Македонија
Инспекциските служби за една недела извршиле 2.183 контроли
Во периодот од 12 до 18 октомври инспекциските служби извршиле вкупно 2.183 контроли, информираше на прес-конференција претседателката на Инспекцискиот совет, Магдалена Филиповска-Грашковска.
Таа соопшти дека инспекторите од Државниот пазарен инспекторат извршиле 1180 контроли, од кои 538 се инспекциски надзори спроведени согласно материјалните закони, а дополнително извршени биле уште 642 контроли по основ на здравствените протоколи за работа на угостителските објекти.
При контролите изречени биле 24 прекршочни пријави за нерегистрирана дејност или пречекорување на работно време и други основи. Поднесени се седум кривични пријави за угостителски објекти, од кои две кривични пријави се однесуваат за организирање свадба во Тетово и во Скопје и уште пет кривични пријави за угостителски објекти во Скопје кои не ги почитувале протоколите во смисла на дозволено растојание меѓу масите. Пазарните инспектори изрекле 52 решенија и 76 прекршочни платни налози за различни субјекти на територијата на целата држава.
Државниот инспекторат за труд, извршил 395 инспекциски надзори кај работодавачи, пришто биле изречени се 23 решенија за работодавачи поради недостатоци во однос на начин на исплата на плата, работното време и безбедност и здравјето при работа на вработените.
АХВ спровело вкупно 355 надзори во повеќе градови низ државата во маркети, угостителски објекти, месарници, производствени објекти и зелени пазари при што најчесто констатирани недостатоци се неизвршени здравствени прегледи на персоналот, неводење записи за добра хигиенска пракса, неспроведување општи хигиенски мерки, нерегистрирани објекти и небезбеден производ пуштен во продажба поради што се донесени пет решенија и еден прекршочен платен налог.
Државниот инспекторат за транспорт изрекол две кривични пријави за непочитување на протоколот за вршење на меѓународен превоз на патници, а Агенцијата за лекови и медицински помагала извршила вкупно 55 надзори врз 55 аптеки, но не биле констатирани прекршувања на законските одредби и отстапувања од протоколите.
Филиповска-Грашковска најави дека Инспекциските служби ќе продолжат да функционираат со полн капацитет за заштита на населението од ширење на вирусот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

