Спорт
Роналдо одбил да седи во изолација, Јуве го пријавил кај обвинител?
Според италијанскиот весник „Ла газета дело спорт“, Кристијано Роналдо, бил првиот фудбалер на Јувентус што го прекинал „меурот“ во кој биле поставени фудбалерите минатиот викенд за време на контроверзното одложување на мечот со Наполи.
Јуве бил во „меур“ во „Ј хотелот“ покрај нивниот тренинг-центар „Ла Континаса“ откако двајца членови на надворешниот тим биле позитивни на Ковид-19 во саботата. Роналдо не се согласил да остане во хотелот до среда бидејќи така би бил спречен да игра во пријателскиот меч на Португалија со Шпанија.
Роналдо и остатокот од тимот имале два негативни теста на Ковид-19, но според протоколот на Италијанската фудбалска федерација, морало да имаат уште еден негативен тест во следните денови за да може да заминат од изолација.
Весникот тврди дека ЦР7 гласно се расправал со директорите и соиграчите и решил да си замине директно од соблекувалната на „Алијанц стадионот“ кога станало јасно дека мечот со Наполи нема да се одигра. Роналдо заминал дома кај семејството пред следниот ден да замине за Португалија.
По него, Пауло Дибала, Хуан Квадрадо, Данило, Родриго Бентанкур и Мерих Демирал го следеле неговиот пример и им се приклучиле на своите репрезентации, а Џиџи Буфон си заминал дома.
„Бјанконерите“ ги информирале здравствените власти на Пиемонт за оваа одлука и се верува дека тие директно ќе ги известат локалните обвинители со имињата на фудбалерите што си заминале од изолација. Остатокот од тимот останал во „меурот“ до средата кога завршил периодот на изолација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Ферстапен и оваа година најмногу заработил во Ф1
Холандскиот возач во кокпитот на Ред Бул, до неодамна светски шампион Макс Ферстапен и оваа година како најплатен во „најбрзиот циркус“.
Магазинот „Форбс“ ја објави листата на најплатени во Формула 1 и четврта година по ред, сите гледаат „во ретровизорот“ во четирикратниот светски шампион, барем кога станува збор за заработката. Практично, Макс забаработи речиси исто како и минатата година.
Неговата годишна плата е зголемена од 60 на 65 милиони долари, со фактот дека тој добива и бонуси, кои овој пат изнесуваат 11 милиони, што е пад во споредба со претходната сезона кога собра повеќе на својата бонус сметка кога беше шампион – 15 милиони.
Вкупно, Ферстапен заработи 76 милиони долари само оваа година, еден милион помалку од претходната година.
На второ место по заработка е Британецот Луис Хамилтон со 70 милиони долари годишна заработка, што е за 15 милиони повеќе отколку што имаше пред да се пресели од Мерцедес во Ферари. Хамилтон, поради лошата сезона стана без договорените бонуси.
Како што се очекуваше, пилотите на Мекларен, Ландо Норис, како нов шампион, и Оскар Пјастри, трет во генералниот пласман, собраа најмногу пари за постигнатиот резултат во штотуку завршената сезона.
Дури 39,5 милиони долари му припаднаа на Ландо како бонус за освојување на титулата. Со бонусот и платата тој годината инкасира 57,5 милиони вкупно.
Пјастри, исто така, се искачи на листата на најплатени возачи, поместувајќи се од седмото место минатата година на четвртото место на крајот од оваа година – неговата заработка е 37,5 милиони. Третина од оваа сума е од бонусот.
Шарлс Леклер (Ферари, 29,5 милиони долари), Фернандо Алонсо (Астон Мартин, 26,48 милиони долари), Џорџ Расел (Мерцедес, 25,93 милиони долари), Ленс Строл (Астон Мартин, 13,3 милиони долари), Карлос Саинц (Вилијамс, 12,8 милиони долари) и Кими Антонели (Мерцедес, 12,6 долари) се зад споменатата четворка.
На листата Топ 10 на најплатените се наоѓаат две имиња кои не беа во ова друштво претходната година, тоа се Ленс Строл од Астон Мартин и Андреа Кими Антонели од Мерцедес.
Вкупно, 363 милиони долари поделија десетте најплатени возачи во Формула 1, што е зголемување од дури 15% во споредба со претходната година.
Foto/ depositphotos
Спорт
Рома го сака напаѓачот на Манчестер Јунајтед
Рома е заинтересирана да го потпише холандскиот напаѓач на Манчестер Јунајтед, Џошуа Зиркзе.
Според италијанските медиуми, Рома сака да го потпише 24-годишниот напаѓач оваа зима. Англичаните наводно се подготвени да го испратат Зиркзе во Рим во јануари, но под услов договорот да содржи откупна клаузула, за која се шпекулира дека е во износ од 25 милиони евра.
Холанѓанецот веќе играше во Италија, од 2022 до 2024 година за Болоња, а во 2021 година за Парма. Тој се пресели од Болоња на „Олд Трафорд“ за 40 милиони евра, но не се снајде добро во Премиер лигата.
Тој започна само три натпревари во Премиер лигата оваа сезона. Вкупно, одигра 345 минути и постигна еден гол.
Foto/ depositphotos
Спорт
Пет екипи веќе обезбедија место во нокаут фазата во ЛШ
Синоќа е комплетирано шестото коло во Лигата на шампионите. По шест одиграни натпревари, само двата водечки тима, лондонски Арсенал и минхенски Баерн, ја обезбедија европската пролет во најелитното клупско натпреварување.
Арсенал е единствениот тим со максимален учинок по шест одиграни кола, зад нив е Баерн со еден пораз и 15 поени. „Топџиите“ и Баварците заедно со ПСЖ, Манчестер Сити и Аталанта се единствените кои обезбедија место во Топ 8 или барем во плејофот од нокаут фазата на Лигата на шампионите.
Најлошата можна позиција на која Арсенал може да заврши е 9-то место, додека Баерн не може да биде пониско од 18-то место. ПСЖ, Сити и Аталанта не можат да паднат под 23-то место на табелата.
Сите други сè уште не се сигурни, односно мора да освојат бодови за да дојдат до нокаут рундата.
Во Лигата на шампионите сега следува пауза до јануари, за кога се закажани последните две кола, седмото (20 и 21 јануари) и осмото (28 јануари).
Еве ги двојките од претпоследното седмо коло:
20 јануари: Каират – Клуб Бриж, Боде/Глимт – Манчестер Сити, Копенхаген – Наполи, Интер – Арсенал, Олимпијакос – Баер Леверкузен, Реал Мадрид – Монако, Спортинг Лисабон – Пари Сен Жермен, Тотенхем – Борусија Дортмунд, Виљареал – Ајакс и Галатасарај – Атлетико Мадрид.
21 јануари: Карабаг – Ајнтрахт Франкфурт, Аталанта – Атлетик Билбао, Челзи – Пафос, Баерн – Унион Сан Жилоа, Јувентус – Бенфика, Њукасл – ПСВ Ајндховен, Олимпик Марсеј – Ливерпул, Славија Прага – Барселона.
Сите натпревари од последното осмо коло се играат во ист ден (среда, 28 јануари) во исто време (21 часот).
Ајакс – Олимпијакос, Арсенал – Каират, Монако – Јувентус, Атлетик Билбао – Спортинг Лисабон, Атлетико Мадрид – Боде/Глимт, Баер Леверкузен – Виљареал, Борусија Дортмунд – Интер, Клуб Бриж – Олимпик Марсеј, Ајнтрахт – Тотенхем, Барселона – Копенхаген, Ливерпул – Карабаг, Манчестер Сити – Галатасарај, Пафос – Славија Прага, Пари Сен Жермен – Њукасл, ПСВ Ајндховен – Баерн, Унион Сент Жилоа – Аталанта, Бенфика – Реал Мадрид и Наполи – Челзи.
Foto/ EPA

