Македонија
Маричиќ: Неопходна е брза дигитализација на судството за да продолжат постапките и во време на пандемија
Министерот за правда, Бојан Маричиќ, денеска учествуваше на „ЕУ – Западен Балкан“, министерскиот форум за правда и внатрешни работи, кој е во организација на германското претседателство со Советот на ЕУ, а покрај министрите, ќе учествуваат и еврокомесарите за проширување, правда и внатрешни работи – Оливер Вархељи, Дидие Ренедерс и Илва Јохансон. Форумот беше претседаван од страна на германската министерка за правда, Кристина Ламбрехт.
Во своето обраќање Маричиќ истакна дека поради пандемијата на Ковид-19, потребата за забрзана дигитализација на правосудниот систем е значајна како никогаш досега како за реформите во правосудството така и за ефикасното постапување по случаите од страна на судските институции.
Со еврокомесарите и министрите од регионот министерот ги сподели предизвиците со кои се соочија нашите судови и обвинителствата, како и дејствата што беа преземени за ублажување на влијанието на пандемијата врз тековните постапки за време на вонредната состојба.
„Без никакви одложувања, Владата донесе уредба со законска сила за роковите во судските постапки за периодот на вонредната состојба. Со оваа уредба се запреа роковите за поднесување тужби во парнична постапка, кривични постапки и управни спорови, како и роковите за поднесување редовни и вонредни правни лекови за време на вонредната состојба“, потенцира Маричиќ.
Воедно, министерот образложи дека за заштита на судиите и странките во постапката Судскиот совет постапил навремено со донесувањето на одлуката за работата на судовите во услови на пандемија. Со оваа одлука беа утврдени кои случаи ќе се сметаат за итни и приоритетни за постапување, како и начинот на заштита при влегување во судот, дезинфекција на судот и сл. Случаите што не биле итни се воделе единствено доколку немало ризик за здравјето на кој било од учесниците во постапката.
„Првпат во Северна Македонија онлајн-судењето беше спроведено од страна на судот во Кавадарци. Ова го сметаме за позитивен исход и пример што дополнително ќе поттикне употреба на дигитални алатки како современ начин на комуникација помеѓу судовите и странките“, потенцира Маричиќ, кој наведе и други позитивни примери со кои се покажало дека системот е применлив за сите видови кривични постапки со целосна гаранција од секаков вид злоупотреба.
Со цел да се надминат идентификуваните слабости, Маричиќ истакна дека ќе биде многу важно во претстојниот период да се зајакне правната рамка во врска со електронското водење на судските постапки.
„Ние исто така ја разгледуваме потребата за понатамошни подобрувања нa релевантните процесни закони со цел да се овозможи ефикасно продолжување на судските постапка за време на пандемијата“, истакна Маричиќ.
За соодветно и непречено функционирање на правосудството за време на пандемија или слични ситуации, Маричиќ истакна дека е потребна целосна дигитализација на случаите и интероперабилност помеѓу судовите, со што значително ќе се зголеми ефикасноста на судовите и ќе ги забрза судските постапки, од една страна, а ќе ја намали потребата за физичко присуство, од друга.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски со владина делегација на Светскиот економски форум во Давос
Премиерот, Христијан Мицкоски, придружуван од висока владина делегација, од утре ќе учествува на 56 годишен состанок на Светскиот економски форум (WEF) во Давос, Швајцарија.
Овогодишниот форум, кој се одржува под мотото „Во духот на дијалог“, обединува над 65 шефови на држави и влади, со цел изнаоѓање решенија за најгорливите глобални предизвици.
Премиерот Мицкоски ќе оствари серија билатерални средби со претставници на водечки светски корпорации и финансиски институции, презентирајќи ги поволностите за инвестирање во македонската економија, со посебен фокус на енергетиката и технологијата.
На панел дискусиите поврзани со одржливиот развој, во кои ќе учествува македонската делегација ќе ги презентира стратешките планови за енергетска трансформација и инфраструктурно поврзување на регионот.
За време на самитот, премиерот Мицкоски е предвидено да учествува на затворени сесии за лидери, како и на јавни дебати фокусирани на вештачката интелигенција, енергетиката и новите патишта за економски раст во Европа.
Владината делегација во Давос ќе оствари средби и со високи државни претставници и претставници на меѓународните организации, со цел забрзување на реформските процеси и обезбедување поддршка за клучните национални проекти.
Македонија
(Видео) Роберт Шоповски го фати богојавленскиот крст во Елшани
Жителите на Елшани и годинава традиционално во раните утрински часови го одбележаа големиот христијански празник Богојавление – Водици.
Во 5 часот започна утринската богослужба во селото, на која присуствуваа повеќе стотини жители. По осветувањето на леб и вода, на сред село, во изворските води беше извршен чинот на фрлање на светиот крст.
Среќниот фаќач на богојавленскиот крст годинава беше Роберт Шоповски.
Како спомен на настанот, Шоповски доби пригодни подароци од страна на месната заедница и црквата „Свети пророк Илија“.
Одбележувањето на Богојавление во Елшани продолжи со народен собир и оро на сред село, каде старите и новите кумови послужуваа топла ракија и бонбони. Празнувањата продолжија и во текот на денот со традиционални светојонски трпези кај старите кумови, проследени со песна и игра.
Македонија
Пивтијада на плоштадот во Автокоманда
Денес 19.01.2026 година (понеделник) со почеток во 13:00 часот на плоштадот во Автокоманда ќе се оддржи традиционалната манифестација Пивтијада која општина Гази Баба ја организира 16. година по повод христијанскиот празник Богојавление – Водици.
Оваа манифестација во себе соддржи музички, хуманитарен и натпреварувачки карактер. Преку купување на пивтии граѓаните ќе донираат за Клиниката за детски болести, а преку декоративно украсени пивтии ќе имаат можност да се натпреваруваат за награда.

