Македонија
Маските стануваат задолжителни на отворено, Собранието ги изгласа законските измени
Собранието вечерва со 53 гласови за, 26 воздржани и ниту еден глас против ги изгласа измените во Законот за заштита на населението од заразни болести, со кои се овозможуваат новите заштитни мерки против Ковид-19.
Станува збор за повеќе мерки, меѓу кои и задолжителното носење заштитни маски или заштитна опрема секаде при престој на отворено, како и забрана за групирање во домови на семејни прослави, слави и други собири во групи. На семеен настан во eден стан да може да се примат најмногу четворица луѓе, а ќе се забрани и групирање на повеќе од четири лица на јавен простор.
Министерот Филипче, образложувајќи го законот, истакна дека новите измени произлегуваат од сè поголемиот број регистрирани случаи и преполнување на болниците, како и поради искуствата и спроведувањето контрола од претходно пропишаните превентивни мерки.
Законот предвидува носење лична заштита на лицето и тоа: респираторна маска, хируршка маска за еднократна употреба, текстилна маска за повеќекратна употреба, свилена марама или шал, памучна марама или шал, бандана и слично, при излегување надвор од домот односно при движење на јавни места и површини од отворен и затворен тип, на пазари, во јавен превоз и при влез во затворени простори на оператори кои поради нивната природа на дејност претставуваат место на собирање на повеќе лица (државни институции, маркети, продавници, банки, пошти, чекални, здравствени установи и слично).
Оваа мерка нема да важи: при спортување на отворен простор или на затворено со почитување на специфичните протоколи за заштита (дистанца, дезинфекција и слично); при возење во приватно патничко моторно возило ако возачот е сам или со лице/лица со кој/кои што живее во заедница; при престојување во двор на семејна куќа сам или со лице/лица со кој/кои што заедно живеат во заедница; при седење во угостителски објект со почитување на специфичните протоколи за заштита (дистанца, дезинфекција и слично); ако се користи друг тип на заштитна опрема специфична за определено работно место;
ако лицето е помладо од 6 годишна возраст (дете); и ако лицето има специфична здравствена состојба, е лице со посебни потреби или е лице со пречки во развој поради што носењето на лична заштита на лицето би било проблематично или контраиндицирано. За неносење маска на отворено предвидена е парична казна од 20 евра.
Законот ja регулира и самоизолацијата, односно таа е задолжителна при тестирање за коронавирус КОВИД-19 од закажување на тестот или самото тестирање до добивање на резултатот, а самоизолацијата продолжува доколку резултатот е позитивен.
Забрана за групирање на јавен простор (паркови, јавни површини или било која површина на отворено) во одредени периоди од деноноќието и други мерки утврдени со закон.
Мерките траат додека постои опасност од ширење на епидемија.
Владата на предлог на Министерството за здравство одлучува кои од мерките ќе се применат, случаите во кои ќе се применат и за кој временски период.
За прекршителите на членот од Законот кој ја регулира самоизолација предвидена е казна од 50 евра, а тие што ќе се групираат на отворено ќе платат казна од 500 евра.
Законот го регулира и лекувањето на лицата заболени од Ковид-19. Освен лекување во јавните здравствени установи, по медицински индикации болните можат да се лекуваат и изолираат и во приватни здравствени установи кои имаат дозвола за вршење на дејноста за интензивна нега и терапија или во домашни услови, доколку за тоа постојат услови. Приватните здравствени установи за да лекуваат пациенти од КОВИД-19 треба да имаат согласност од Министерството за здравство дозвола за вршење на дејноста за интензивна нега и терапија. Доколку во ЈЗУ се исполнети капацитетите за лекување на болни од КОВИД-19 по претходно дадена согласност од Министерството за здравство, лекувањето на лицата може да се врши и во приватни здравствени установи кои имаат дозвола за вршење на дејноста за интензивна нега и терапија.
Законот за заштита на населението од заразни болести ќе стапи на сила по објавување во Службен весник.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Посебен режим на сообраќај во Скопје за празникот Водици
На 19.01.2026 (понеделник) Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе воведе посебен режим на сообраќај за одредени сообраќајници во Скопје.
Во центарот на Скопје за сообраќај ќе биде затворена ул. „Филип Втори Македонски“ на потегот од крстосницата со бул. „Гоце Делчев“ до крстосницата со ул. „11 Октомври“ во двете насоки.
Во општина Ѓорче Петров за сообраќај ќе бидат затворени сообраќајницата од црквата „Свети Петар и Павле“, бул.„Партизански Одреди“ до ул.„Ѓорче Петров“, ул.„Ѓорче Петров“ до ул.„Васил Чакаларов“, како и од црквата „Свети Пантелејмон“, ул.„Козле“, дел од ул.„Васил Чакаларов“ до Железничкиот мост на реката Вардар. Во општина Аеродром за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон Горно и Долно Лисиче.
СВР Скопје апелира со сите учесници во сообраќајот да ги прочитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници.
Македонија
Утре локални врнежи од дожд, на планините снег
Утре на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините од снег. По одредени котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 6 степени, информира УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 5 степени.
За време на викендот на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места од снег.
Во поденелник и вторник има преодно стабилизирање на времето, а од среда повторно ќе има врнежи претежно од снег. Од утре до крајот на неделата има услови за појава на магла по одредени котлини. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.
Македонија
Министерството за здравство ги кани на соработка нашите лекари кои работат во странство
Министерството за здравство информира дека на веб-страницата на МЗ од денес е активиран електронски модул на кој лекарите кои моментално работат или специјализираат во странство може да изразат интерес за соработка со нашиот здравствен систем.
-Во рамки на нашите заложби за дигитализација во здравството, овој електронски модул претставува директен канал за стручна соработка со дијаспората, со цел полесно мапирање профили и експертизи кои може да придонесат во нашиот здравствен систем. Меѓусебната соработка со овие лекари е предвидено да опфати обуки, едукации, менторство, консултации или проектна поддршка, како и други стручни ангажмани. Во оваа прилика ги повикувам да се пријават нашите лекари кои работат во странски медицински центри, лекари кои се на специјализација или супспецијализација во странство, или лекари кои се ангажирани во странски академски и научно-истражувачки установи, потенцира министерот за здравство, Азир Алиу.
Пријавувањето се врши исклучиво преку електронскиот модул на веб-страницата на Министерството за здравство, по што Министерството ќе ги контактира лекарите за конкретна соработка што одговара на нивниот профил.
Во електронскиот модул насловен „Лекари од дијаспората“ предвидено е лекарите да пополнат повеќе лични и професионални податоци, детали за клучните области на експертиза, лиценци, сертификати, листа на публикации, како и сегменти на соработка за кои изразуваат интерес.

