Македонија
Состанокот на министрите за здравство во рамките на Берлинскиот процес
Министерот за здравство, Венко Филипче, и министерот за здравство на Република Бугарија, Костадин Ангелов, денеска копретседаваа со состанокот на министрите за здравство во рамките на Берлинскиот процес преку видеоконференциска врска, кој првпат оваа година на агендата го вклучува и секторот здравство.
На министерскиот состанок, кој се одржа во Владата преку видеоконференциска врска, покрај министерот Филипче, присутни беа и амбасадорката на Сојузна Република Германија, Анке Холштајн, претседателот на Комисијата за заразни болести, Жарко Караџовски, како и членот на Комисијата, Сузана Маневска.
Тема на дискусија на министерскиот состанок беше здравствениот одговор во услови на Ковид-19 во регионот и пошироко, како и координиран пристап за слободно движење на луѓе, стоки и услуги, притоа држејќи ја епидемиската состојба под контрола.
Учество во дискусијата зедоа претставници од Албанија, Косово, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Италија и од Полска. Исто така, свои вклучувања имаа и претставникот на ЕУ – советник за здравство и управување со кризи, Изабел дела Мата, регионалниот директор на Светската организација на Европа, Ханс Клуге, Јоана Ханефелд од Центарот за меѓународна здравствена заштита, Институтот „Роберт Кох“, Андреа Аман, директор на Европскиот центар за превенција и контрола на болестите, и Мира Јовановски-Дашиќ од Здравствената мрежа на Југоисточна Европа (SEEHN).
Министерот Филипче се заблагодари за поддршката од сите компании, амбасади, земјите од Европската Унија, кои дадоа значителна помош во заштитна медицинска заштита, но и средства за зајакнување на здравствениот систем во услови на Ковид-19. Тој ги информира учесниците за поддршката и четирите пакет-мерки од Владата за помош на граѓаните и компаниите и објасни како функционира здравствениот систем во услови на Ковид-19.
„Здравствениот систем од почетокот на кризата е целосно реорганизиран. Во инфективните одделенија, каде што се третираат пациенти со ковид-19, работат доктори и медицински сестри по систем на ротација. Секаде во регионот, Европа и во светот бројот на новозаразни и хоспитализирани се зголемува. Се надевам дека резултатот од овој состанок ќе биде воспоставување систем на подобра размена на искуствата во однос на пандемијата предизвикана од коронавирусот заедно со земјите во регионот. Исклучително е важно со земјите од Западен Балкан да воспоставиме подобра координација со цел поуспешно справување со ковид-кризата“, потенцира Филипче.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Бутел започна изградба на 40 пешачки и пристапни патеки во Скопје Север
Општина Бутел денеска (23 февруари 2026) започна активности за изградба на 40 пешачки и пристапни патеки до станбените згради во населбата Скопје Север.
Градежните работи опфаќаат реконструкција на пристапните влезови до станбените објекти на улиците „Боро Менков“, „Лазо Москов“, „Гоце Стојчевски“ и „Костурска“.
Од општината информираат дека новите пешачки патеки ќе го олеснат движењето на граѓаните и ќе придонесат за спречување на поплавување на влезовите на зградите.
Реализацијата на проектот, како што наведуваат, претставува исполнување на предизборните ветувања на градоначалникот за еднаков и рамномерен развој на сите населени места во општината.
Македонија
Ангелов на работен состанок во Министерството за правда за измени на Законот за здруженија и фондации
На барање на директорот Стојанче Ангелов на Дирекција за заштита и спасување (ДЗС), денеска беше одржан работен состанок во Министерство за правда, посветен на најавените измени на Законот за здруженија и фондации, што директно ги засегаат доброволните противпожарни друштва во Македонија.
На состанокот беа разгледани можните правни импликации од предложените измени, со посебен акцент на правниот статус и функционирањето на доброволните противпожарни друштва (ДПД), нивната улога во системот за заштита и спасување и на потребата од усогласување на законската рамка со реалните теренски потреби и со европските практики.
Притоа, Ангелов, заедно со тим од ДЗС и од претставници на ДПД, ја истакна важноста од заштита, унапредување и институционално препознавање на доброволниот сектор, како клучен партнер во справувањето со кризи, пожари и природни непогоди. Соработката помеѓу институциите и доброволниот сектор е еден од темелите за ефикасен и функционален систем за заштита и спасување во Македонија.
Македонија
Лажни дојави за бомби во училишта во Скопје и Тетово
Во неколку училишта во Скопје и во Тетово денеска биле примени дојави за поставени експлозивни направи, но по извршените проверки било утврдено дека станува збор за лажни пријави.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека веднаш по добивањето на пријавите биле преземени соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници.
„Веднаш по добиените пријави преземени се соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, соопштија од МВР.
Во Тетово дојавите ги опфатиле средните училишта СОУ „Никола Штејн“, СОУ Гимназија „7 Март“, СОУ Гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ и СОУ „8 Септември“.
Кај основните училишта биле опфатени ООУ „Истикбал“, ООУ „Кирил и Методиј“, ООУ „Братство-Мигени“, ООУ „Гоце Делчев“, ООУ „Беса“ и ООУ „Прпарими“.
Надлежните институции продолжуваат со преземање мерки за расчистување на случајот.

