Европа
Во Австрија недостиг од вакцини против грип

Со цел да се растоварат болниците во текот на зимските месеци и да се ослободи капацитетот за ковид-пациенти, лекарите во Австрија советуваат вакцинација против грип оваа година.
Но, проблемот е што вакцини веќе нема во делови од земјата.
Во Клагенфурт достапните вакцини пламнале за еден ден, а недостиг на вакцини има и во Сент Пелтен.
Здравствената служба во Клагенфурт имала на располагање 2.800 вакцини, кои биле потрошени за еден ден.
Властите се обиделе да го зголемат својот вообичаен контингент вакцини против грип по избувнувањето на пандемијата, но без успех.
Градоначалничката Марија-Луиза Матијашич и градскиот секретар за здравство, Франц Петрич, апелираа до австриската влада итно да го зголеми контингентот на вакцини и да го распредели праведно.
Клагенфурт критикува дека Виена е очигледно привилегирана во дистрибуцијата на вакцината.
Во Сент Пелтен властите се борат со сличен проблем, контингентот вакцини бил доволен само за еден ден на вакцинација.
Слична е состојбата и во другите провинции – постои огромна побарувачка и нема вакцини.
Во Виена, за разлика од другите делови на Австрија, засега нема недостиг на вакцини, но затоа списокот на чекање за вакцинација е долг, а тековните термини се добиваат за средината на декември.
Градските власти на почетокот на есента им ветија бесплатни вакцинации на граѓаните и обезбедија околу 400.000 вакцини, двојно повеќе отколку што е потрошено во ланската сезона на грип во Виена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Русија: Полјаците не ни доставија никакви докази дека дроновите се од наше потекло

Москва тврди дека Полска не доставила никакви докази што покажуваат дека беспилотните летала што биле соборени во Полска се од руско производство.
Вршителот на должноста амбасадор на Русија во Полска, Андреј Ордаш, потврди за новинската агенција „РИА новости“ дека бил повикан од полското Министерство за надворешни работи по инцидентот.
Ова е првиот коментар на Русија по инцидентот, кој се случи преку ноќ.
Европа
Објавена фотографија од руски дрон во Полска

Порталот Defence24 објавува дека руски дрон е пронајден во градот Чешники, во близина на Замошќ и на 40-ина километри од границата со Украина.
Читател ја испратил фотографијата од леталото до редакцијата, а според неофицијални информации, станува збор за дрон од типот „Гербер“, кој Русија го користи за преоптоварување на украинската воздушна одбрана.
Во текот на ноќта Русија изврши масовен напад врз Украина, а повеќе од десет дрона влегоа во полскиот воздушен простор. Полската војска потврди дека оние што претставуваа директна закана биле соборени. Бројот и начинот на движење на леталото, според Defence24, укажуваат на намерна руска провокација.
фото: принтскрин
Европа
Објавена мапа од синоќешниот руски напад врз Украина: прикажани и дроновите што влегле во Полска

Украинските медиуми објавија мапа на која се прикажани беспилотните летала што учествуваа во синоќешните руски напади врз Украина. Главни цели беа Донбас и регионите Ивано-Франкивск, Лавов, Луцк, Одеса, Виница и Житомир. Некои од беспилотните летала го напуштија украинскиот воздушен простор и влегоа во Полска. Според украински извори, дури 14 руски беспилотни летала влегоа во Полска.
Полска потврди дека повеќе од десетина беспилотни летала влегле во нејзиниот воздушен простор за време на нападот врз Украина. Оние што претставуваа непосредна закана беа соборени, а во акцијата учествуваа и неколку холандски борбени авиони „Ф-35“.
Во Полска, во регионот Лублин, беспилотно летало удри во куќа, но немаше повредени. Во источна Полска, во градот Вирики, беспилотно летало или објект сличен на беспилотно летало удри во станбена куќа – покривот беше оштетен, но исто така немаше повредени.
Полскиот премиер Доналд Туск го опиша инцидентот како чин на агресија и нагласи дека НАТО реагирал активно вклучувајќи распоредување холандски борбени авиони и привремено затворање на аеродромите, вклучувајќи го и тој во Варшава.
фото: принтскрин