Култура
(Видео) Светски познати теоретичари и експерти на уметноста ќе одржат онлајн-предавања во МСУ

Музејот на современата уметност – Скопје во рамките на Интердисциплинарната програма почнува со онлајн-предавања со наслов „Без/редие во светот на уметноста“. Предавачи во рамките на програмата се водечки автори, теоретичари и експерти за актуелни прашања и согледби врзани со уметноста, како: Сантијаго Забала, (Santiago Zabala), кој ќе одржи предавање на 29 октомври, Шантал Муф (Chantal Mouffe) на 14 ноември, Ејал Вајзман (Eyal Weizmen) на 25 ноември, Кети Чукров (Keti Chukhrov) на 10 декември и Џеф Дијаманти (Jeff Diamanti) на 17 декември.
Сите предавања почнуваат во 18.30 часот и ќе бидат реализирани преку „Зум“, а линкови за следење на предавањата ќе бидат овозможени преку официјалната веб-страница на музејот https://msu.mk/home/ и преку страницата на МСУ на „Фејсбук“ https://www.facebook.com/msuskopje/.
Автор на програмата е Тихомир Топузовски, раководител на интердисциплинарната програма во МСУ и главен и одговорен уредник на списанието „Големото стакло“. Топузовски пред секое предавање ќе има свој вовед и понатаму прашања во рамките на предавањата. Основните определби на оваа програма е да претставува и промовира современи критички форми на знаење, методологии за истражување, како и анализи и разбирање на уметничките и културните практики.
Програмата почнува в четврток во 18.30 часот со онлајн-предавањето на Сантијаго Забала, професор по филозофија на Универзитетот Pompeu Fabra во Барселона. Наслов на предавањето е „Уметноста глобалното враќaње кон поредокот“. Забала е автор на многу книги вклучувајќи го и делото „Зошто само уметноста може да нè спаси нас: Eстетиката и отсуството на вонредност“ (Columbia University Press, 2017).
Забала објавува за „Гардијан“, „Њујорк тајмс“ и „Ал џезира“. Негова последна книга е „Да се биде на слобода: Слободата во ерата на алтернативните факти“ (McGill-Queen’s University Press, 2020). Во своето предавање тој ќе се осврне на политичарите и интелектуалците, кои инсистираат на универзални вистини, создавајќи состојба во која отсуството на вонредност е најголемата вонредна состојба. Во центарот на оваа состојба е верувањето дека нема алтернативи во рамките на глобалниот поредок. Овој поредок ja наметнува реалноста политички над другите култури оправдувајќи го неговото присуство преку дискредитирање на фактите.
На пример, противењето на Доналд Трамп на фактите за климатските промени има цел да создаде состојба на отсутност на вонредностa, каде што вистината ја наметнува авторитетот и ниту набљудувањето на надворешниот свет ниту дејствата спротивставени на властите не се дозволени во постојниот поредок. Ова спротивставување е еднакво застапено кон разликите, промените, како и кон културната другост, појави што треба да се избегнуваат и кои ja нарушуваат безбедната состојба, која властите ја претставуваат. Забала уверува дека уметноста функционира подобро отколку научните извештаи и филозофските трактати како начин на покажување на состојбите на вонредност. Ова не е поради умешноста на уметниците да создаваат убавина, туку поради интензитетот и длабочината на нивните дела. Целта на ова предавање е да се оди во разоткривање на случаите на најголема вонредност, тoa се случаите што ги превидуваме, игнорираме и ги отфрламе и доколку најголемата вонредност денес е отсуството на вонредни состојби, треба да се запрашаме како може уметникот да нè внесе во овие вонредности и што е спасот во оваа состојба?
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
„Голдберг варијациите“ на Бах во изведба на Дино Имери – утре во Виена

Македонскиот пијанист Дино Имери, еден од највпечатливите уметници на својата генерација, утре (13 јуни) ќе настапи во Виена – глобалниот и историски центар на класичната музика. На програмата е капиталното дело на Јохан Себастијан Бах – „Голдберг варијации“, кое ретко се изведува на концертните сцени низ Европа, токму поради неговата исклучителна сложеност и длабочина.
Концертот ќе се одржи во престижниот „Бехштајн Центрум“ во Виена, во организација на Амбасадата на Република Северна Македонија, со поддршка од Македонско-австрискиот бизнис клуб и компанијата SSB Infrastructure-Austria.
Ова дело, коешто Имери премиерно го изведе во Скопје во рамки на „Недела на Бах“, привлече големо внимание од публиката и критиката. Програмата бара техничка виртуозност и уметничка зрелост, а само мал број пијанисти во светот се осмелуваат да го стават во својот концертен репертоар.
„Настап во Виена е сон на секој уметник. Особено ми е чест да ги изведам ‘Голдберг варијациите’ – едно од најмонументалните дела на класичната литература, на сцена пред публика која секојдневно слуша врвни уметници и програми. Работев на ова дело повеќе од пет години. Искрено им се заблагодарувам на Н.Е. г-дин Освит Росоклија и на поддржувачите на концертот – без нив оваа реализација немаше да биде можна“, изјави „волшебникот на пијаното“ Дино Имери пред настапот.
Концертот е со слободен влез и отворен за сите љубители на класичната музика.
Култура
Фестивалот Credence Dance почнува на 16 јуни

Третото издание на фестивалот Credence Dance започнува на 16 јуни, а ќе трае до 21 јуни со програма конципирана тематски, Вечери на класичен балет и Вечери на современ танц.
Фестивалот оваа година има и дополнителна програма која ќе се состои од работилници и трибини. На програмата се фрагменти од бисерите на класичното наследство „Лебедово езеро“, „Рајмонда,“„Копелија“, „Дон Кихот“, „Силфида“ и други.
Освен тоа во делот на модерниот и современиот танц премиерно ќе бидат изведени дела на Игор Киров, Бојан Мицов, Џонс Хинг, Франциско Руиз и Јована Петровска кој кореографите наменски ги подготвија за фестивалот.
Овогодинешниот Credence Dance фестивал ќе понуди ексклузивни гости од Кина, САД, Италија, Франција, Германија, Велија Британија итн. Ова е исклучителна и ретка можност да се видат овие уметници на домашна сцена.
Во рамки на фестивалот традиционално ќе биде врачена Наградата за трајни вредности во танцовата уметност. Настанот се одржува во Националата опера и балет.
Фестивалот е поддржан од Министерството за култура и Универзитетот „Св Кирил и Методиј“, Скопје. Влезот е слободен.
Култура
Во Москва излезе „Пиреj“ од Петре М. Андреевски

Романот „Пиреj“ излезе од печат во Москва на инициjатива на Олга Панкина, познат популаризатор на македонските културни вредности во Русија. Таа го преведе уште во 2008 година, го обjави издавачката куќа „Феникс“, Скопjе. Како што обjаснува Панкина, романот на руски веднаш предизвика интерес каj публиката, но сепак книгата не можеше да допре до широк круг рускоjазични читатели. Сметаjќи го романот на основоположникот на современата македонска проза Петре М. Андреевски за ремек дело, таа си постави за задача да го преобjави во Москва.
Оваа година идеjата jа поддржа Центарот за книга „Рудомино“ со коj Олга Панкина плодно соработува веќе петнаесет години (Центарот за книга има обjавено творби на над 20 македонски автори).
Ова издание на „Пиреj“ е многу квалитетно (368 страни, тврд повез) и изгледа современо. На корицата има фрагмент од сликата „Стара куќа“ на Олга Панкина. Блескав предговор за книгата напиша Венко Андоновски, коj даде за руска читателска публика основни информации за историјата која е заднина на личната драма на едно македонско семејство од почетокот на ХХ век, семејството на Јон и Велика, jа подвлече актуелноста на романот и го нарече како најголем македонски бестселер на сите времиња.
Тукушто обjавениот роман веќе заживее своj книжевен живот – почна да стекнува читатели. Минатата недела, од 3 до 7 jуни, беше презентиран на Саемот на книга на Црвениот плоштад во Москва на штандот на издавачот Центар за книга „Рудомино“.