Македонија
Пендаровски се сретна со претставници на граѓанската организација „Полио плус“

Претседателот Стево Пендаровски денеска ја посети граѓанската организација „Полио плус“ и имаше средба со нејзини претставници.
На средбата се разговараше за имплементација на Конвенцијата на Обединетите нации за правата на лицата со хендикеп. Kако што истакнаа, тие ја промовираат ефективната и целосна имплементација на Конвенцијата преку активно и координирано вклучување на заедницата со хендикеп на национално и регионално ниво. Но, реакцијата на институциите, според „Полио плус“, е на незадоволително ниво.
Во оваа насока претседателот Пендаровски искажа очекување дека цели 9 години по ратификацијата на Конвенцијата, крајно време е да се имплементираат нејзините одредби, особено кога станува збор за членовите 5 и 9, односно правата на пристапност и на еднаквост и недискриминација.
Истовремено, претставниците на „Полио плус“ го информираа претседателот Пендаровски за начинот на распределба на финансиската поддршка од државата кон здруженијата на лица со хендикеп, која, како што рекоа тие, е неправедна. Образложувајќи дека според сегашната владина програма средствата што се прибираат како процент од продажбата на игрите на среќа се распределуваат само на 7-те сојузи на здруженија, oд „Полио плус“ очекуваат проширување на таа програма за да бидат опфатени и организациите на лица со хендикеп. И при распределба на средствата да се следат препораките на Конвенцијата на Обединетите нации за правата на лицата со хендикеп за што претседателот Пендаровски искажа целосна поддршка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ДИК: Вкупно 8.848 болни или немоќни лица денес можат да го остварат своето право на глас

Денес се спроведува гласањето на болните или немоќни лица, лицата кои се на издржување на казна затвор или се во притвор и лицата кои се пријавиле за гласање а се сместени во установите за вонсемејна грижа, соопшти Државната изборна комисија.
Вкупно 8.848 болни или немоќни лица, како што велат од ДИК, можат да го остварат своето право на глас на овие локални избори.
Со почеток во 7:00 часот во 14 казнено поправни установи, своето право на глас можат да го остварат 2162 лица кои се на издржување казна затвор или притвор.
Од ДИК информираат дека 442 лица сместени во установите за вонсемејна грижа своето право на глас може да го остварат во вкупно 13 центри за вонсемејна грижа.
Гласањeто денес започна во 7 часот утринава, а завршува во 19 часот.
Македонија
Од средината на следната недела ќе биде потопло

Следува период на стабилно време, освен во среда, кога ќе има локални врнежи од дожд. Дневната температура од четврток ќе биде во пораст, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи.
Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд со послаб интензитет. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од северен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 13 до 19 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Макималната температура ќе достигне до 16 степени.
Македонија
ОЈО Струга отвори предмет за спомен-куќата на Владо Малески

Основното јавно обвинителство Струга оформило предмет во врска со уривањето на спомен-куќата на Владо Малески, при вршење градежни работи во близина на објектот од страна на лице од Велешта.
Јавен обвинител, како што соопшти денеска Основнот јавно обвинителство, на 16 октомври извршил увид на лице место во присуство на вешто лице од градежната струка.
„Наредено е вештачење, а се преземаат и други дејствија за испитување на околностите под кои се случил настанот“, стои во соопштението на ОЈО.
При изведба на градежни работи на индивидуален објект во старото градско јадро беше срушен јужниот ѕид и дел од кровната конструкција од куќа заштитена како културно наследство.
Министерот за култура најави изработка на проект за обнова и реставрација на спомен куќата на Малевски со цел да се зачува автентичниот изглед и историјскиот дух.