Македонија
Димитров од Париз: Северна Македонија има заслужено место во визијата на Франција за иднината на Европа
Со средбата со државниот секретар за европски прашања во Министерството за Европа и надворешни работи на Франција, Клеман Бон, заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Никола Димитров денес во Париз ја почна дводневната посета на Франција, прва посета на земјата по формирањето на новата Влада.
Централна тема на разговорот беше француската поддршка во контекст на успешното заокружување на нашата европска приказна годинава.
„Принципелната француска поддршка изразена и преку обновениот пристап за преговори е уште еден значаен елемент во клучниот период за усвојување на документот, кој ќе го овозможи почетокот на преговорачкиот процес оваа година. Елемент кој ни дава право да веруваме во успехот што ѝ треба и на Европа“, истакна Димитров потенцирајќи ја улогата на Франција како еден од стожерите на Унијата.
„Колку побргу земјите членки ќе постигнат консензус за преговарачката рамка, толку побргу ќе може да ја почнеме последната фаза од пристапните преговори и од успешната трансформација на нашето општество. На овој начин ќе се испрати позитивен сигнал и на регионот дека европеизацијата е единствениот пат за темелно зајакнување на демократските процеси и овозможување економски раст и развој, а со тоа и подобрување на животниот стандард за граѓаните“, порача вицепремиерот Димитров од Париз.
Соговорниците се согласија дека со усвојувањето на рамката и одржувањето на првата меѓувладина конференција ќе се валоризираат сите напори и успеси што ги постигнавме изминатиов период и од аспект на реформите, но и во однос на затворањето на билатералните прашања со соседите. „Достигнување на Северна Македонија, но успех и на Европската Унија и нејзините земји членки“, заеднички констатираа Димитров и Бон.
Од француска страна беше реафирмирана подготвеноста за помош во реализирањето на она што ќе претставува заеднички успех и дека преговорите ќе ја следат новата методологија, која ќе придонесе за зајакната политичка димензија и предвидливост на процесот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Граѓаните „Мој ДДВ“ ќе го добијат на сметка до крајот на ноември
Граѓаните кои редовно скенираат фискални сметки преку апликацијата „Мој ДДВ“ повратот на данокот за третиот квартал годинава ќе го добијат на своите трансакциски сметки до крајот на ноември, информира Министерството за финансии.
Станува збор за парите акумулирани од скенираните сметки во периодот јули–септември, кои согласно правилата се исплаќаат 60 дена по завршување на кварталот.
Од институцијата појаснуваат дека системот за поврат функционира редовно, а доцнење најчесто се случува поради неточни или неажурирани податоци за трансакциската сметка во Управата за јавни приходи. Доколку граѓаните смениле банка или број на сметка, потребно е навреме да ги ажурираат информациите во својот кориснички профил, за да не дојде до враќање или блокада на уплатата.
Македонија
Четириесет дена откако почина Панчо од „ДНК“, колегите од македонската сцена со трогателни пораки
Четириесет дена по смртта на Владимир Блажев, познат на јавноста како Панчо од хип-хоп дуото „ДНК“, социјалните мрежи повторно се исполнети со неговото име. Колегите, пријателите и неговите најблиски денеска споделија спомени, фотографии и емотивни пораки, покажувајќи колку силна празнина остави неговото заминување.
Една од најемотивните објави дојде од пејачката Ана Костадиновска, која долги години беше дел од придружните вокали на ДНК. Таа на Инстаграм сподели неколку заеднички моменти со Панчо, придружени со кратка, но искрена порака што допре многумина: „40 дена. Недостасуваш… Многу!“.
Фотoгрaфиите покажуваат сцени од настапи, патувања и задкулисни моменти – сведоштво за една силна професионална и пријателска врска.
Своја приказна сподели и Елена Ристеска. Таа објави стара фотографија од нивната прва успешна соработка, кога во 2016 година заедно освоија три награди на Македонскиот радиски фестивал – МАРС.
Пејачката Теа Трајковска, која исто така имала свои проекти со ДНК, сподели фотографија со Панчо, со кратка порака дека спомените вечно ќе останат живи.
Панчо, кој трагично ги загуби битките со тешките повреди по пожарот во дискотеката „Пулс“, останува силно присутен меѓу неговите колеги. Тој почина по тешка борба во болница со повредите кои ги доби во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Македонија
700 наместо 200 луѓе на концертот на Аца Лукас , СДСМ бара истрага и одговорност
СДСМ реагира поради приведувањето на српскиот пејач Аца Лукас, потенцирајќи дека на концертот имало преку 700 посетители во локал кој по закон не смее да прими ниту 200 лица. Според партијата, ова покажува дека и полицијата на Тошковски и општината на Митко Јанчев биле запознати со настанот, знаеле дека нема безбедносни услови за негово одржување, но не презеле ништо, дозволувајќи концертот да се случи, кој бил прекинат дури во текот на настанот.
Од СДСМ поставуваат повеќе прашања до надлежните: зошто настанот воопшто бил дозволен и биле пуштени 700 луѓе во ризик, зошто организаторите и сопственикот на локалот не се повикани на одговорност, дали дискотеката ги запазила сите прописи, и дали МВР не повторува ризични практики како во Кочани.
Според информации, полицијата го прекинала настанот дури после полноќ, во 00:10 часот, откако локалот со часови бил преполн.
СДСМ бара итна истрага и санкционирање на сите кои дозволиле да се одржи настанот, од МВР до организацијата, со повик до министерот Тошковски да излезе со одговорност.

