Македонија
Груби се сретна со бугарскиот амбасадор Ангелов: Историјата не треба да ја држи иднината во заложништво

Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, денеска во својот кабинет се сретна со амбасадорот на Република Бугарија во Скопје, Ангел Aнгелов.
Тие разговараа и за добрососедските односи, кои се вредност за Република Северна Македонија, но и за регионот. Заедно тие потврдија дека е потребна уште поголема посветеност во оваа насока со цел да се постигне уште поголемо приближување меѓу нашите две земји.
Вицепремиерот Груби и амбасадорот Ангелов се согласија дека договорот за добрососедство меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија постави одлични темели за понатамошна соработка во повеќе области, но и во приближувањето на двете земји во областа на културата и на двата народа.
На средбата исто така беше истакнато значењето на заедничкото претседателство со Берлинскиот процес за Западен Балкан, процес преку кој се олеснуваат и унапредуваат конкретни чекори кон регионалниот економски развој, со што се овозможува полесно надминување на економската криза предизвикана од Ковид-19.
Груби и Ангелов оценија дека затворањето на границите не е решение во борбата против пандемијата предизвикана од Ковид-19, туку високата свест на граѓаните.
Во однос на спроведувањето на договорот Груби ги истакна заедничките регионални вредности и се фокусира на европските вредности наведувајќи дека историјата не смее да ја држи иднината во заложништво.
На крајот од состанокот двајцата соговорници се согласија дека Република Северна Македонија и Република Бугарија ја продолжуваат својата заложба за зајакнување на соработката меѓу двете земји, соработка што ќе продолжи да се развива во позитивна насока и со желба да се надминат сите предизвици.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
МВР со апел за фер и спортско навивање: било какви навреди ќе бидат најстрого санкционирани

Министерството за внатрешни работи апелира до сите граѓани и членови на навивачки групи да ги бодрат своите спортски миленици, но да навиваат спортски, исклучиво во спортски дух, без говор на омраза, без било какви навреди по лична, етничка, верска или било која друга припадност што не соодветствува на спортски натпревари и е спротивно на законот.
„Во врска со кошаркарскиот натпревар што се одржа на 02.08.2025 во Спортската сала во Куманово, во СВР Куманово веќе се повикани неколку осомничени лица со кои што е извршен службен разговор, и по извршени анализи во координација со ОЈО Куманово ќе бидат преземени конкретни законски мерки против инволвираните лица, вклучително и кривични постапки. Денеска, полициски службеници од СВР Куманово го лишија од слобода С.М. (30) од Куманово, кој се сомничи дека на полувреме од кошаркарскиот натпревар се обидел да внесе транспарент со навредлива содржина. По целосно расчистување на случајот против него ќе следи соодветен поднесок.
Во тој контекст, МВР уште еднаш нагласува дека во рамки на обезбедувањето на мирни и непречени спортски натпревари, полицијата ќе биде крајно ригорозна по однос на било какви нарушувања на јавниот ред и мир, односно било какви навредливи скандирања врз база на национална, етничка или верска припадност и тоа ќе биде најстрого санкционирано, без никаква толеранција. Само спортското фер навивање и бодрење може да ни донесе успеси, победи и спортски радости.
Македонија
Со ВМРО-ДПМНЕ исчезнува македонската култура, велат од СДСМ

Љутков и ВМРО-ДПМНЕ ја оставаат спомен-куќата на Петре М. Андреевски да скапува, тоа е нивниот патриотизам, велат од СДСМ.
Срамно е, болно и понижувачки за целата држава, додаваат од опозициската партија, кога синот на Петре М. Андреевски, еден од најголемите великани на македонската книжевност, мора да бара поддршка за да се спаси спомен-куќата на неговиот татко од влага, заборав и молк.
„Но тоа е резултатот кога министерот Љутков ја зголемува ставката за патувања и репрезентации на сметка на буџетските средства наменети за заштита на културното наследство.
Оваа спомен-куќа, оваа меморијална постановка во Слоештица, беше создадена токму во време на владеење на СДСМ – со јасна намера: трајно да се сочува споменот на творецот на „Пиреј“, творецот кој ја однесе Македонија до светските книжевни височини.
А денес? Денес тоа светилиште на македонската литература е оставено на забот на времето, игнорирано од министерот Љутков и Владата на ВМРО-ДПМНЕ, кои инаку постојано се повикуваат на „чување на македонскиот идентитет“.
Ова, според СДСМ, не е обична негрижа, туку културен вандализам под раководство на Љутков и ВМРО-ДПМНЕ.
„Ги красат бините со зборови за традиција, а ја пустошат суштината на нашата културна меморија. Ги споменуваат Карев и Делчев за дневно-политички поени, а го забораваат Петрета – кој ја воспеваше Македонија не со знамиња, туку со збор.
Оваа небрежност е културно предавство. Денес е Петре, утре ќе биде некој друг. А кога ќе ја снема културата- ќе ја снема и државата. Затоа СДСМ бара итна реакција, без разлика на кого е надлежноста, и спомен-куќата на Петре М. Андреевски да се стави под државна заштита и за истата да се обезбедат средства за одржување“.
Очигледно истакнуваат од СДСМ, ова е новата културна политика со која власта докажува дека не ја цени ниту државата ниту делото и ликот на нашите великани.
„Ако не знаете кој е Петре – прашајте ги учениците. Тие сè уште читаат „Пиреј“.
Ако не знаете што значи држава – прашајте нè нас. Зашто држава се гради со заштита и чување на културната посебност, а не со заборав.
Македонија
Скопјанец преку веб-страница продавал билети за непостоен концерт

Полицијата поднесе кривична пријава за скопјанец кој преку веб-страница продавал билети за непостоен концерт.
Денеска, Секторот за компјутерски криминал поднесе кривична пријава против А. Х. (25) од Скопје за сторено кривично дело компјутерска измама.
Според информациите од МВР, А. Х., во периодот од 4.4.2025 до 13.6.2025, како одговорно лице на компанија што организира музички настани, преку веб-страница за продавање билети овозможил електронско купување билети за концерт што воопшто не бил предвиден да се одржи, односно не бил склучен никаков договор за негово одржување, со што ги довел лицата во заблуда да купат билети за концертот и притоа не ги рефундирал парите.
Од МВР најавија дека продолжува активно да спроведува мониторинг на содржините на социјалните мрежи и на целокупниот интернет-простор, со цел превенција од повикување на насилство, загрозување на сигурноста, ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем, злоупотреба на лични податоци и говор на омраза со елементи од кривични дела за кои се постапува по службена должност.