Македонија
(Видео) Арсовски: Лидија Димова да си даде оставка веднаш – да не се остава време да се чистат докази
Три дена молк од Јавното обвинителство за случајот со 270.000 евра доделени на фризерница. Лидија Димова како актуелна директорка на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, изминативе 3 години е загушена во криминал. Дали од тендери, дали од набавка на луксузни возила, џипови, дали од доделување на грантови загушена е во криминал, а се уште ЈО нема преземено никаков чекор, обвини портпаролот на ВМРО-ДПОМНЕ, Димче Арсовски.
„ Цели 3 години се читаат и слушаат скандали низ медиумите со докази за проневери и сомнежи за криминал поврзани со Лидија Димова, а се уште јавното обвинителство и финансиска полиција молчат.
Замислете, фризерница која земала 270.000 евра за едукација за медиумска писменост, во 2017 година има завршна сметка со нето добивка од 3.000 денари, а веќе 2018 година откако почнува соработката со Лидија Димова и грантовите, истата фризерница има нето добивка од 2.700.000 денари или фризерница со две столчиња има добивка околу 43.000 евра добивка. Ова е пораст од 2017 во однос 2018 од 85.000% на добивката.
Неверојатно е како луксузни салони за разубавување не заработуваат толку огромни суми на пари, а не оваа берберница со 2 столчиња. Но, и покрај ваквите сомнежи, ниту Јавното обвинителство, ниту било кој нема да се осмели да покрене било каква постапка. Од едноставна причина затоа што ги штити Зоран Заев и Лидија Димова и сите останати.
Ова ќе биде, по се изгледа, уште еден случај каде што има сомнеж за директор на значен од Зоран Заев и СДСМ, близок директор на Зоран Заев каде злоупотребуваат службена должност, јавното обвинителство и Заев го штитат.
Лидија Димова да си даде оставка веднаш! Ваков директор не смее да ја води оваа институција. Секој поминат ден како директор во институцијата е ден повеќе да прикрива докази и сокрива документација истото како што се случуваше од Катица Јанева во СЈО“ порача Арсовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Трето судење за „Пулс“: нов обид за воведни зборови на одбраната
Судењето за дискотеката „Пулс“, во која загинаа 63 лица и речиси 200 беа повредени, продолжува денеска со трето рочиште. Се очекуваат воведните зборови од одбраната, кои требаше да почнат минатата недела, но бранителите на обвинетите побараа интегрираниот обвинителен акт, покрај тоа што судот им го испратил ним како бранители, и официјално да им го испрати и на обвинетите оти, како што рече Петре Шилегов, адвокат на еден од обвиннетите, не е работа на бранителите да бидат судски доставувачи.
Судијката Диана Груевска-Илиевска ги одложи воведните зборови за следно судење и остави рок од шест дена за судска достава на интегрираните обвиненија и до обвинетите.
Откога не почна со воведни зборови, на рочиштето од минатата недела судијката Груевска-Илиевска побара оштетените да се изјаснат за отштетни побарувања. Но, и оваа постапка не можеше до крај да биде завршена бидејќи немаше адреси од сите оштетени, па уште на рочиштето од минатата недела побара нова листа со имејлови од сите оштетени и најави дека во истиот рок од шест дена, во кој треба да се достават интегрираните обвиненија и на обвинетите, ќе се доставуваат и известувања до сите оштетени дека треба да се појават на судење за да се изјаснат за отштетни побарувања.
Иако судијката Груевска-Илиевска најави динамика од две судења неделно, поради недостигот од адреси од оштетените и поради неиспратените интегрирани обвиненија до обвинетите, мораше едното судење да го одложи и затоа судењето продолжува денеска.
За трагедијата во „Пулс“ обвинети се 35 физички и три правни лица. Судењето почна на 19 ноември со воведни зборови од одбраната.
Македонија
Дел од Карпош денеска без струја
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН Македонија АД, информира дека: поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска, без електрична енергија ќе останат:
· од 11:00 до 15:00 часот, корисниците на ул. Хелсинки од бр. 22 до бр. 36, општина Карпош.
Македонија
Следува период на претежно облачно време со повремени локални врнежи од дожд
Времето денеска ќе биде променливо облачно со слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Претпладне по одделни котлини ќе има појава на слаба магла. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има повремени локални врнежи од дожд. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 5, а максималната ќе достигне од 8 до 15 степени.
Во Скопје, претежно облачно со слаб јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на серија од влажни воздушни бранови од денеска во вечерните часови следува период на претежно облачно време со повремени локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во западните и јужните делови. На некои од повисоките планини врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Минималните температури ќе бидат насекаде позивитивни.

