Македонија
Пожарникарите протестираа пред канцеларијата на Шилегов
Пожарникарите на мирниот протест пред канцеларијата на градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, порачаа дека не се откажуваат од своето барање да им се исплати надоместокот на плата за опасност при работа. Велат дека сè уште немаат одговор на писменото барање што го упатиле до првиот човек на Градот. Најавија дека ќе преземат посериозни чекори, односно дека за остварување на своите права ќе се обратат до Владата.

„Чекаме од градоначалникот да одговори написмено дека не е во состојба да ни го реши прашањето за нивелирање на платата. Со оглед на фактот што нема слух за нас, одлучивме дека нема ефект од чекање овде. Затоа, ќе преземеме други мерки, а тоа би било да се обратиме до Владата. Како што ни соопшти градоначалникот, спорно било да се промени одреден член од Законот за пожарникарството за да си ги добиеме нашите 20 %. Ако е тоа проблемот, нека ни даде писмен одговор и тогаш ќе одиме до повисоките институции и ќе бараме да се смени тој член за нè исплатат како што одлучи судот. Да бидеме јасни, не бараме покачување, како што некои медиуми објавија, ние сакаме пресметката на платата да биде по судските пресуди, а тоа значи – ако сега земаме 80 % од платата, би требало да ни ги вратат тие 20 % што ни следуваат“, изјави Дејан Исаевски, командир во Бригадата за противпожарна заштита.

Денешните протести продолжија по вчерашната тензична средба меѓу градоначалникот Шилегов и пожарникарите, на која не постигнаа заеднички договор.
Шилегов им рече дека проблемот со начинот на исплата на платата на пожарникарите е стар повеќе од 15 години и не станува збор за недостиг на волја, туку дека нема законски основ да може да се исплаќа платата како што ја бараат тие.
Најави дека се вршат измени во Законот за пожарникарството, кои треба да стапат во сила во јуни 2021 година, а со кои барањата на пожарникарите ќе добијат законски основ за нивно реализирање.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без струја делови од Гази Баба и Ѓорче Петров
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08.00 до 14.30 часот, корисниците на обејкт на Меркур Македонија. (општина Гази Баба)
· во периодот од 09.00 до 14.30 часот, корисниците на дел од улицата Радушка (општина Ѓорче Петров)
Македонија
Променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд
Променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 6, а максималната ќе достигне од 10 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно, претпладне со повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен ветер претежно од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 16 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на стабилна воздушна маса следува период на суво и стабилно време. Утринската температура ќе се спушти под нулата, а во одредени котлини ќе има услови за појава на магла.
Македонија
Центар наскоро ќе стане првата општина во земјава со систем за мерење на бучава, рече Герасимовски
Општина Центар наскоро ќе стане првата општина во земјава со систем за мерење на бучава во реално време, најави градоначалникот Горан Герасимовски. Според него, јавната набавка е завршена, а веднаш по изборите ќе бидат поставени 30 мерни единици на различни локации.
„Заврши јавната набавка, чекаме да поминат изборите за да ги поставиме мерните единици – првично 30. Преку мобилна апликација, секој граѓанин ќе може да провери каква е фреквенцијата на бучава на одредена локација“, изјави Герасимовски.
Системот, како што објасни, ќе им овозможи на граѓаните докази при пријавување во Министерството за внатрешни работи или до општинските инспекциски служби. Целта е брза и ефикасна реакција на прекршителите, особено во зони каде што постојат проблеми со прекумерна бучава од угостителски објекти и сообраќај.
Во вториот дел од изјавата, Герасимовски зборуваше за следниот голем проект на општината – постепено затворање на Дебар Маало за моторен сообраќај, со што ќе се намали хаосот со паркирањето и ќе се создаде подобар квалитет на живот за жителите.
„Имаме ревидиран проект за затворање на Дебар Маало. Тој е доставен до Министерството за внатрешни работи и веќе имавме два состанока со МВР за да го подобриме и да добиеме одобрување. Така и беше договорено на последниот состанок“, рече Герасимовски.
Планот е Дебар Маало да се затвора дел по дел, почнувајќи веднаш по завршувањето на изборниот процес, а првата рампа веќе е поставена.
„Веќе поставивме рампа на почетокот на Боемска улица. Разговараме за начинот на кој таа зона ќе функционира, и тоа ќе биде пример за затворање и на други населби каде што сообраќајот и паркирањето се хаотични“, додаде градоначалникот.

