Македонија
Кумот на Груевски во притвор поради плацовите на Водно
Кривичниот суд во Скопје му изрече 30 дена притвор на Ристо Новачевски, кој се товари за сторено кривично дело перење пари со кои се купувале плацови на Водно.
Постапувајќи по предлог на Основно јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција за определување мерка притвор, пред судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје тој денеска беше спроведен заради постоење на основано сомение дека го сторил кривичното дело перење пари и други приноси од казниво дело по чл. 273 ст.1 вв. со чл. 45 од КЗ.
„Судија на претходна постапка по разгледување и ценење на предлогот, како и произнесување на одбраната и обвинителството, донесе решение со кое го уважи предлогот и на Р.Н. му се определува мерка притвор во траење од 30 дена. Против ова решение странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет на овој суд“, соопшти Основниот кривичен суд Скопје.Основниот кривичен суд
Како што информира судот, се определува привремена мерка одземање на имот заради обезбедување
поради постоење на основано сомневање дека потекнува од кривично дело перење пари, на тој начин што на правното лице му се забранува отуѓување и располагање со недвижен имот од три катастарски парцели со вкупна површина од над 10.000 метри квадратни во вредност од 1.180.000 евра.
Обвинителката Вилма Русковска денеска од судијата на претходна постапка од кривичниот суд во Скопје побарала притвор и замрзнување на имотот за осомничениот Ристо Новачевски, кој се товари за сторено кривично дело перење пари со кои се купувале плацови на Водно.
„Истрагата се работела подолг временски период и е започната во поранешното СЈО, а последните неколкумесеци се работеше во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Се работи само за едно кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело затоа што предикативното е веќе застарено. Во моментов се осомничени шест лица“, изјави Рускоска пред кривичниот суд.
Таа прецизира дека во моментов се осомничени само физички лица и додаде дека засега во истрагата нема осомничено правно лице. Во овој предмет покрај Новачевски осомничени се и поранешниот премиер Никола Груевски, Сашо Мијалков, Ненад Јосифовиќ, Јордан Камчев и неговата мајка Ратка Камчева.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Цветаноски: Доволно е власта да се откаже од криминални тендери и ете пари за минимална плата од 600 евра
Имајќи ја предвид тешката економска положба на работниците, намалениот животен стандард и барањата на синдикатите, СДСМ поднесе закон за зголемување на минималната плата на 600 евра.
И наместо да ги покачи платите на работниците и да обезбеди пари, ВМРО тргна во медиумски напади врз СДСМ, а потоа и врз синдикатите, истакна на прес-конференција Симона Цветаноски, членка на Извршниот одбор на СДСМ.
„Владата вели за работниците „нема пари“. Но има пари за криминални тендери, има пари да се планира купување нов владин авион и туристички патувања, како оние во Давос, со државни пари.
Затоа веднаш се стави во погон партиската говорница на ВМРО и медиумските кујни под контрола на Орбан.Секојдневно се напаѓа СДСМ. Вистината е тешка за власта. СДСМ беше конструктивна, СДСМ поднесе закон неколкупати за покачување на платите, за стандардот на граѓаните, за минималната плата. Власта одби. ВМРО и Мицкоски си поигруваат со достоинството на работниците. ВМРО тера црна кампања, Мицкоски јавно се шегува, им поставува услови, им дели задачи, им порачува кого „ќе чекал во четврток“, додава таа.
Ова, како што вели, е ароганција кон оние што едвај врзуваат крај со крај.
Според неа, наместо да ги напаѓа работниците и СДСМ, Владата треба да обезбеди пари за поголеми плати.
„Доволно е да се откаже од криминалните тендери и ете ги парите. 600 евра минимална плата не е луксуз – тоа е минимум за достоинствен живот“.
Македонија
Гаши во Вашингтон: нагласена важноста на американското лидерство во зачувувањето на евроатлантската безбедност
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, престојува во работна посета на Вашингтон, САД, каде што оствари низа средби со високи претставници на американските институции и меѓународни организации, во рамки на зајакнувањето на билатералните односи и меѓупарламентарната соработка.
Гаши оствари средба со членката на Конгресот на Соединетите Американски Држави, Клаудија Тени, копретседателка на Парламентарната група за Северна Македонија во Конгресот. За време на средбата, соговорниците разговараа за стратешкото партнерство меѓу Северна Македонија и Соединетите Држави, засновано на заеднички демократски вредности, како и за значењето на улогата на американскиот Конгрес во развојот и стабилноста на регионот.
Гаши ја истакна посветеноста на Северна Македонија како членка на НАТО, при што ја нагласи и важноста на американското лидерство во зачувувањето на евроатлантската безбедност, особено на Западен Балкан.
Во продолжение на посетата, претседателот на Собранието оствари средби и со директори на меѓународни организации кои со години ги поддржуваат демократските процеси и институционалниот развој на Собранието на Република Северна Македонија, односно со претставници на IRI и NDI.
На средбата со Даниел Твајнинг, претседател на Меѓународниот републикански институт (IRI), и Стивен Никс, директор за Европа и Евроазија, се разговараше за досегашната соработка и за стратешкиот дијалог меѓу Северна Македонија и САД.
Исто така, на средбата со Тамара Витес, претседателка на Националниот демократски институт (NDI), и Скот Бејтс, регионален директор за Европа и Азија, се разговараше за вредноста на долгорочната соработка меѓу Собранието и NDI. Гаши изрази благодарност за проектите насочени кон зајакнување на независноста и парламентарниот капацитет , дигитализацијата, транспарентноста и приближувањето на Собранието до граѓаните, вклучително и Програмата за парламентарна поддршка, која со години дава видливи резултати.
На сите средби, претседателот Гаши високо ја оцени континуираната поддршка од американските партнери за унапредување на демократските стандарди, потврдувајќи ја повторно подготвеноста на Собранието на Република Северна Македонија за продолжување и продлабочување на соработката во функција на зајакнување на демократијата, стабилноста и подоброто претставување на граѓаните.
Во овој дел од агендата, Гаши беше придружуван од потпретседателот на Собранието, Антонио Милошоски, како и од владината делегација на Република Северна Македонија, во чиј состав беа министрите Стефан Андоновски и Златко Перински, како и генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев.
Инаку, за време на посетата, Гаши ќе учествува на Националниот молитвен појадок (National Prayer Breakfast), а покрај бројните средби со значајни институционални претставници, се очекува да се обрати на Форумот за безбедност во Американскиот конгрес, како и да учествува на панел-дискусијата на конференцијата „Balkans Forward Summit“, организирана од Атлантскиот совет.
Македонија
Поради јавен собир во прекин сообраќајот кај Плетвар
Од 11:30 часот започнат е најавен јавен собир на околу 150 лица од ромска националност поради измените на ЗБСП, на крстосница за с. Ореовец на планински превој Плетвар на магистралниот пат А1 Прилеп- Градско, патниот сообраќај е во прекин во двата правци. На блокадата има поставено возила, гуми и други предмети, соопшти АМСМ.
Кај Касарната во Кичево блокирана е една сообраќајна лента во правец од Скопје према Охрид, возилата се пренасочуваат преку регионален пат за Осломеј, додека другата сообраќајна лента правец Охрид према Скопје е слободна за движење.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози. Намалена видливост поради појава на магла од 30 – 40м. има на патниот правец Попова Шапка – с.Лисец.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

