Регион
Словенија објави нови построги мерки, се воведува делумен карантин
Словенечката влада вчера најави нови драстични мерки поради епидемијата на коронавирусот.
Од понеделник наставата од петто одделение од основно училиште па нагоре ќе се одвива од далечина. Од петок ќе се воведат ограничувања на движењето помеѓу црвените статистички региони во земјата, кои се вкупно седум. Во овие региони носењето маски ќе биде задолжително насекаде, ќе се ограничи работата на одредени услужни и спортски дејности, а собирањето повеќе од десет лица ќе биде забрането, пренесуваат словенечките медиуми.
Овие мерки се воведуваат откако Словенија со денови има голем број новоинфицирани од коронавирус. Вчера имаше 707, што е најмногу досега.
Премиерот Јанез Јанша ги претстави новите мерки за спречување на ширењето на вирусот.
„Ние сме помеѓу портокаловата и црвената фаза. Во моментот имаме седум статистички региони, кои се црвени, а пет портокалови и жолти“, рече Јанша во воведот. Според него, владата на седницата одлучила некои од мерките што ги донела да бидат применети на целата земја, а некои селективно на регионите со полоша епидемиолошка слика.
„Мерките утре ќе бидат објавени во ‘Службен весник’. Некои ќе стапат во сила в петок, други в понеделник“, најави Јанша вчера.
Како што објасни Јелко Кацин, мерките поврзани со школувањето ќе стапат во сила в понеделник, а другите в петок.
Драстичните мерки што вклучуваат делумно затворање нема да се однесуваат на целата земја, туку на оние региони каде што ситуацијата е најтешка.
Мерките што се однесуваат на сите жители, односно на цела Словенија, се повторно воведување учење на далечина за повисоките одделенија во основните училишта (од 5 одделение) и за сите одделенија од средното училиште. На високообразовните институции и универзитетите претходно им беше препорачано да организираат што повеќе педагошки процеси на овој начин.
Словенечките власти оценија дека претходните мерки и ограничувања не го дале посакуваниот резултат, па затоа треба да се воведат нови, кои ќе бидат во сила најмалку две недели.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Автобус изгоре на автопат кај Солун, патниците навреме евакуирани
Пожар избувна рано утринава во градски автобус што сообраќал на линија во предградието Синдос во Солун, во северна Грција, јавува „Катимерини“.
Пожарот настанал додека автобусот се движел по автопатот Патра–Атина–Солун–Евзони. Сите тројца патници и возачот навреме го напуштиле возилото, додека автобусот целосно бил уништен од огнот.
Противпожарната служба интервенирала за гаснење на пожарот и спроведува истрага за причините за инцидентот.
Фото: илустрација (Depositphotos)
Регион
Бомба фрлена врз куќата на Здравко Чолиќ во Белград
Доцна синоќа беше фрлена бомба врз куќата на пејачот Здравко Чолиќ во белградската населба Дедиње.
Полицијата и дежурниот обвинител на Вишото јавно обвинителство во Белград се на местото на настанот, а истрагата е во тек, пренесуваат медиумите во регионот.
Деталите, според написите, засега не се познати, но според извештаите никој не е повреден во експлозијата, но е причинета голема материјална штета, пишува „Телеграф“.
Пејачот бил во куќата
Полицијата веднаш ги блокирала приодите кон куќата по приемот на пријавата.
Припадници на Министерството за внатрешни работи спроведуваат истрага, а форензички експерти собираат докази и ги прегледуваат снимките од безбедносните камери за да го идентификуваат сторителот, пишува медиумот.
Во моментот кога била фрлена бомбата, Чолиќ, неговата сопруга и помладата ќерка Лара биле во вилата.
Според Телеграф, тие спиеле во моментот на експлозијата, а звукот ги разбудил.
Фото: ЕПА
Регион
Фалсификуваните пари за Балканот и ЕУ најчесто доаѓаат од Романија
Најголемите количини фалсификувани пари што пристигнуваат на Балканот и во земјите на Европската Унија потекнуваат од илегални фабрики во Романија.
Криминалните групи ги набавуваат фалсификатите по цена од околу 20 отсто од вредноста на оригиналниот новац, што значи дека за еден милион евра лажни пари се плаќаат околу 200.000 евра.
Според наводите, во Романија се фалсификуваат евра, кувајтски динари и американски долари, додека британската фунта се смета за најтешка за фалсификување.
Членовите на овие групи често се претставуваат како Италијанци, Арапи, Грци или Чеси, а меѓу нив има и криминалци од просторот на поранешна Југославија. Тие преку огласи бараат недвижности, луксузни автомобили, јахти, скап накит, уметнички дела и други вредни предмети.
Средбите најчесто се организираат во градови на северот на Италија, а како алтернативи се користат и градови во Франција, земјите на Бенелукс или Шпанија. Криминалните групи дејствуваат во поголем состав, со цел да ѝ го отежнат работењето на полицијата, пренесе Танјуг.

