Македонија
(Видео) Митрески: Пратениците да го поддржат ребалансот на буџетот, тој обезбедува поддршка од 470 милиони евра за граѓаните и економијата
„Денеска, пред пратениците се измените и дополнувањата на буџетот за 2020 година. Со овој ребаланс се обезбедуваат 470 милиони евра за реализација на четвртиот пакет-мерки за справување со економските последици од корона-кризата. Преку овој пакет-мерки 70 милиони евра ќе бидат наменети за поддршка на 83.000 работни места, односно ќе се субвенционираат вкупно 250.000 плати за октомври, ноември и декември“, изјави Јован Митрески, координатор на пратеничката група на СДСМ и коалицијата.
Според енго, овој пат поддршката за исплата на плати ќе биде скалеста и ќе се движи од 14.500 до максимални 21.776 денари месечно во согласност со падот на прометот на компаниите што аплицираат за финансиска помош.
„Со 27,6 милиони евра ќе се помогнат 283.000 граѓани, кои ќе добијат домашни платежни картички во вредност од 6.000 денари. Домашни платежни картички ќе добијат пензионерите со пензии до 15.000 денари, самохраните родители, невработените лица, како и лицата над 64 години, а кои немаат социјална пензија ниту други приходи. Покрај овие, четвриот пакет содржи уште дваесеттина мерки преку кои обезбедуваме силна поддршка за компаниите преку поволни кредити, грантови, но и даночни олеснувања за брзо закрепнување на секторите што се најмногу погодени. Со ребалансот се поддржуваат и важни проекти на локално нови во речиси сите општини.
Од почетокот на кризата, Владата, надлежните институции, покажуваат вистинска грижа за граѓаните што се најмногу погодени. Тоа продолжува и со овој ребаланс, со овој пакет економски мерки. Во период кога целиот свет се соочува со економска криза, важна е навремената и ефикасна помош во справување со последиците. Затоа, ги повикувам сите пратеници да покажат одговорност, конструктивност и ребалансот на буџетот да биде донесен. Да им помогнеме на нашите сограѓани, да ѝ помогнеме на нашата македонска економија“, додаде тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски се сретна со еврокомесарката за проширување, Марта Кос
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, попладнево, во рамки на работната посета во Брисел, оствари средба со еврокомесарката за проширување, Марта Кос.
„На средбата беше потврдена силната посветеност на државата на евроинтегративниот пат, континуитетот во реформските процеси, како и носењето на законите што се составен дел од овој процес. Разговорот беше насочен и кон заедничките безбедносни предизвици и продлабочувањето на соработката во областа на безбедноста и одбраната“, соопшти МНР за средбата.
Еврокомесарката Кос ја изразила поддршката за европскиот пат на Република Северна Македонија и го поздравила континуитетот во реформите и фокусот на Владата по локалните избори.
Македонија
(Видео) Мечка со две младенчиња прошета пред планинари на Шара, во следните 2 години ќе учат од мајката како да преживуваат
Националниот парк „Шар Планина“ објави снимка направена од планинари, кои на високите планински пасишта наидоа на кафеава мечка со две мечиња родени на почетокот на 2025 година. Сцената, иако кратка, открива многу за однесувањето на овој строго заштитен вид.
Во видеото малечките љубопитно ја набљудуваат околината, но веднаш се оддалечуваат – типично однесување за мечките, кои природно ги избегнуваат луѓето. Од Националниот парк објаснуваат дека младенчињата во следните две години ќе учат од својата мајка како да преживуваат и да се приспособуваат во дивината.
Зошто мечките се појавуваат почесто оваа година?
Од паркот велат дека жителите на шарпланинските села имале повеќе средби со мечки од вообичаено. Причината, според нив, најверојатно е лесно достапната храна околу дивите депонии и вознемирувањето од моторни возила во внатрешноста на планината. Мечките не „спијат зимски сон“ целосно – туку паѓаат во длабок мир од кој можат да се разбудат и да го напуштат леглото доколку се вознемират или ако времето е невообичаено топло.
Како да избегнете средба?
Зборувајте погласно, пејте или правете шум при движење. Избегнувајте густи грмушки. Не оставајте храна или отпад зад себе.
Селфи со мечка? Не се обидувајте да фотографирате мечка. Привлекувањето мечка е опасно и има контраефект!
Што да направите ако видите мечка?
Застанете мирно. Со смирен, гласен говор направете да ве забележи. Не трчајте! Трчањето може да предизвика реакции на потера. Полека движете се настрана, без нагли движења. Обидете се да изгледате поголеми: исправете се, кренете ги рацете. Разговарајте смирено за мечката да препознае дека сте човек. Ако имате спреј за мечки, користете го само ако мечката се приближува премногу. А ако видите младенче? Секогаш има мајка во близина — повлечете се полека и смирено. Ако мечката се подигне? Тоа не е напад! Само се обидува да добие подобар поглед или мирис.
Што ако дојде до напад?
Легнете на земја, со рацете зад вратот. Престанете да се движите и симулирајте неподвижност. Почекајте мечката да се оддалечи.
Опрема за поголема безбедност: Спреј за мечки – ефикасен на далечина до околу 8 метри. Ѕвонче за мечки – дава рано предупредување и ја спречува блиска средба.
Кафеавата мечка е вреден, редок и строго заштитен вид на Шар Планина. Да ја почитуваме, да и оставиме простор и да придонесеме сите за безбедноста и на природата и на луѓето. Шар Планина е дом – да ја чуваме заедно, порачаа од Националниот парк.
Македонија
Собраниска делегација на студиска посета во Бундестагот
Делегација на Собранието и претставници на Женевскиот центар за управување со безбедносниот сектор, присуствува на дводневна студиска посета во Бундестагот во Берлин, Германија.
Во состав на делегација се претставници на собраниска служба предводени од генералната секретарка на Собранието, Марина Димовска и заменик-генералниот секретар Бобан Стојаноски.
Предмет на студиската посета се институциите кои се дел од надзорот над безбедносно-разузнавачкиот сектор во Германија.
Делегацијата имаше можност да слушне како функционира парламентарниот надзор во Германија, земја која обезбедува посебно релевантни примери, со оглед на нивната воспоставена и повеќеслојна рамка за надзор на разузнавањето, вклучувајќи ги парламентарните механизми и механизмите за заштита на податоците.
Во текот на посетата беа остварени работни средби со претставници од надзорните тела на кои беа споделени најдобрите искуства и практики од германските колеги.
Работната посета има за цел да го поддржи професионалниот развој на Службата на Собранието, преку компаративни сознанија и конкретни алатки за зајакнување на надзорот на разузнавачките служби во согласност со меѓународните стандарди и најдобрите практики.

