Регион
Словенија ги заострува мерките, од вечерва нова забрана за движење – се затвораат општините
Поради големиот пораст на инфекции со коронавирус, Словенија ги заострува мерките, така што од вечерва стапува во сила забраната за движење надвор од општината во која се престојува, најави премиерот Јанез Јанша. Ограничувањето на движењето надвор од општините првин ќе биде во сила седум дена за целата земја, а олеснување на мерките потоа ќе се воведе постепено во регионите што први ќе го ограничат ширењето на епидемијата, објави Јанша на својот профил на „Твитер“.
„Бројот на нови случаи на Ковид-19 расте, затоа воведуваме нови мерки од владиниот план за контрола на ширењето на епидемијата“, рече тој. Јанша истакна дека засега нема да има потреба да се сместуваат болни во шатори или други слични установи.
Во Словенија во саботата беа потврдени 1.675 нови случаи на инфекција со коронавирус, а починаа пет пациенти, што е втор најголем број на пациенти од почетокот на епидемијата. Бројот на пациенти во болниците продолжува да се зголемува, каде што во моментот има 508 заразени, од кои 71 се во одделенијата за интензивна нега.
Од почетокот на пандемијата во Словенија има нешто помалку од 23.000 заразени, а 241 лице починале. Во моментот има 625,8 заразени на 100.000 жители во последните 14 дена, што е една од поголемите бројки во Европа.
Од саботата во сила се мерки со кои се затворени продавници, освен оние што продаваат храна и основни потреби, забрането е работење на фризерски и на салони за убавина, велнес-центри, базени, кина, театри и спортски сали. Одлуката што Јанша ја објави е неочекувана имајќи предвид дека деновиве се зборуваше за неа само како за последно средство.
Затворањето на општините, кое беше во сила во првиот бран на епидемијата пролетва, наиде на многу остри критики и протести. Во тоа време некои тврдеа дека тоа е непропорционално со опасноста.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Рама објави укинување на забраната за „Тик-ток“ во Албанија
Албанскиот премиер Еди Рама објави дека социјалната мрежа „Тик-ток“ повторно ќе биде достапна во Албанија.
Рама во интервју за „Политико“ истакна дека албанската влада постигнала партнерство со претставници на социјалната мрежа и дека набргу ќе претстави нови мерки за заштита на јавноста во оваа земја.
„Задоволни сме од резултатот. Постигнавме партнерство и се надевам дека во наредните недели или месеци ќе го презентираме планот пред албанските граѓани, како што ветивме“, рече Рама.
Албанската влада го забрани „Тик-ток“ пред една година кога објавите на платформата предизвикаа тепачка меѓу млади, во која 14-годишно момче беше избодено до смрт.
Регион
Србија меѓу првите во регионот што воведува тестирање на алкохол кај летачкиот и кај кабинскиот персонал
Од 1 јануари 2026 година во Србија ќе почне систематско тестирање на летачкиот и на кабинскиот екипаж за присуство на алкохол.
Со тоа Србија станува една од првите земји во регионот што ја воведува оваа постапка во целост, објави Дирекцијата за цивилно воздухопловство на Србија.
Тестирањето ќе се спроведува на летачкиот и на кабинскиот екипаж на домашни и странски авиони што ги користат аеродромите во Србија.
Проверките ќе ги вршат специјално обучени и овластени воздухопловни инспектори на Дирекцијата.
Постои нулта толеранција за присуство на алкохол кај членовите на екипажот на авионите.
За мерење на количината алкохол ќе се користат сертифицирани и калибрирани уреди за мерење алкохол во здивот, кои имаат доказна вредност во судските постапки.
Во случај член на летачкиот или кабинскиот екипаж да го одбие тестот или тестот утврди присуство на алкохол, воздухопловниот инспектор привремено ќе му забрани да ги извршува должностите на член на екипажот и ќе го пријави тоа кај надлежните органи.
По правило тестирањето ќе се врши во кабината на авионот, а податоците за спроведените тестови ќе се внесуваат во централизирана база на податоци управувана од Агенцијата за безбедност на воздухопловството на Европската Унија (EASA).
За почетокот на примената на оваа постапка Дирекцијата навремено ги информира сите воздухопловни субјекти во Србија и EASA, која има улога да обезбеди поддршка во дефинирањето на приоритетите за тестирање и управувањето со релевантните податоци.
Фото: depositphotos
Регион
Во Хрватска во тек е јавна дебата за изградбата на првата нуклеарна централа
Во Хрватска предлог-законот за примена на нуклеарна енергија за цивилни цели, изготвен од работна група, составена од голем број експерти од областа, е пуштен на јавна дебата, што всушност е првиот сериозен правен чекор во долгорочниот и скап процес на изградба на првата нуклеарна централа на хрватска територија.
Во последните месеци, министерот за економија, Анте Шушњар, често се појавуваше во јавноста со идејата дека Хрватска треба да изгради сопствена нуклеарна централа, што во овие нови геополитички околности и трендови на напуштање на фосилните горива, како и во времето на револуцијата на вештачката интелигенција и потребата од огромни количини електрична енергија, би донело стабилност во електроенергетскиот систем на земјата и би влијаело на намалувањето на емисиите на штетни гасови, пренесува „Танјуг“.
Од нацрт-верзијата на предложениот закон е јасно дека Хрватска во иднина во голема мера ќе се потпира на нуклеарна енергија. Планот е една третина од електричната енергија до 2040 година да доаѓа од нуклеарни извори.

