Европа
Германски виролози: Постои опасност од неконтролирано ширење на коронaвирусот во зима
Германското здружение за вирусологија предупреди на последиците од неконтролираното ширење на коронавирусот за време на претстојната зима.
Тие повикаа на научно заснована акција против пандемијата на коронавирус.
„Поради експлозивната динамика на инфекцијата, што ја забележуваме низ цела Европа, постои страв дека од одредена точка ќе дојде до губење на контролата над инфекцијата“, велат виролозите.
Тие се жестоко против стратегијата на природно инфицирање на населението со цел стекнување имунитет на стадото, бидејќи, како што предупредуваат, тоа би довело до преоптоварување на здравствените системи.
Тие велат дека и со помалку од 20.000 новоинфицирани лица на ден германскиот здравствен систем би бил преоптоварен поради недостиг на персонал на интензивна нега.
Виролозите посочуваат дека неконтролираното ширење на инфекцијата би довело до зголемен број смртни случаи, бидејќи и покрај строгата изолација на пензионерите, постојат дополнителни ризични групи.
Тие исто така наведуваат дека сè уште не е докажано колку долго трае имунитетот стекнат по инфекцијата и додаваат дека станува сè појасно дека во асимптоматски случаи, како што се претежно кај млади луѓе, не постои стабилен имунитет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Зеленски стигна во Берлин, ќе се сретне со американскиот преговарачки тим
Украинскиот претседател Володимир, Зеленски, пристигнал во Берлин, каде што во текот на денот треба да се сретне со американскиот преговарачки тим за да разговара за предлогот за постигнување мир во Украина.
– Се фокусираме на тоа како сигурно да ја гарантираме безбедноста на Украина, така што искуството со Будимпештанскиот меморандум и руската инвазија никогаш повеќе нема да се случи. Сметаме на конструктивни разговори – рече Зеленски во објава на платформата X.
Тој рече дека сè уште не добил официјален одговор од Соединетите Американски Држави на најновите предлози за мировен план.
Пред неговото пристигнување, Зеленски нагласи дека сака да ги убеди Американците да ја поддржат идејата за замрзнување на фронтовската линија во Украина во нејзината сегашна состојба пред било какви преговори со Москва.
Американската делегација ја предводат специјалниот пратеник Стив Виткоф и Џаред Кушнер, зетот на претседателот Доналд Трамп.
Извори од германската влада за „Билд“ изјавија дека разговорите со претставниците на Украина во Берлин ќе траат два дена , а дека денес ќе се одржат прелиминарни разговори со советници за надворешна политика, вклучувајќи ги и претставниците на САД и Украина.
Европа
Речиси три четвртини од Европејците ја поддржуваат ЕУ, рекордна поддршка за еврото и за заедничка одбрана
Речиси три четвртини од граѓаните на Европската Унија (ЕУ) сметаат дека нивната земја имала корист од членството во Унијата, покажува најновиот Евробарометар.
Според податоците, 59% од Европејците се оптимисти за иднината на ЕУ, а 73% се чувствуваат како граѓани на Унијата. Довербата во институциите останува висока, при што 48% изјавиле дека им веруваат на европските институции.
Анкетата покажува и рекордна поддршка за еврото – 74% од испитаниците го поддржуваат воведувањето на единствената валута, а во Еврозоната процентот изнесува 82%.
Во однос на заедничката одбрана и безбедност, 79% од граѓаните го поддржуваат воспоставувањето на заедничка политика меѓу земјите-членки, што е втор највисок резултат од 2004 година. Повеќе од две третини (67%) сметаат дека ЕУ е „место на стабилност“ во свет полн со немири, а 83% веруваат дека Унијата треба да ги диверзифицира трговските односи за да ја зајакне економската независност.
77% од Европејците сметаат дека инвазијата е закана за безбедноста на ЕУ, додека 73% ја поддржуваат економската блокада на Русија. Повеќе од три четвртини (81%) го поддржуваат приемот на бегалци од Украина, а 57% се согласуваат со финансирање на набавката и испораката на воена опрема за Киев.
Граѓаните сметаат дека главните приоритети на буџетот на ЕУ треба да бидат вработувањето, социјалните прашања и јавното здравје (42%), образование, култура и медиуми (36%) и одбрана и безбедност (35%).
Истражувањето, спроведено помеѓу 9 октомври и 5 ноември 2025 година во сите 27 земји-членки, вклучуваше 26.445 интервјуа лице в лице.
Европа
ЕУ замрзна 210 милијарди евра руски пари за да ја поддржи Украина, Москва го оцени потегот како „објава на војна“
Европската унија одлучи да ги замрзне средствата на руската централна банка во вредност од околу 210 милијарди евра на неопределено време, со цел тие да се користат за финансиска поддршка на Украина, јавува Ројтерс. Каматата на замрзнатите средства ќе биде наменета за Киев, додека главниот капитал останува блокиран.
Според Ројтерс, Украина ќе мора да го врати заемот само кога Русија ќе ги исплати воените репарации. Од 27-те земји членки на ЕУ, само Унгарија и Словачка гласаа против мерката.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, преку социјалната мрежа X порача дека одлуката е „силна порака до Русија“. Таа нагласи дека мерката е јасен знак дека додека продолжува бруталната војна во Украина, трошоците за Русија ќе продолжат да растат, и дека ЕУ ќе направи сè за да го направи својот сосед посилен „и на бојното поле и на преговарачката маса“.
Москва го оцени потегот како „кражба“ и „објава на војна“. Поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев го нарече планот потенцијален „чин на војна“. Амбасадорот на Русија во Германија, Сергеј Нечаев, исто така, го оцени како „кражба“, додека портпаролката на Министерството за надворешни работи, Марија Захарова, објави дека Русија ќе даде „најстрога реакција“.
Кремљ веќе презеде правни чекори: руската централна банка поднесе тужба против белгиската финансиска куќа „Евроклир“, која управува со околу 185 милијарди евра од замрзнатите руски средства. Останатите 25 милијарди евра се сместени во банки во Белгија и Франција. Русија ја обвинува „Евроклир“ за нелегално спречување пристап до средствата.
Во посебна изјава, руската централна банка го нарече планот на ЕУ за користење на средствата за помош на Украина „нелегален и спротивен на меѓународното право“.
ЕУ го нарекува овој инструмент „заем за репарација“, кој треба да се утврди на претстојниот самит, а замрзнувањето на средствата претставува значителен притисок врз Кремљ, кој досега се обидува да најде правни и дипломатски начини за реакција.

