Црна хроника
Скопјанец обвинет за поседување дрога и муниција
Скопското Основно јавно обвинителство поднесе обвинение против 29-годишник за продолжено кривично дело неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги и за кривичното дело неовластено држење оружје или распрскувачки материи.
Кај обвинетиот 29-годишник, на 28 септември, во неговото живеалиште на улицата Бранко Заревски била пронајдена марихуана со вкупна тежина од 25,69 грама во разни пакувања, 27 семки од канабис, како и кокаин во две најлонски пакувања со вкупна тежина од 3,77 грама.
Исто така, била пронајдена и дигиталната вага со остатоци од кокаин.
Обвинетиот недозволено држел и муниција – 30 куршуми во калибар 6,35, наменети за полуавтоматски пиштол. При претрес на адресата на која престојувал обвинетиот на улица Париска во Скопје, пак, биле пронајдени уште 3,31 грама марихуана.
Надлежниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје доставил посебен предлог за продолжување на претходно определената мерка куќен притвор за обвинетиот бидејќи сè уште постојат околности што укажуваат на опасност од бегство и особени околности што го оправдуваат стравот дека ќе го повтори кривичното дело.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Приведен скопјанец по тепачка во Кисела Вода, имал 1,85 промили алкохол во крвта
Полицијата приведе 40-годишен маж од Скопје поради нарушување на јавниот ред и мир во скопската општина Кисела Вода.
Инцидентот се случил синоќа, околу 00:10 часот, кога В.Т. се физички пресметал со 39-годишниот Г.К. од Вевчани. Полицијата интервенирала на местото на настанот, а при алкотестирање било утврдено дека скопјанецот имал 1,85 промили алкохол во крвта.
Лицето е приведено во полициска станица, а по целосно документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.
Црна хроника
Девојка од Росоман пријавила дека била претепана од својот вонбрачен партнер во Скопје
22-годишна жена од општина Росоман, која живее во Скопје, пријавила во полиција дека била физички нападната од својот вонбрачен партнер.
Инцидентот се случил на 31 октомври околу 13 часот во семејниот дом во скопската општина Шуто Оризари. Според пријавата, младиот маж, исто така на 22 години, ја нападнал користејќи и тврди предмети.
Жената го пријавила насилството истиот ден, околу 19:50 часот, во СВР Скопје.
Полицијата работи на целосно документирање на случајот, по што против напаѓачот ќе биде поднесена соодветна пријава.
Црна хроника
„Ќе ти средам за туѓа нега“ – измамен тетовец за 250 евра
66-годишен жител на тетовско село пријавил во полиција дека бил измамен од лице со иницијали С.Н., кое му побарало пари за наводно посредување при добивање социјална помош.
Според пријавата, измамата се случила во јуни годинава, кога осомничениот му кажал дека неговата сопруга работи во Центарот за социјални работи во Тетово и дека е член на комисија за доделување помош по основ на „туѓа нега“. Му ветил дека за еден месец ќе ја добие помошта, но најпрво побарал 250 евра за „завршување на работата“.
По исплатата, измамникот престанал да му се јавува и не ја исполнил ветената услуга.
Случајот е пријавен во СВР Тетово на 31 октомври, а полицијата презема мерки за целосно расчистување и документирање на настанот.

