Вести
Оланд жали што немало интервенција во Сирија

Францускиот претседател Франсоа Оланд во средата повторно изрази жалење поради тоа што меѓународната заедница воено не интервенирала во Сирија кон крајот на летото 2013 година како што предлагаше Франција, по повод неговата честитка до вооружените сили на земјата упатена од носачот на авиони „Шарл Дегол“.
Носачот на авиони „Шарл Дегол“ во вторникот исплови од пристаништето во Тулон кон Индискиот Океан, и ќе мине низ водите на Персискиот залив од каде што евентуално ќе биде вклучен во воздушните операции во Ирак.
Францускиот носач на авиони кој плови кон Ирак, ќе „овозможи во случај на потреба, операциите во Ирак да бидат уште посилни и поделотворни“ во рамките на француските удари врз џихадистичката организација Исламска држава, изјави францускиот претседател Франсоа Оланд.
„Уште жалам (…) што меѓународната заедница правовремено не реагираше за да ги сопре маскарите во Сирија и да ги спречи екстремистите да освојат уште повеќе територии. Меѓународната заедница мораше кон крајот на август 2013 година и почетокот на септември. Франција беше подготвена, наредбите беа издадени и опремата беше на лице место. Избран е поинаков пат. Ги гледаме неговите резултати“, се пожали претседателот на Франција.
Меѓутоа, Оланд притоа не спомена дека нападите во Сирија што ги најавуваше Западот пред една ипол година, поради наводниот напад на сириската владина армија со боеви отрови, всушност беше обид да се нападнат силите лојални на сирискиот претседател алавит (шиит) Башар ал-Асад, кои се борат од март 2011 година и со сунитската либерална опозиција којашто ја поддржува Западот, којашто, пак, еден период заедно дејствуваше со радикалните сунитски џихадистички групи како што се Исламската држава и Фронтот ан-Нусра.
Поради тогашната одлука на американскиот претседател Барак Обама, кој инаку немаше голема поддршка ниту во САД ниту во јавноста кај повеќето европски сојузници за повторувањето на сценариото од Либија која веќе не може да се справи со исламистичкиот бунт четири години откако со помош на интервенцијата на Западот беше соборен деценискиот челник Моамер ел-Гадафи, пред нападите во Сирија да побара поддршка од Конгресот, Париз во септември 2013 година мораше да се откаже од воената интервенција во Сирија.
Џихадидстите од Исламската држава, кои уште во летото 2013 година се издвоија како најмоќна воена групација на сириското боиште тогаш под името Исламска држава во Ирак и на Левантот (Медитеранот – ISIL), освоија големи територии во Сирија а по ненадејната сунитска офанзива на почетокот од јуни 2014 година заземаа и големи области од територијата на Ирак. Денес контролираат територија во двете држави со големина на Велика Британија на која во септември 2014 година прогласија ткн исламски калифат./крај/мф/сн
Извор: AFP
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Вести
“Во основа е пекол на земјата”: Градот Газа оставен тотално без здравствената заштита

Во раните утрински часови во саботата, над купови бетон и урнатини, толпа лекари и пациенти пешачеа километри низ уништените улици на градот Газа, принудени да се евакуираат пеш од она што остана од болниците. Здравствените работници велат дека се плашат да ги оставаат критично болните пациенти зад себе во град кој сега во голема мера е сведен на урнатини, преземен израелските сили, со болници кои работат без струја, гориво, вода или храна, пишува британски „Гардијан“.
“Тоа е во основа пекол на земјата”, вели Вилијам Шомбург, шефот на Меѓународниот комитет на Црвениот крст во Газа, опишувајќи го она што остана од животот во градот.
Со недели, десетици илјади луѓе се надеваа дека во болниците во Газа ќе најдат засолниште кое е најблиску до безбедно бидејќи енклавата издржа интензивирачки бомбардирања.
Но, откако израелските сили се приближија до објектите и потоа ја нападнаа најголемата болница во Газа, Дар ал-Шифа минатата недела, илјадници луѓе беа раселени заедно со медицинскиот персонал, шетајќи низ уништените улици на југ од енклавата.
Палестинското министерство за здравство во Газа соопшти дека израелските сили побарале евакуација на болницата Ал Шифа вчераутро, три дена откога влегоа во објектот. Здравствените лица сведочат дека им им било кажано дека имаат еден час да ја евакуираат болницата која беше центар на здравствениот систем на Газа.
Најмалку 12.000 луѓе загинаа во израелскиот напад врз Газа по нападот на Хамас на 7-ми октомври, во кој загинаа 1.200 Израелци, а околу 240 луѓе беа заложници.
Вести
Борел: Целосно е невозможно да се евакуираат милиони луѓе од северот на Газа

Првиот човек на ЕУ-дипломатијата Жозеп Борел утринава на прес-конференција изјави дека евакуацијата на милиони луѓе од северниот дел на Газа е целосно невозможна.
Десетици илјади цивили почнаа да бегаат од јужниот дел на Газа вчера, откако Израел им порача на луѓето да ја напуштат областа пред очекуваната копнена офанзива.
„Да се замисли дека можеш да преселиш милион луѓе за 24 часа во ситуација во каква што е Газа, може да биде само хуманитарна криза“, рече Борел на последниот ден од тридневната дипломатска посета на Кина.
И покрај изјавата на ЕУ за поддршка на Израел, тој исто така предупреди дека и Израел е должен да го почитува меѓународното хуманитарно право во одбранбениот процес.
„Позицијата е јасна“, рече Борел. „Но, како и секое право, тоа има граница. А таа граница е меѓународното право“.
Вести
Проценки на ОН: Десетици илјади луѓе веќе ја напуштија Газа

Во текот на ноќта беа објавени најновите проценки на ОН за бројот на луѓе кои ги напуштиле своите домови во северниот дел на Газа.
Тие велат дека веруваат дека станува збор за десетици илјади кои се упатиле кон југ по предупредувањето за евакуација на Израел.
Пред наредбата за евакуација, повеќе од 400.000 Палестинци беа внатрешно раселени, според хуманитарната канцеларија на ОН OCHA.
Израелската војска им порача на околу 1,1 милион луѓе во северниот дел на Газа да заминат пред очекуваната копнена инвазија. Хамас, пак, ги повика луѓето да останат на место и да пркосат на израелската воена наредба.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш рече дека наредбата од Хамас е „исклучително опасна – и во некои случаи едноставно не е возможна“.