Македонија
Шахпаска: Сите експерти за човекови права да конкурираат за избор во комисијата за заштита од дискриминација

Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, ги повика сите оние што се стручни во областа на човековите права, еднаквоста и недискриминацијата и ги исполнуваат законските услови, да се јават на огласот за избор на комисија за спречување и заштита од дискриминација, што Собранието е должно да го објави во рок 15 дена од стапувањето во сила на законот за спречување и заштита од дискриминација.
„Ги повикувам сите што имаат стручно познавање и искуство во делот на човековите права, еднаквоста и недискриминацијата да се јават на огласот и низ транспарентен процес да бидат избрани најдобрите кандидати. Граѓаните тоа го очекуваат. Обезбедени се услови за создавање независна, професионална и ефикасна комисија за спречување и заштита од дискриминација, чија задача ќе биде заштита на граѓаните што се дискриминирани по кој било основ“, порача министерката Шахпаска по изгласувањето на законот.
Таа оцени дека овој закон е од исклучително значење за граѓаните и за државата, особено што сега јасно се дефинирани основите на дискриминација, вклучително и сексуалната ориентација и родовиот идентитет, во согласност со меѓународните стандарди и европската регулатива.
„Концептот едно општество за сите подразбира почитување на различностите, борба против дискриминацијата, еднакви права и слободи за сите граѓани“, порача министерката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Ѓолека, Јаоски и Азизи влегуваат во трка за градоначалници, сподели Али Ахмети

Претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, вчера ја свика 23-та седница на Централното претседателство на партијата, каде се дискутираше за актуелните политички случувања, мобилизацијата на Националната алијанса за интеграција и претстојниот референдум закажан за 19 октомври.
На седницата едногласно беа усвоени три нови кандидатури за градоначалници: Фламур Ѓолека за Долнени, Али Јаоски за Пласница и Исамедин Азизи за Бутел.
„На 19 октомври народот ќе го врати достоинството и ќе ја потврди својата историска улога. Убеден сум дека ќе извојуваме плебисцитарна победа која ќе биде наша заедничка гордост“, изјави лидерот на ДУИ, Али Ахмети, по завршувањето на состанокот.
ДУИ најавува дека е во завршна фаза на селекција на сите кандидатури со кои Националната алијанса за интеграција ќе настапи на локалните избори.
„Сите сме на нозе, сите сме мобилизирани за победа, ова не е само партиска битка, туку битка за достоинството и иднината“, стои во соопштението на партијата.
Скопје
(Фото) Левица: Учениците во „Ѓорѓија Пулевски“ учат во подруми со влага и смрдеа

Учениците од шесто одделение во основното училиште „Ѓорѓија Пулевски“ во општина Аеродром наставата ја следат во подрумски простории со влага, непријатна миризба и без природна светлина, реагираат од партијата Левица.
Од таму посочуваат дека ваквите услови се недостоинствени за било кое училиште, а не за основци кои треба да учат во здрава средина.
„Овие услови се недостоинствени дури ни за затворски ќелии, а камо ли за деца кои треба да растат во здраво и безбедно училишно опкружување. Загрижени родители алармираат дека на некои ученици им се слошило и повраќале поради неподносливата миризба на мувла и влага“, соопштија од Левица – Аеродром.
Според нив, локалната власт ја сноси целата одговорност за понижувањето на најмладите и изложувањето на здравствен ризик.
„Дополнителен скандал е фактот што ДПМНЕ пред четири години ветија целосна реконструкција на училиштата во општината, но во изминатиот мандат не направија ништо. Наместо елементарни услови, децата се приморани да учат во простории со влага и смрдеа“, додаваат од партијата.
Левица бара итно преместување на учениците во други училници и обезбедување нормални услови за образование.
Македонија
Земјотрес ги разбуди струмичани, епицентарот бил во Валандово

Телеметриската сеизмолошка мрежа на Македонија ноќеска во 02:13 часот регистрираше земјотрес со локална магнитуда 2,2 степени според Рихтеровата скала, со епицентар во епицентралното подрачје Валандово, на околу 116 километри југоисточно од Скопје.
Според Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, потресот бил почувствуван во Струмица и околните места со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
„Се работи за послаб земјотрес кој нема потенцијал да предизвика материјални штети, но поради блискоста на епицентарот, граѓаните во дел од југоисточниот регион го почувствуваа потресот“, велат од Сеизмолошката опсерваторија.
Надлежните апелираат дека ваквите земјотреси се вообичаени за нашето подрачје и дека нема простор за паника.