во рамките на општината со активна вклученост на заедницата. Само преку комуникација, размена на идеи и со здружени сили можеме општината Центар, а со тоа и градот Скопје да ги ставиме на мапата на современи урбани и прогресивни средини, ништо помалку од европските културни метрополи. Развојот на културата, како значајна општествена гранка, е важен сегмент во работата на локалната самоуправа, особено во урбани градски општини како оваа. Општина Центар се залага за задоволување на правата и потребите на граѓаните и се стреми за збогатување на културниот живот на заедницата“, изјави градоначалникот Богдановиќ на денешната прес-конференција.
„Центар-Јадро“ е резултат на заложбите на „Јадро“ – асоцијација на независната културна сцена, која од своето основање во 2012 година како непрофитна, инклузивна, партиципативна и застапувачка платформа, се стреми да го зајакне независниот културен сектор и неговото влијание врз креирањето и практикувањето на културните политики, со цел да ги поттикне процесите на демократизација во културата и пошироко, во општеството и во граѓанскиот сектор.
„На крајот на февруари 2020 ‘Центар-Јадро’ почна да функционира во својот простор, во рамки на урбаната заедница ‘Дане Крапчев’. Набрзо тимот го адаптираше поголемиот дел од своите програми во онлајн формат и со тоа установата беше една првите кои започнаа со реализација на програма во време на пандемијата на Ковид. Во рамки на годишната програма КСП ‘Центар-Јадро’ досега има реализирано над 20 активности од сопствената програма“, изјави директорката на КСП „Јадро-Центар“, Јасмина Билаловиќ.
Целиот процес на развој и реализација на коуправувачкиот модел, од основањето на асоцијацијата „Јадро“ до формирањето на установата од 2012 до денес, во различни фази, беше поддржан од: Швајцарска програма за култура во Западен Балкан, Фондацијата „Отворено општество Македонија“, Гете институт – Скопје, Министерството за култура на РС Македонија, Кооператива – Регионална платформа за култура, Амбасадата на Швајцарија во РС Македонија, Општина Центар и Град Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Посебен режим на сообраќај во Скопје за празникот Водици
На 19.01.2026 (понеделник) Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе воведе посебен режим на сообраќај за одредени сообраќајници во Скопје.
Во центарот на Скопје за сообраќај ќе биде затворена ул. „Филип Втори Македонски“ на потегот од крстосницата со бул. „Гоце Делчев“ до крстосницата со ул. „11 Октомври“ во двете насоки.
Во општина Ѓорче Петров за сообраќај ќе бидат затворени сообраќајницата од црквата „Свети Петар и Павле“, бул.„Партизански Одреди“ до ул.„Ѓорче Петров“, ул.„Ѓорче Петров“ до ул.„Васил Чакаларов“, како и од црквата „Свети Пантелејмон“, ул.„Козле“, дел од ул.„Васил Чакаларов“ до Железничкиот мост на реката Вардар. Во општина Аеродром за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон Горно и Долно Лисиче.
СВР Скопје апелира со сите учесници во сообраќајот да ги прочитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници.
Македонија
Утре локални врнежи од дожд, на планините снег
Утре на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините од снег. По одредени котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 6 степени, информира УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 5 степени.
За време на викендот на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места од снег.
Во поденелник и вторник има преодно стабилизирање на времето, а од среда повторно ќе има врнежи претежно од снег. Од утре до крајот на неделата има услови за појава на магла по одредени котлини. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.
Македонија
Министерството за здравство ги кани на соработка нашите лекари кои работат во странство
Министерството за здравство информира дека на веб-страницата на МЗ од денес е активиран електронски модул на кој лекарите кои моментално работат или специјализираат во странство може да изразат интерес за соработка со нашиот здравствен систем.
-Во рамки на нашите заложби за дигитализација во здравството, овој електронски модул претставува директен канал за стручна соработка со дијаспората, со цел полесно мапирање профили и експертизи кои може да придонесат во нашиот здравствен систем. Меѓусебната соработка со овие лекари е предвидено да опфати обуки, едукации, менторство, консултации или проектна поддршка, како и други стручни ангажмани. Во оваа прилика ги повикувам да се пријават нашите лекари кои работат во странски медицински центри, лекари кои се на специјализација или супспецијализација во странство, или лекари кои се ангажирани во странски академски и научно-истражувачки установи, потенцира министерот за здравство, Азир Алиу.
Пријавувањето се врши исклучиво преку електронскиот модул на веб-страницата на Министерството за здравство, по што Министерството ќе ги контактира лекарите за конкретна соработка што одговара на нивниот профил.
Во електронскиот модул насловен „Лекари од дијаспората“ предвидено е лекарите да пополнат повеќе лични и професионални податоци, детали за клучните области на експертиза, лиценци, сертификати, листа на публикации, како и сегменти на соработка за кои изразуваат интерес.

