Свет
Ерменија ги отфрла обвинувањата на Баку за подготвување терористички напади
Службата за национална безбедност на Ерменија ги отфрли како апсурдни обвинувањата на Азербејџан за заговор за терористички напади на прометни јавни места на нејзина територија, објави новинската агенција „Арменпрес“.
„Силно ги отфрламе плодовите на трескавична имагинација на азербејџанските специјални служби. Ваквите апсурдни тврдења не се достојни за коментар, но можеме да сугерираме дека откако ја изгуби контролата над исламските терористи, екстремистичките групи и нивните агенти, кои пристигнале на територијата на Азербејџан во голем број, Баку нема друг избор, освен однапред да ја обвини Ерменија за тие негативни случувања, кои многу веројатно ќе следуваат“, се вели во изјавата на Службата за национална безбедност на Ерменија.
Ереван континуирано ја обвинува Турција за директна вмешаност во конфликтот во Нагорно- Карабах. Според ерменското раководство, Турција не само што ја испраќа својата војска во Азербејџан туку и распоредува платеници од сириските екстремистички групи, поддржани од Турција.
Обновените судири меѓу Азербејџан и Ерменија избувнаа на 27 септември со интензивни битки во спорниот регион Нагорно-Карабах. Разгорување на насилството имаше и во летото 2014 година, во април 2016 година и минатиот јули.
Азербејџан и Ерменија воведоа воена состојба и почнаа напори за мобилизација. Двете страни во конфликтот пријавија жртви, меѓу нив и цивили.
На разговорите со посредство на Русија, одржани во Москва на 9 октомври, Азербејџан и Ерменија договорија прекин на огнот, кој стапи во сила во 12 часот по локално време во саботата на 10 октомври од хуманитарни причини, за размена на притворените лица и пронаоѓање на телата на загинатите.
Сепак, обете страни се обвинуваат за кршење на прекинот на огнот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Хаити прогласи тридневна жалост по ураганот Мелиса, најмалку 30 лица загинаа во поплави и лизгање на земјиштето
Хаити прогласи тридневна национална жалост почнувајќи од денес откако најмалку 30 лица загинаа во поплави и лизгање на земјиштето предизвикани од ураганот Мелиса, според официјалните бројки.
Владата, исто така, прогласи тримесечна вонредна состојба во неколку региони.
Ураганот ги погоди и Јамајка, Куба и Бахамите. Мелиса ја погоди Јамајка со полна сила, убивајќи најмалку 28 лица, според прелиминарните официјални извештаи.
WATCH: Drone footage captures the catastrophic aftermath of Hurricane Melissa along Jamaica’s coastline. pic.twitter.com/y0NBquLBLJ
— Fox News (@FoxNews) November 1, 2025
Министерството за култура на Јамајка соопшти дека ќе одржи добротворни концерти за собирање средства за обнова.
Под слоганот „Ја сакам Јамајка“, реге музичарите ќе настапат во Кингстон од 14 ноември, по што ќе следат концерти во Лондон, Њујорк, Торонто и Јужна Флорида. Целосниот распоред сè уште не е објавен.
„Како што сме правеле толку многу пати досега, се свртуваме кон нашата музика, нашата реге музика, која се покажа како лековит мелем и еликсир во време на тага не само за жителите на Јамајка, туку и за целиот свет“, напиша министерката за култура Оливија Грејнџ на Инстаграм.
фото: принтскрин
Свет
Трамп се закани со воена акција на Нигерија: „Убиваат рекорден број христијани“
Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека американската војска би можела да испрати војници во Нигерија или да започне воздушни напади за да го спречи она што тој го нарече убивање на голем број христијани во западноафриканската земја.
На прашањето дали предвидува војници на терен или воздушни напади во Нигерија, Трамп им рече на новинарите во авионот „Ер Форс Уан“: „Може да биде. Мислам, и други работи. Замислувам многу работи. Тие убиваат рекорден број христијани во Нигерија… Тие убиваат христијани, и ги убиваат во многу голем број. Нема да дозволиме тоа да се случи.“
Трамп ги даде овие забелешки во неделата вечерта, враќајќи се во Вашингтон од викендот поминат во неговата куќа за одмор во Флорида. Трамп се закани со воена акција против Нигерија во саботата ако најнаселената земја во Африка не преземе мерки против убивањето на христијаните.
Заканата на американскиот претседател за воена акција дојде еден ден откако неговата администрација повторно ја додаде Нигерија на листата на „земји од особена загриженост“ за кои САД велат дека ги прекршиле верските слободи. Други земји на листата се Кина, Мјанмар, Северна Кореја, Русија и Пакистан.
Нигерија во неделата изјави дека ќе прифати помош од САД за борба против исламистичките бунтовници сè додека се почитува нејзиниот територијален интегритет, во одговорот на заканите за воена акција на претседателот Доналд Трамп. „Ја поздравуваме помошта од САД сè додека таа го признава нашиот територијален интегритет“, изјави за Ројтерс Даниел Бвала, советник на нигерискиот претседател Боле Тинубу.
фото: принтскрин
Европа
Дронови забележани над воена база во Белгија: полициски хеликоптер ги следеше, па ги изгуби
Четири дронови беа видени синоќа над белгиската воена воздухопловна база Клајне-Брогел, која ја користат силите на НАТО, во најновиот од неколкуте инциденти пријавени за време на викендот.
Белгиската новинска агенција Белга ги објави видувањата, повикувајќи се на локалниот градоначалник Стивен Матеи. Полициски хеликоптер ги следеше, но на крајот исчезнаа на север кон Холандија.
Дронови беа видени и во ноќта од сабота кон недела.
„Беше користен попречувач, но се покажа како неуспешен. Полициски хеликоптер и возила го гонеа дронот, но го изгубија по неколку километри на север“, извести за инцидентот белгискиот министер за одбрана Тео Франкен.
Министерот ги опиша дроновите како големи модели и рече дека „не станува збор за редовно прелетување, туку за јасна мисија насочена кон Клајне-Брогел“. „Тие летаа на голема надморска височина“, истакна тој. Истрагите се во тек.
фото: принтскрин

