Свет
Баку: Сè уште има напнатост во делови од фронтот во Нагорно-Карабах
Ситуацијата во некои делови од фронтот во зоната на конфликт околу Нагорно-Карабах останува напната, објави денеска Министерството за одбрана на Азербејџан, пренесува ТАСС.
„Општата состојба во насоките Агдере-Агдам и Физули-Хадрут на фронтот остана напната ноќта кон 13 октомври. Единиците на ерменските вооружени сили се обидоа да ги нападнат позициите на азербејџанската армија од некои насоки во мали групи“, се вели во извештајот.
Во него се додава дека азербејџанските единици уништиле големо количество непријателска опрема вклучувајќи три повеќеракетни лансери „БМ-21 град“, еден ракетен систем за противвоздушна одбрана „Тор-М2КМ“, самоодни противвоздушни митралези „шилка“ и три беспилотни летала.
„Азербејџанската армија го набљудува хуманитарниот прекин на огнот и одржува оперативна предност по целата линија на фронтот“, соопшти Министерството за одбрана.
На разговорите што се одржаа во Москва на иницијатива на Русија, Баку и Ереван се договорија за хуманитарен прекин на огнот, кој стапи во сила на 10 октомври во 12 часот по локално време со цел размена на притворените лица и телата на убиените во борбите.
На 27 септември Баку објави дека позициите на азербејџанската армија се интензивно гранатирани од Ерменија. Ереван, од своја страна, тврдеше дека вооружените сили на Азербејџан почнале офанзива во правец на Нагорно-Карабах гранатирајќи ги населените места на непризнатата република, вклучително и главниот град Степанакерт.
Двете страни пријавија жртви и меѓу цивилното население. Ерменските власти прогласија воена состојба и најавија мобилизација. Азербејџан воведе воена состојба на целата територијата.
Конфликтот меѓу Ерменија и Азербејџан за планинскиот регион Нагорно-Карабах, спорна територија што беше дел од Азербејџан пред распадот на Советскиот Сојуз, но главно населена со етнички Ерменци, избувна во февруари 1988 година кога автономниот регион Нагорно-Карабах најави повлекување од Советската Социјалистичка Република Азербејџан.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Објавени имињата на сопружниците кои загинаа враќајќи се од Германија, братот на починатиот е во кома
Во тешка сообраќајна несреќа што се случи рано утрово на автопатот Белград- Ниш, во близина на клучката Умчари, две лица го загубија животот, додека друг патник е итно однесен во болница со тешки повреди.
Познато е дека во возилото на несреќата биле двајцата браќа Назим и Шкелзен Авдиу, како и сопругата на Шкелзен.
Свет
Орбан: Распадот на Украина би бил катастрофа за Украина
Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан денеска изјави дека распадот на Украина би имал сериозни последици по неговата земја.
– Немојте да се залажувате: распадот на Украина би бил катастрофа за Унгарија, напиша Орбан на платформата Икс.
Тој додаде дека стабилноста на соседните држави е важна.
– Унгарија ја снабдува Украина со 44 отсто електрична енергија и 58 проценти гас. Во меѓувреме, војната ја слабее Украина секој ден. Само мирот може да ја зајакне. Секој кој навистина ја поддржува Украина мора да сака мир, и сега, посочи Орбан.
Свет
Нема да има блокада на граничните премини со Грција за време на празниците
Грчките земјоделци најавија прекин на блокадите на граничните премини со Македонија за време на божиќните и новогодишните празници, овозможувајќи им непречено патување за граѓаните.
Блокадата на земјоделците е проблем за многу македонски државјани кои изминативе недели им беше отежнато патувањето кон или од Грција.
Грчките медиуми известуваат дека за време на празничната сезона нема да има блокади, со цел граѓаните да можат непречено да патуваат.
Земјоделците одлучија да ги прекинат блокадите и да ги отворат граничните премини и патиштата во два периода: од вторник, 23 декември, до недела, 28 декември 2025 година и од вторник, 30 декември, до недела, 4 јануари 2026 година.
Во меѓувреме, премиерот на Грција посочи дека многу од барањата на земјоделците од неговата држава се исполнети.„Од листата со 27 побарувања на земјоделците, 16 се веќе задоволени или се третираат позитивно. Четири се во процес на разгледување или дискусија со цел да се пронајде решение, додека само седум не можат да бидат решени. Причините за тоа се или спротивност со основните европски правила и функционирањето на заедничката земјоделска политика, или финансиска неизводливост“, објави на Фејсбук премиерот Кирјакос Мицотакис.
Земјоделците, кои ги започнаа своите протести на 30 ноември со околу 60 блокади низ цела Грција, не се откажуваат од своите барања.

