Економија
Заев: Далекуводот Неокази-Пробиштип носи бројни придобивки за граѓаните
Премиерот, Зоран Заев, го означи стартот на работа на далекуводот Неокази – Пробиштип, и заедно со министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски и генералната директорка на АД МЕПСО, Ева Шуклева ја истакнаа важноста на оваа успешно завршена инфраструктурна инвестиција.
Премиерот Заев истакна дека со денешното пуштање во работа на втората делница на далекуводната врска меѓу трафостаниците Неокази и Пробиштип, која е дел од новоизградениот 110 kV далекувод, на дело се покажува дека се реализираат ветените развојни проекти.
„Денешната посета има за цел да ја потенцира нашата заложба за инвестиции во енергетската инфраструктура кои на долг рок значат подобрување на животниот стандард. Со реализација на овој проект, ја јакнеме преносната мрежа и создаваме погоден инфраструктурен амбиент за сите потенцијални инвеститори кои можат и знаат како да ги искористат економските потенцијали на овој регион. Оваа инвестиција, ќе донесе бројни придобивки како за населението, така и за реалниот сектор. Новата и модернизирана дистрибутивна мрежа значи инвестиција во подобро утре и олеснување на животот и работата на населението од источниот дел на земјата“, изјави премиерот Заев и додаде дека со оваа капитална инвестиција, во вредност од 2,45 милиони евра, создадени се услови за целосна енергетска функционалност на индустриската зона Неокази, во која веќе има еден голем инвеститор од метало-преработувачката индустрија.
Министерот Бочварски посочи дека инвестициите во електро-преносниот систем се од клучно значење за севкупниот стопански развој на државата, со цел Владата да стимулира економски раст и одржување на стабилност во енергетскиот сектор.
Директорката Шуклева рече дека oд енергетски аспект, АД МЕПСО со новата инвестиција ги сведува на минимум трошоците за одржување на опремата и што е поважно – ризиците од испади во електропреносната мрежа.
„Новата опрема за управување во трафостаницата Неокази овозможува локално и далечинско командување. Инсталиран е локален SCADA систем кој освен што овозможува командување од командно-контролниот пункт во трафостаницата, овозможува и далечински надзор и управување во реално време со трафостаницата од Националниот диспечерски центар во Скопје. Во оваа трафостаница се инсталирани и ставени во функција и нови системи за мерење на електричната енергија, систем за релејна заштита, како и нов систем за сопствено напојување со кој се обезбедува непрекинато напојување на опремата со цел истата да се управува и во услови на безнапонска состојба“, изјави Шуклева.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
„Алкалоид“ со бизнис план за 2026: продажба од 361 милион евра и раст на добивката
АЛКАЛОИД АД Скопје во својот Бизнис-план за 2026 година предвидува консолидирани приходи од продажби од околу 361 милион евра, што претставува раст од 7 отсто во однос на очекуваните резултати за 2025 година.
Според планот, 91 отсто од продажбите ќе се реализираат преку профитниот центар Фармација, додека 9 отсто ќе отпаѓаат на Хемија, козметика и билкарство. Компанијата очекува 34 отсто од приходите да бидат остварени на домашниот пазар, а 66 отсто преку извоз.
Планираните финансиски резултати предвидуваат раст од 8 отсто на консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (EBITDA), како и раст на консолидираната нето-добивка од најмалку 7 отсто во однос на 2025 година.
Во делот на инвестициите, Алкалоид најавува вложувања од околу 8 отсто од консолидираните приходи, продолжувајќи ја долгорочната инвестициска стратегија, во чии рамки во изминатите две децении се инвестирани повеќе од 250 милиони евра. Фокусот и натаму останува на модернизација на производствените капацитети и усогласување со најсовремените GMP-стандарди.
Бизнис-планот за 2026 година предвидува и зголемување од најмалку 10 отсто на издатоците за истражување и развој, со цел натамошно унапредување на генеричкото и патентираното портфолио на компанијата.
Во рамки на ESG-стратегијата, Алкалоид ќе продолжи со интеграција на еколошките, социјалните и управувачките стандарди во сите сегменти од работењето. Паралелно, компанијата планира околу 50 нови вработувања во 2026 година и натамошни вложувања во човечкиот капитал.
Акциите на Алкалоид остануваат меѓу најликвидните на Македонската берза, со раст на просечната цена од 24 отсто во 2025 година, додека дивидендната политика ќе продолжи во согласност со остварените резултати и инвестициските потреби.
Бизнис-планот за 2026 година е усвоен од Управниот одбор на компанијата на седница одржана на 29 декември 2025 година.
Економија
Зголемени цените во индустријата во ноември
Продажните цени на производителите на индустриски производи на домашниот пазар во ноември 2025 година се зголемени за 0,3 отсто во однос на претходниот месец, соопшти Државниот завод за статистика.
Месечниот раст на цените е забележан кај интермедијарните производи, освен енергија, каде што има зголемување од 0,5 отсто, како и кај трајните производи за широка потрошувачка, кои пораснале за 3,0 отсто.
На годишно ниво, односно во споредба со ноември 2024 година, продажните цени на производителите на индустриски производи на домашниот пазар се зголемени за 4,6 отсто. Во овој период, раст на цените е регистриран кај енергијата за 6,9 отсто, кај интермедијарните производи, освен енергија за 4,2 отсто, како и кај нетрајните производи за широка потрошувачка, каде што е забележано зголемување од 4,4 отсто.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,23% во однос на одлуката од 22.12.2025 година.
Од 30.12.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 70,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 72,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 65,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 64,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 33,649 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 1,042 ден/кг и сега ќе изнесува 33,649 ден/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 1,908%, кај дизелот за 1,970%, кај екстра лесното масло за 1,282% и кај мазутот зголемувањето е за 5,201%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,1801%.

