Македонија
Тринаесет години од смртта на Тоше Проески

На денешен ден пред тринаесет години пејачот Тоше Проески трагично го загуби животот во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка, на пат кон Загреб, на 26-годишна возраст.
Во чест на Тоше десет маратонци денеска напладне треба да стигнат во Крушево. Поради пандемијата, годинава маратонот се одржува само во границите на нашата држава – од преминот Табановце преку Скопје до Крушево. Двајца претставници на маратонците ќе истрчаат 10 километри во Нова Градишка, Хрватска, и таму ќе положат цвеќе.
Годишнината ќе биде одбележана кај новозиграденото спомен-обележје на неговото почивалиште на Гумење.
На музичката ѕвезда почит ѝ оддадоа и велосипедисти од Тиквешкиот Регион, кои од 20 септември во рамките на проектот „Од срце за Тоше“ возеа низ целата држава за да пристигнат во Крушево. Годинава, на 9 август на Крушевското Езеро, пак, се одржа првиот пливачки маратон „Тоше Проески“, организиран од пливачкиот клуб „Вардар 2018“ од Скопје, со идеја да биде традиционален. На маратонот имаше повеќе од 40 учесници, кои пливаа два и пол километра.
Поради пандемијата, оваа година не се одржа манифестацијата „Ѕвездено небо за Тоше“, која фановите во изминатите години ја организираа на 5 октомври на плоштадот Македонија во спомен на неговиот последен и хуманитарен концерт што го одржа на 5 октомври 2007 година на Градскиот стадион.
Тодор Проески – Тоше е роден на 25 јануари 1981 и својот музички талент го покажал уште како петтоодделенец на фестивалот „Златно славејче“ (1992), каде што испеал песна на влашки јазик. Музичката кариера ја почна со победата на „Мелфест“ во Прилеп во 1997 година и оттогаш настапуваше на сите значајни фестивали во земјата и регионот, а во 2004 ја претставуваше Република Македонија на Евровизија во Истанбул. Таа година стана и амбасадор на УНИЦЕФ.
Објави седум албуми – неколку и во превод на српски/хрватски јазик. Последниот „Игри без граници“ беше промовиран две недели пред несреќата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Меџити: Буџетот на Чаир, Бујар би го потрошил за една недела, државниот ревизор му ги извади валканите алишта на виделина

Кандидатот за градоначалник на Чаир од коалицијата „Вреди“, Изет Меџити, денеска реагираше на начинот на кој поранешниот министер Бујар Османи ги менаџирал јавните пари, предупредувајќи дека злоупотребите и вештачки надуените цени во тендерите се директна опасност за секоја институција и за буџетот на граѓаните.
„Ако само замислиме дека со вакви цени, со вакви рекетирања, Бујар ќе ја косеше тревата во Чаир исто како во салата ‘Борис Трајковски’, тогаш е јасно дека буџетот на општината ќе се проголта за една недела. Со таков начин на лошо менаџирање, наставниците ќе останеа без плати, а граѓаните без основни услуги“, изјави Меџити.
Тој се повика на последниот извештај на Државниот завод за ревизија, кој како што оцени, констатирал сериозни злоупотреби при организацијата на дводневен самит, за кој биле потрошени околу два милиони евра државни пари.
„Овде не станува збор за мои зборови или политички обвинувања. Овде зборуваат фактите, документите и официјалните извештаи. А кога еден министер троши два милиони евра за дводневен самит, додека граѓаните се мачат со инфраструктура, образование и основни услови, тоа е непростливо“, нагласи Меџити.
Тој потсети и на времето кога Османи беше министер за здравство, споменувајќи дека во Гинеколошката болница во Чаир тогаш добил прекар „пациентот“ – што според него е симболичен показател за неуспешното раководење со институциите.
Меџити кој денес оствари посета на ОУ “Васил Главинов” порача дека Чаир заслужува транспарентно управување, реални инвестиции и грижа за граѓаните, а не злоупотреби и тендери со рекетирање.
„Граѓаните имаат право да знаат каде завршуваат нивните пари. Моја обврска како иден градоначалник е да ја вратам довербата и да го заштитам буџетот на Чаир од вакви злоупотреби“, заклучи тој.
Македонија
На Табановце се чека околу 30 минути

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен, поради летните одмори се бележи зголемена фрекфенција на возила, на ГП Табановце времето на чекање за излез од државата е околу 30 минути, додека на останатите граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Утре ќе се прска против комарци во Скопје

Од Градот Скопје известуваат дека утре (петок), во раните утрински часови ќе се изврши авионска дезинсекција на подрачјето на градот Скопје против ларви од комарци.
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, ќе се прска првиот нареден ден, кога ќе бидат поволни временските услови, во истиот термин.
Се известуваат пчеларите навреме да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите.