Македонија
Средба Џафери-Хоти: Политичкиот дијалог ќе се интензивира преку одржување на првата заедничка седница меѓу владите

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, оствари средба со претседателот на Владата на Република Косово, Авдулах Хоти, во рамките на неговата официјална посета на земјава. Во состав на делегацијата беа и Дритон Селманај, заменик премиер на Владата и Мелиза Харадинај Стубла, министерка за надворешни работи и дијаспора на Република Косово.
На средбата беше изразено задоволство од одличните билатерални односи и успешната соработка меѓу двете пријателски земји, кои се карактеризираат со меѓусебна поддршка и почитување.
Џафери ја нагласи позитивната и конструктивна соработка меѓу Собранијата на Северна Македонија и Република Косово и изрази очекување за интензивирање на политичкиот дијалог преку одржување на првата заедничка седница меѓу владите на двете земји. Тој оцени дека испраќањето на 44 припадници на Армијата на Северна Македонија во составот на КФОР, како наша прва ротација во мисија предводена од НАТО по добивањето на статусот полноправна членка во Алијансата, ќе придонесе за натамошната стабилност како на Косово, така и целиот регион. Џафери нагласи дека, Република Северна Македонија принципиелно ги подржува евро – атлантските аспирации на Косово и во континуитет искажува подготвеност за пренесување на искуствата во овие процеси. Истовремено, тој изрази надеж за квалитативен напредок на Косово во интеграцијата кон ЕУ, како и добивање на визна либерализација.
Претседателот на Собранието изрази поддршка на дијалогот Белград–Приштина, со убеденост дека ќе биде постигнато одржливо решение прифатливо за двете страни и го поздрави Договорот за нормализација на економските односи меѓу Косово и Србија, потпишан во Вашингтон.
Косовскиот премиер, Авдулах Хоти, упати честитки за значајните промени, исклучителните реформи и напредокот што го постигна Република Северна Македонија, оценувајќи дека со тоа е создаден нов моментум за развој и стабилност на целиот регион. Тој се осврна на состојбата во Косово, особено на планот на евроинтеграциите и го нагласи интересот за реализација на проекти за меѓугранична соработка меѓу Северна Македонија и Косово, финансирани од ЕУ.
Џафери и Хоти се осврнаа на економската соработка и приоритетните проекти за инфраструктурното поврзување меѓу Северна Македонија и Косово, со цел дополнително приближување на двете земји и овозможување слободен проток на лица и стоки.
На крајот од средбата, соговорниците ја нагласија потребата за натамошно продлабочување на соработка меѓу Република Северна Македонија и Република Косово во сите области од заемен интерес, што ќе придонесе за натамошно зацврстување на добрососедските односи, како и за напредокот, стабилноста и безбедноста на регионот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Без вода денеска корисниците од улицата Црвена Скопска Општина

Од ЈП Водовод и Канализација добиено е известување дека денеска, поради дефект во шахта (промена на шибер во шахта ф 50 мм) на улицата Кеј Димитар Влахов бр.4, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улицата Црвена Скопска Општина (сите објекти кои се наоѓаат на истоимената улица).
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување на работата.
Македонија
На Богородица се чека околу 30 минути

Поради пожар во националниот Парк Јасен, регионалниот пат Р1106 Македонски Брод – Скопје затворен е за секаков вид на возила, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно влажни коловози.
Интензитетот на сообраќајот на патиштата надвор од градските средини е зголемен. Поради летните одмори, се бележи зголемена фреквенција на возила, на ГП Богородица времето на чекање е околу 30 минути, додека на останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања при влез или излез од државата.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, наместа нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи

Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Наместа ќе има појава на нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 19, а максималната ќе достигне од 26 до 32 степена.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди, ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 18, а максималната ќе достигне до 32 степени.
Времето во наредните денови
Од среда до петок ќе преовладува претежно стабилно време со пораст на дневните температури. Во деновите од викендот повторно ќе има услови за повремени локални врнежи од дожд и ретки грмежи, а дневните температури ќе бидат во опаѓање.