Свет
ОН: Едно мртвороденче на секои 16 секунди
Речиси 2 милиони бебиња се мртвородени секоја година – или по едно на секои 16 секунди – според првите заеднички проценки за мртвородени деца објавени од УНИЦЕФ, Светската здравствена организација (СЗО), Групацијата на Светска банка и Одделот за население при Одделот за економија и социјални работи на Обединетите нации.
Според новиот извештај „Запоставена трагедија: Глобалниот товар на мртвороденчињата најголемиот број мртвороденчиња“, 84 проценти, се јавува во земји со ниски и пониски средни приходи, Во 2019 година 3 четвртини од мртвородените деца беа во Супсахарска Африка или во Јужна Азија. Во извештајот, мртвороденчето се дефинира како бебе родено без знаци на живот во 28-та или повисока недела од бременоста.
„Губењето на дете при раѓање или за време на бременоста е разорна трагедија за секое семејство, која честопати се преживува тивко, но се случува премногу често низ светот“, рече Хенриета Фор, извршен директор на УНИЦЕФ.
„На секои 16 секунди, некоја мајка некаде ќе претрпи неискажлива трагедија на мртвородено дете. Покрај загубата на живот, сериозни и долготрајни се психолошките и финансиските последици за жените, семејствата и општествата. За многу од овие мајки, едноставно не морало да биде така. Повеќето случаи на мртвородени деца можеле да се спречат со висококвалитетно следење, соодветна антенатална грижа и квалификуван придружник при породувањето“.
Во извештајот се предупредува дека пандемијата со Ковид-19 може да го влоши глобалниот број на мртвороденчиња. Намалување од 50% на здравствените услуги поради пандемијата може да предизвика уште речиси 200.000 мртвородени деца во период од 12 месеци во 117 земји со низок и со среден приход. Ова одговара на зголемување на бројот на мртвородени деца за 11,1 процент. Според моделирањето направено за извештајот од истражувачите при Факултетот за јавно здравство „Џонс Хопкинс Блумберг“, 13 земји може да забележат пораст од 20% или повеќе на бројот на мртвороденчиња во период од 12 месеци.
Повеќето случаи на мртвородени деца се должат на слаб квалитет на грижа за време на бременоста и породувањето. Недостигот на инвестиции во антенатални и интрапартални услуги и во оспособување на медицински сестри и акушерки се клучните предизвици, се вели во извештајот.
Над 40 проценти од мртвороденчињата се јавуваат при породувањето – загуба што може да се избегне доколку има обучен здравствен работник при породување и навремена итна акушерска нега. Околу половина од случаите на мртвородени деца во Супсахарска Африка и Централна и Јужна Азија настапуваат при породувањето, во споредба со 6 проценти во Европа, Северна Америка, Австралија и Нов Зеланд.
И пред пандемијата да предизвика големи нарушувања во здравствените услуги, малку жени во земјите со ниски и средни приходи добиваа навремена и квалитетна грижа со која би се спречиле мртвородени деца. Половина од 117 земји анализирани во извештајот имаат покриеност што се движи од најмалку 2% до најмногу 50% за 8 важни здравствени интервенции кај мајките, како што се царски рез, превенција на маларија, контрола на хипертензија во бременоста и откривање и лекување на сифилис. Се проценува дека помалку од половина од бремените жени, на кои тоа им е потребно, се опфатени со асистирано вагинално породување – критична интервенција за спречување на мртвородени деца при породувањето.
Како резултат, и покрај напредокот на здравствените услуги за спречување или лекување на причините за смрт на дете, намалувањето на стапката на мртвороденчиња оди бавно. Од 2000 до 2019 година годишната стапка на намалување изнесуваше само 2,3 проценти, во споредба со 2,9 проценти намалување на неонаталната смртност и 4,3 проценти на смртноста кај децата на возраст од 1 до 59 месеци. Сепак, можен е напредок со цврсти политики, програми и инвестиции.
„Донесувањето бебе на свет треба да претставува оргомна радост, но секојдневно, илјадници родители доживуваат неподнослива тага зашто бебињата им се родиле мртви“, рече д-р Тедрос Адханом Гебрејесус, генерален директор на СЗО.
„Трагедијата на мртвородено дете покажува колку е суштински важно да се зајакнат и да се одржат неопходните здравствени услуги и колку е критично да се инвестира повеќе во медицински сестри и акушерки“.
Во извештајот се забележува и дека мртвороденчињата не се предизвик само за сиромашните земји. Во 2019 година 39 земји со висок приход имале поголем број мртвородени деца од смртни случаи кај новороденчиња, а 15 земји имале поголем број мртвородени деца отколку смртни случаи кај мали деца. Степенот на образование на мајката е еден од најголемите двигатели на нееднаквост во земјите со висок приход.
Како во услови на низок, така и во услови на висок приход, стапките на мртвороденчиња се повисоки во руралните отколку во урбаните области. Социоекономскиот статус е поврзан и со поголема инциденца на мртвородени деца. На пример, во Непал, жените од малцинските касти имале стапки на мртвороденчиња од 40 до 60 проценти повисоки отколку жените од повисоките касти.
Етничките малцинства, особено во земјите со висок приход, може да немаат доволно квалитетна здравствена заштита. Во извештајот се цитира дека на пример, кај популацијата на Инуитите во Канада, забележани се стапки на мртвороденост скоро трипати поголеми во однос на остатокот од Канада, а Афроамериканките во Соединетите Американски Држави имаат скоро двојно поголем ризик од мртвородено во споредба со белите жени.
„Ковид-19 активира разорна второстепена здравствена криза за жените, децата и адолесцентите поради нарушувањата во здравствените служби кои спасуваат живот“, рече Мухамед Али Пате, глобален директор за здравство, исхрана и население при Светска банка и директор на Глобалниот финансиски инструмент за жени, деца и адолесценти.
„Бремените жени имаат потреба од постојан пристап до квалитетна грижа во текот на целата бременост и при породувањето. Ние ги поддржуваме земјите во зајакнување на нивните здравствени системи за да се спречат мртвородени деца, а секоја бремена жена да има пристап до квалитетни здравствени услуги“.
Северна Македонија е меѓу првите три земји во светот со најголем процентен пад на стапката на мртвородени деца (62) во периодот меѓу 2000 и 2019 година и покажува најдобри резултати во Европа, Северна Америка, Австралија и Нов Зеланд. Анализата на податоците вклучена во извештајот покажува дека стапката на мртвородени деца во Северна Македонија опаднала од 10,8 мртвородени на вкупно 1.000 раѓања во 2000 година, понатаму на 6,2 во 2009 година и на 4,1 во 2019 година.
Во Северна Македонија, УНИЦЕФ заедно со Светската здравствена организација (СЗО) и Фондот за население на ОН (УНФПА) го поддржуваат Министерството за здравство да ги зајакне капацитетите на здравствените работници за ефективна перинатална грижа, да го осовремени националниот систем за собирање податоци, и да обезбеди соодветна пренатална грижа, прегледи и посети за сите бремени жени низ земјата – особено за жените што живеат во руралните средини.
Во изминатите три години, земјата инвестираше во подобрување на системите за транспорт со цел да обезбеди пристап и брз трансфер до одделенијата за неонатална интензивна нега во случај на компликации и ја поддржа Националната работна група за перинатална смртност да спроведе систематски ревизии на случаите на перинатална смрт. Изработен е Генерален (мастер) план за перинатална грижа до 2030 г. кој вклучува планови за натамошно зајакнување на здравствениот систем и обезбедување најдобри услуги за бремените жени и новороденчињата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Кралот Чарлс ја поддржува истрагата за врските на неговиот брат Ендру со Џефри Епстин
Бакингемската палата денеска соопшти дека кралот Чарлс Трети ќе ѝ даде поддршка на британската полиција која ги испитува наводите дека поранешниот принц Ендру му проследувал доверливи информации на осудениот сексуален престапник Џефри Епстин.
Соопштението следува откако полицијата потврди дека ги разгледува тврдењата според кои Ендру Маунтбатен-Виндзор во 2010 година му испраќал на Епстин извештаи поврзани со трговија.
Полицијата од областа Темз Вели, која е надлежна за регионите западно од Лондон, вклучително и Виндзор каде што се наоѓала поранешната резиденција на членот на кралското семејство, покренала истрага по медиумските објави за мејлови што укажуваат дека тогашниот принц му испраќал на Епстин извештаи од својата турнеја во Југоисточна Азија во 2010 година, кога бил британски пратеник за меѓународна трговија.
Кабинетот на принцот Вилијам соопшти дека тој е „длабоко загрижен“ поради откритијата што произлегуваат од американската истрага поврзана со починатиот сексуален престапник.
Свет
Маск: САД 1.000 посто ќе банкротираат без вештачка интелигенција и роботи
Извршниот директор на „Тесла“, Илон Маск, предупреди дека експлозијата на американскиот јавен долг може да доведе до финансиски колапс на САД доколку вештачката интелигенција и роботиката не ја трансформираат економијата, јавува „Форбс“
Во интервју за подкастерот Дваркеш Пател, Маск изјави дека без масовна примена на ВИ и роботи, САД „1000% ќе банкротираат“. Тој посочи дека јавниот долг достигнал 38,5 билиони долари, а каматите изнесуваат околу еден билион долари годишно, што веќе го надминува воениот буџет.
Маск објасни дека неговата поддршка за кратење на државната потрошувачка, додека го водел Одделот за ефикасност на владата (DOGE), имала цел да се забави „неодржливата фискална траекторија“ и да се добие време додека новите технологии го поттикнат економскиот раст.
Тој предупреди дека масовната автоматизација може да доведе и до силна дефлација, бидејќи производството на добра и услуги би растело побрзо од паричната маса.
Сепак, експертите посочуваат дека САД имаат предности – доларот е светска резервна валута, а Министерството за финансии може да се задолжува по релативно ниски каматни стапки. Комитетот за одговорен федерален буџет предупреди дека, иако е невозможно да се предвиди точен момент, некаква фискална криза е речиси неизбежна доколку не се промени насоката на фискалната политика.
Свет
Соработничката на Епстин бара помилување од Трамп за да сведочи пред Конгресот
Партнерката на американскиот финансиски магнат и осуден сексуален престапник Џефри Епстин, Гилен Максвел, е подготвена да сведочи пред Комитетот за надзор на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес доколку ѝ биде одобрено помилување или намалување на казната од страна на претседателот на САД, Доналд Трамп, соопшти нејзиниот адвокат, Дејвид Маркус.
Претходно, Максвел одби да сведочи, повикувајќи се на уставното право да молчи и одбивајќи да одговара на прашањата на членовите на комитетот.
„Ако овој комитет и американската јавност навистина сакаат да ја слушнат нефилтрираната вистина за тоа што се случило, постои едноставен пат. Госпоѓа Максвел е подготвена да зборува целосно и искрено ако претседателот Трамп ѝ одобри помилување“, напиша Маркус на социјалната мрежа Икс.
Како причина за одбивањето да сведочи, одбраната наведе дека е во тек постапка за преиспитување на законитоста на пресудата, тврдејќи дека осудителната пресуда се темели на „фундаментално неправедно судење“.
Во соопштението се наведува и дека дел од поротниците за време на изборот на поротата дале неточни изјави за да бидат избрани, како и дека администрацијата наводно ветила имунитет, кој потоа бил прекршен – нешто што, според адвокатот, го потврдуваат новообјавените документи.
„Само таа може да даде целосен приказ на настаните. Вистината е важна, дури и ако на некого не му се допаѓа“, наведува Маркус, додавајќи дека ниту Трамп ниту поранешниот претседател Бил Клинтон „не учествувале во никакви незаконски дејствија“ и дека Максвел може да објасни зошто.
Претседавачот на Комитетот за надзор, републиканецот Џејмс Комер, ја оцени одлуката на Максвел да се повика на правото на молчење како „многу разочарувачка“, истакнувајќи дека пратениците имале бројни прашања за кривичните дела и можните соучесници.
Демократите во комитетот ја обвинија Максвел дека се обидува да „купи помилување“ со одбивањето да сведочи.
Според Си-Ен-Ен, Трамп досега не ја исклучил можноста да ѝ одобри помилување или намалување на казната.
Трамп и Клинтон, чии имиња се појавуваат во документите објавени од американското Министерство за правда, негираа било каква вмешаност во незаконски активности поврзани со Епстин.
Гилен Максвел во 2021 година беше прогласена за виновна за улогата во сексуалното злоупотребување малолетнички организирано од Епстин и беше осудена на 20 години затвор.
Џефри Епстин во 2019 година беше обвинет пред федерален суд во Менхетен за трговија со малолетници со цел сексуална експлоатација. Тој беше пронајден обесен во својата ќелија додека го чекаше судењето, а неговата смрт официјално беше прогласена за самоубиство.

