Македонија
Караџовски: Доколку не се почитуваат мeрките, може да дојдеме и до 1.000 заразени на ден
Полицискиот час и прогласувањето вонредна состојба не се приоритетна мерка за да не се доведе во прашање работата на компаниите и луѓето да останат без работа, рече доктор Жарко Караџовски од Институтот за јавно здравје, претседател на Комисијата за заразни болести, кој денеска информира за актуелната состојба предизвикана од Ковид-19 во земјата.
Тој им порача на граѓаните да ги почитуваат мерките затоа што ако се преполнат болничките капацитети, ќе се доведат во прашање ресурсите за лекување на болните.
„Не сме ги исцрпеле уште сите мерки за да можеме да размислуваме за полициски час. Но, доколку ништо од ова не се почитува, што друго ни останува понатаму. Затоа, ве замолувам, и медиумите и населнието, самите ако не си помогнеме, не може да ни помогнат уште 500 доктори, 500 сестри и уште 20 болници. Сето тоа ќе се исполни бргу ако имаме зголемен број, а ние работиме уште од март со засилено темпо. Бараме помош од сите, од медиумите, од политичките партии, од широкото населние. Зголемувањето на бројките ќе нè одведе до преполнување на болничките капацитети. Ние можеме да правиме ротации на колегите, меѓутоа тоа се тие луѓе, нивниот број е ограничен. Не по 500, 600 луѓе на ден, можеме да имаме и по 1.000 доколку не почитуваме“, почара доктор Караџовски.
Според него, концертите и журките се главната причина за зголемувањето на бројките во последните три дена, при што на тие настани присутните не носеле маски, а биле во група, без да држат растојание.
Караџовски порача дека овие групирања и прослави не смее да се одржуваат во услови на есенскиот бран кога опасноста за ширење на вирусот е поглема.
„На овие настани никој не носеше маска, тоа го видовме и во медиумите. Од анкетите што ги направивме увидовме дека тоа се луѓе помеѓу 20 и 39 години и ова ни укажува дека тие не биле на домашна свеченост, туку во локал на журка, каде што имало групирање и не се почитувале мерките. Ние уште пред неколку месеци најавивме дека ќе дојде овој есенски бран на ширење на вирусот. Но, би рекол дека кај нас подрани затоа што временските услови не се такви да имаме групирање во затворен простор. Но, со доаѓањето на сезонскиот грип оваа шанса за зголемување на бројот поради групирање во затворен простор ќе биде поголема. Поради сето ова, Комисијата за заразни болести предложи да се усвојат овие сет мерки да не се доведеме во полоша ситација“, рече Караџовски.
Како што рече тој, бројките покажуваат дека најмногу заболени има во скопските општини Аердром, Центар, Карпош и Чаир.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Скопје руши рекорди по загаденост, утрово е втор град во Европа
Според светскиот сервис IqAir Скопје утрово е на 20 место во светот, а второ во Европа по загаден воздух.
Доколку се следат податоците од апликациите кои ја мерат загаденоста на воздухот, Скопје и утрово е град со многу висока загаденост. Според светскиот сервис IqAir Скопје утрово е на 20 место во светот, а второ во Европа по загаден воздух.
Најзагаден воздух утрово дишат жителите на населбата Илинден.
Министерството за животна средина алармираше дека е надминат прагот на алармирање. Загадувањето во Скопје е децениски проблем особено во зимскиот период и времетраењето на грејната сезона.
Македонија
Студено утро со измерени -5 степени во Берово
Најстудено изутринава е во Берово, каде се измерени – 5 степени, по што следуваат Битола и Струмица, -4, Скопје-Петровец и Штип, – 3, Демир Капија, Велес и Куманово, – 2. Во Тетово, Скопје-Зајчев Рид, Кавадарци, Гевгелија, Прилеп, Mаврови Анови и Претор температура од – 1, Крива Паланка, Попова Шапка, 0, Охрид, 1, Виница и Kрушево 2, информира Управата за хидрометоролошки работи (УХМР).
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 6 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно и тивко со појава на магла. Максималната температура ќе достигне до 7 степени.
УХМР најави дека до вторник ќе се задржи стабилно и претежно тивко време. По одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Од вторник кон крајот на денот и во следните денови ќе има повремени локални врнежи од дожд. На планините и на повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Ќе се менува проводник на далновод во Прилеп, градот неколку часа ќе биде без струја
Прилеп и приградските населби утре претпладне, од 6:30 до 11 часот, ќе останат без напојување со електрична енергија.
Како што информираат од АД МЕПСО, исклучувањето се врши поради планирани активности на електропреносната мрежа, кои опфаќаат демонтажа на старо проводно јаже од 110 киловлти за далноводот ТС Битола 1- ТС Прилеп 1 и монтажа на нов проводник. На замената ќе работат стручните екипи на АД МЕПСО.
Согласно со планираната динамика, работите ќе траат најмногу четири и пол часа, по што напојувањето со електрична енергија во Прилеп ќе биде повторно воспоставено.
Од АД „МЕПСО“ до корисниците апелираат за разбирање, имајќи предвид дека станува збор за планирани зафати од значење за сигурно и стабилно функционирање на електропреносниот систем.

