Македонија
Инспекторатот изврши 523 контроли во угостителски објекти за почитување на мерките
Во текот на вчерашниот ден, 9 октомври, од страна на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) во повеќе градови во државата се извршени вкупно 524 контроли и 26 надзори во угостителски објекти.
Контролите се вршени по основ на придржување на објектите на пропишаните здравствени протоколи и пропишаното работно време.
При тоа, утврдени се неправилности во четири угостителски објекти, коишто ги прекршиле протоколите. Поточно, во три објекта во Скопје и во еден објект во Битола, за што ДПИ ќе поднесе кривични пријави.
Исто така, затекнати се два нерегистрирани објекти во Битола и Дебар, и еден објект во Скопје кој не го почитувал пропишаното работно време за што ќе се спроведе прекршочна постапка. Воедно изречени се две мерки за прекршок според Законот за угостителство на два угостителски објекти во Дебар и Скопје.
Поединечно по градови, во Скопје се извршени седум надзори, 230 контроли, при што ДПИ изрече три кривични пријави, една прекршочна пријава и една мерка едукација (прекршок по Закон за угостителска дејност). Во Битола ДПИ спроведе два надзори, 15 контроли, и изречени се една кривична пријава, и затекнат еден нерегистриран објект. Во Дебар, се извршени 7 надзори, затекнат е еден нерегистиран објект и изречена е една мерка за прекршок по Закон за угостителство.
Останатите надзори и контроли се спроведени во Прилеп, Делчево Кочани, Свети Николе, Струмица, Гевгелија, Тетово, Гостивар, Охрид, Струга и Куманово, при што од страна на ДПИ не се констатирани прекршувања на протоколите.
Со оглед на тоа дека од денеска заклучно со понеделник (12.10.2020) трае викендот без ДДВ, инспекциските служби на ДПИ во текот на денешниот ден и следните денови се постојано на терен и спроведуваат интензивни контроли, не само во делот на почитување на здравствените КОВИД протоколи , туку и во делот на тоа дали цените на производите воведени во трговските книги на трговците, соодветствуваат со истакнатите цени на производите, со цел да се спречат можни манипулации со цените на производите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Андоновски: Со бесплатните Wi-Fi зони и електронските уреди го надминуваме дигиталниот јаз меѓу студентите
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денеска оствари работна посета на Филозофскиот факултет во Скопје, каде заедно со деканот Оливер Бакрески ја потврдија досегашната успешна соработка преку потпишување Меморандум за соработка и ја претставија новата бесплатна интернет зона наменета за студентите.
„Можам да најавам дека ова е првата ваква зона која Министерството за дигитална трансформација ја обезбедува од сопствени средства. Вакви зони ќе предвидиме и во студентските домови каде што постои потреба, како и на останатите факултети и универзитети. Најмногу се фокусираме на просторот каде што се присутни најмногу студенти и професори,“ изјави Андоновски.
Министерот се осврна и на проектот за ваучерите за електронски уреди за студенти, за кој што рече дека со овие два проекти се овозможува надминување на дигиталниот јаз кој што постои меѓу студентите.
Во рамки на посетата, тој се обрати и пред студентите, потенцирајќи дека државата и Владата веруваат во нивните способности и им даваат безрезервна поддршка. Тој ги охрабри студентите да ја користат секоја можност, да учат, да напредуваат и да созреваат, бидејќи „тие се иднината која треба да ја води Македонија напред“.
Македонија
СДСМ обвинува за тендерски скандал: Вториот вработен во фирмата со договори од 9 милиони евра бил поврзан со УБК и уништувањето на опремата за прислушување
На прес-конференција портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, обвини дека власта продолжува со, како што рече, „криминални тендерски шеми“. Таа посочи дека вториот вработен во фирмата која добила тендери од речиси 9 милиони евра за само шест месеци е Глигор Поцев.
Кузеска наведе дека Поцев бил сведок во случајот „Таргет–Тврдина“ за уништувањето на опремата за масовно прислушување, како тогашен вработен во УБК во периодот на Сашо Мијалков. Таа нагласи дека токму фирмата во која тој сега работи склучила рамковна спогодба со Владата за софтверски лиценци за виртуелна платформа.
„Како лица кои биле дел од разузнавачки структури, поврзани со процеси за уништување на опремата за прислушување, денес повторно се во игра за милионски тендери за софтвери?“, праша Кузеска, додавајќи дека изборот на истите кадри од „тој период“ не може да биде случаен.
Таа оцени дека скандалот со тендери вредни 9 милиони евра, дадени на фирма со само две лица и формирана пред една година, покажува дека кај Мицкоски се применуваат „истите методи“ како во времето на Никола Груевски и Сашо Мијалков.
„Методите се исти – милионски тендери за фирми со сомнителна историја, целта е богатење на партијата и поединци од врвот на власта“, изјави Кузеска.
СДСМ побара институциите да спроведат истрага и да утврдат одговорност, истакнувајќи дека „овие дела не застаруваат“ и дека, како што рече, „одговорност мора да има и ќе има“.
Кузеска заклучи дека „работата сè уште не е завршена“.
Македонија
Штрајк на земјоделците ја блокира грчката страна на граничниот премин Дојран
Сообраќајот на граничниот премин Дојран од грчка страна денеска е блокиран од 10.30 до 12.30 часот поради штрајк на земјоделците, соопштија надлежните служби.
Прекинот важи за сите видови возила.

