Економија
Потпишани договори за финансиска поддршка со 48 компании
Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, заедно со министерот за економија, Крешник Бектеши, одржа прес-конференција, на која беа презентирани податоци поврзани со договорите за државна помош потпишани со компании што аплицираа за мерките од Законот за финансиската поддршка на инвестициите за 2020 година.
„Оваа година се потпишаа нови договори со 38 компании и 10 анекси на договори со вкупен инвестициски циклус од 53,4 милиони евра. Ова се финансиски средства што компаниите ги вложуваат во инвестиции и развој, како и стекнување конкурентска предност. Ова носи напредок и развој за нивните вработени, но во ова време на непредвидливост и светска криза, тоа значи стабилност на нивните работни места и отворање нови. Дополнително, ова се инвестиции што компаниите ги прават во време на светска криза предизвикана од Ковид-19. Токму затоа би сакал да ги поздравам одлуките на овие 48 компании, кои решија да реализираат нови инвестиции, со што ќе продолжи трендот на нивен раст, ќе се отворат нови работни места и ќе се зголеми конкурентноста на компаниите на домашниот, но уште поважно, на меѓународните пазари“, рече Битиќи на почетокот на своето обраќање.
Во однос на големината на компаниите вицепремиерот укажа дека повеќето се мали фирми (до 50 вработени), вкупно 20 (или 53 %), по што следуваат средни компании, вкупно 10 (или 26 %), па 5 микрокомпании (13 %) и најмалку се големите компании, само 3 (8 %).
„Рамномерната регионална распределба на компаниите и структурата по големина покажуваат и докажуваат дека Законот за финансиската поддршка на инвестициите дава еднаква можност за сите компании во земјата независно од нивната големина или местоположба. Единствено важно е компаниите да прават инвестиции во нивниот развој и конкурентска предност, да покажуваат успех во нивното работење и да не го намалуваат бројот на вработени со текот на годините. Економскиот развој, унапредување на конкурентноста на компаниите на домашниот и меѓународните пазари и подигнување на животниот стандард на вработените остануваат врвен приоритет на Владата. Во овој момент фокусирани сме кон амортизирање и намалување на штетите предизвикани од коронавирусот и на спроведување на четвртиот сет мерки со кои ќе ги поддржиме граѓаните и компаниите во овој тежок период, сепак паралелно мораме да работиме и на подолгорочно планирање и да бидеме подготвени за брз раст и развој на економијата по стабилизирање на состојбата со коронавирусот, односно во постковид-периодот. Инвестирајте и развивајте се, во државата имате партнер, Владата е тука да го поддржи и следи вашиот развој“, потенцира вицепремиерот Битиќи во своето излагање.
Министерот за економија, Крешник Бектеши, нагласи дека му претставува задоволство што и покрај пандемијата, која предизвика и економска криза, заедно со вицепремиерот Битиќи има можност да објави дека и оваа година Владата продолжува со поддршка на бизнисот и поддршка на домашните компании, кои и покрај сè, успеале да работат успешно во текот на претходната, но и во текот на оваа година.
„Кога го создадовме планот за економски раст пред 3 години, многу луѓе беа скептични дека овој план нема да даде резултати, нема да креира нови работни места, нема да имаат бенефит нашите компании, но нема да поттикне и раст на инвестициите. Но, податоците во изминатите 3 години покажуваат дека со вакви планови, со ваква транспарентност, со ваква предвидност од страна на нашите компании ние успеавме да поддржиме како што кажа и вицепремиерот над 240 компании“, истакна министерот.
Бектеши нагласи дека Владата и Министерството за економија, со цел да дополнително ги поттикнат компаниите да реализираат нови инвестиции, објавија јавен повик за финансиска поддршка за зајакнување на конкурентноста на деловните субјекти во текот и во пост-Ковид-19 периодот, што практично може да го земеме како дополнително зајакнување на мерките за производни компании што реализирале инвестиции во 2020 година, а за чија реализација се обезбедени дополнителни 20 милиони евра поддршка за компаниите.
„Одлучивме оваа година дополнително да ги помогнеме нашите компании кои ќе имаат храброст да инвестираат во тек на ковид-криза, но и постковид-кризата, значи и во 2021 година, со дополнителни 20 милиони евра. Што се однесува до процесот, можам да ја информирам јавноста, а особено компаниите што аплицирале, дека е при крај евалуацијата на сите апликации и наредната недела ќе доставиме извештај од страна на Комисијата, која е во склоп на Министерството за економија, до Владата на Северна Македонија по што ќе продолжиме и со потпишување нови договори за инвестиции што очекуваме да надминат 100 милиони евра во текот на 2020 година и 2021 година“, рече министерот Бектеши.
Министерот за економија, Крешник Бектеши, информира дека Министерството за економија во тесна соработка со канцеларијата на претседателот на Владата, кабинетот на вицепремиерот за економски прашања и Министерството за финансии почнаа со изготвување текст за изменување и дополнување на Законот за финансиската поддршка на инвестициите имајќи ги предвид критериумите кои моментно се во тој закон со цел да им се олесни аплицирањето на нашите домашни компании за наредната година да може да аплицираат. Измените ќе бидат во насока на олеснување на критериумите за компаниите што се однесуваат за намалување на бројот на вработени и намалување на приходите што во моментот се предвидени како основни критериуми за да може да се квалификуваат компаниите за аплицирање за мерки од ЗПФИ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
„Виз Ер“ воведува евтина „бизнис класа“, можете да платите за да го задржите средното седиште празно
Нискобуџетната унгарска авиокомпанија „Виз Ер“ ќе започне со тестирање на таканаречената „основна бизнис класа“ на одредени летови од декември оваа година, нудејќи малку повеќе удобност во рамките на својата стандардна услуга без додатоци. Оваа нова функција ќе биде воведена на пет рути, вклучувајќи летови до Лондон, Рим и Будимпешта.
Концептот е едноставен – во првиот ред од авионот, средното седиште ќе биде оставено празно за да им се обезбеди на деловните патници повеќе простор и да се олесни качувањето. Мајкл Делехант, виш комерцијален и оперативен директор, нагласи дека цената нема да биде драстично повисока.
„Што се однесува до цените на билетите, таа никогаш нема да биде повеќе од цената на купување дополнително седиште“, изјави тој на прес-конференција.
Иако билетите за овие специјални седишта ќе бидат поскапи, патниците сепак ќе бидат третирани исто како и сите други.
„Повеќе се работи за ефикасноста на патувањето и малку дополнителен простор во авионот“, рече Делехант.
Воведувањето премиум услуги е тренд што го следат и американските нискобуџетни превозници за да се натпреваруваат со големите превозници.
Делехант забележа дека сè уште има силна побарувачка за нискобуџетни летови во Европа, но дека пазарот треба да се развива.
Економија
Поскапуваат бензините и дизелот
Бензините и дизелот од ноќеска на полноќ ќе поскапат за половина и за еден денар, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 4.11.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 74,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 76,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 71,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 69,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 36,913 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менува.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,856 ден/кг и сега ќе изнесува 36,913 ден/кг.
Економија
Славески: Во септември депозитите на домаќинствата достигнале 427 милијарди денари
Штедењето е системска неопходност и важен фактор за одржлив економски раст и за финансиска стабилност, порача гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, на настанот по повод Светскиот ден на штедењето, којшто се одржа во организација на Македонската банкарска асоцијација, во присуство на министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, директорот на Фондот за осигурување депозити, Бехар Емини, претседателката на МБА, Маја Стевкова-Штериева и претставници од банкарскиот сектор.
Во своето обраќање, гувернерот нагласи дека во време на светска неизвесност и последователни кризи, штедењето претставува темел на отпорноста на економијата и на стабилноста на финансискиот систем.
„Отпорноста не е реакција, туку прашање на претходна подготвеност – градење простор за справување со кризите пред да се случат“, истакна Славески.
Тој посочи дека и покрај бројните шокови во последните години, кај граѓаните е задржана склоноста кон штедење и довербата во банкарскиот систем. Според податоците, во септември 2025 година, депозитите на домаќинствата достигнале 427 милијарди денари, што претставува раст од над 50% од почетокот на пандемијата. Зголемен е и уделот на денарските и на долгорочните депозити, што придонесува за стабилност и ја зајакнува отпорноста на економијата.
Гувернерот нагласи дека поттикнувањето на штедењето е од суштинско значење за зголемување на потенцијалот за раст и за намалување на зависноста од надворешни извори на финансирање, особено во контекст на светски економски промени, геополитички тензии и структурни предизвици. Според него, економиите во регионот мора повеќе да се потпираат на сопствените заштеди како двигател на инвестициите и долгорочната стабилност.
„Во свет полн со неизвесност, претпазливоста е најкредибилната константа, а штедењето е системска неопходност“, истакна Славески, додавајќи дека негувањето на културата на штедење и финансиска одговорност во рамки на семејствата, институциите и општеството е вложување не само во личната сигурност, туку и во економската сила на државата.

