Актуелно
Почина актерот Данчо Чевревски
На 69 години синоќа во Скопје почина Данчо Чевревски, македонски театарски и филмски актер и продуцент.
Чевревски е роден на 17 мај 1951 година во Скопје.
Дипломирал на Факултетот за драмски уметности, на отсекот за драмски актери, а специјализирал на УКЛА во Лос Анџелес.
Тој е еден е од основачите на приватното претпријатие за производство на филмови ТИРАНГЛ, а работеше и како професор на ФДУ во Скопје и беше декан на Факултетот.
Глумеше во повеќе југословенски и македонски филмови, меѓу кои „Најдолгиот пат“, „Црвениот коњ“, „Хај-фај“, „Трст виа Скопје“, „Тетовирање“, „Џипски меџик“, „Панкот не е мртов“, „Ова не е американски филм“, „Деца на сонцето“…
Добитник е на повеќе награди во текот на својата плодна кариера, а минатата година на 14. издание на интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“ му беше доделена наградата „Астер“ за исклучителни достигнувања на филмот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Актуелно
Со предавање на Нејтан Браун вечерва почнува фестивалот за критичка култура КРИК
Вечерва (21 јуни), во 20 часот, во просториите на Чифте амам, почнува јавната програма на седмото издание на КРИК – фестивал за критичка култура, во организација на „Контрапукт“.
Фестивалот ќе го отвори професорот Нејтан Браун со предавањето со наслов „За жал, кутриот Јорик! Постоењето на духот е коска“.
Нејтан Браун е вонреден професор по англиски јазик и истражувач од Канада, кој ја води катедрата за поетика на Универзитетот „Конкордија“, Монтреал, каде што раководи со Центарот за проширена поетика. Автор е на три книги „Сенката на Бодлер: Есеј за поетската определба“, „Рационалистички емпиризам: теорија на спекулативна критика“ и „Границите на изработката: наука за материјали, материјалистичка поетика“.
„Шекспировиот ‘Хамлет’ и Хегеловата ‘Феноменологија на духот’ вклучуваат две од најпрепознатливите изреки во западната култура: ‘За жал, кутриот Јорик!’ и ‘Постоењето на духот е коска’. Што е тоа што го препознаваме кога ги слушаме или читаме овие зборови? Во рамките на предавањето ќе се користи спојот на овие фрази како повод за промислување на самиот факт на окупирање на просторот како минимална димензија на егзистенцијалната драма. Работејќи на односот, кој се воспоставува помеѓу сцената на гробиштата во Хамлет со другите елементи на сложената структура на драматуршката предлошка, каде што фигурите на просторното постоење се загрозени, ние ќе ги означиме како срж на физичките и метафизичките грижи, кои се читаат во текстот и на односот помеѓу духот и материјата. Ова ќе ни овозможи да го прецизираме посебниот модалитет на постоењето на драмата и да ги сфатиме историските и уметничките влогови на просудувањето на бескрајот суд кај Хегел“, се вели во најавата за настанот.
Актуелно
Фестивал „Нови простори“ на кејот на Вардар во центарот на Скопје
Фестивалот „Нови простори“ годинава ќе се одржи в сабота на 18 јуни, на кејот на реката Вардар, при што програмата е поделена на два дела и на две локации.
Првиот дел е на шеталиштето до влезот на бродот Синегалија, од страната на ГТЦ и таму ќе бидат сегментите: Отворање, „Нови поетски пространства“, „Танц на кеј“, „Светски поетски момент“ и „Сликаме на кеј“.
Вториот дел – концертот со сегметните „Нов бит“ и „Отворен микрофон” ќе одржи на скалите под Камениот мост, кај сидрото.
Продажната изложба ќе биде поставена утрото и сликарите ќе работат додека трае целата програма. Идејата е целокупниот настан да биде една голема заедничка уметничка инсталација. Согласно програмата, секој учесник ќе биде претставен во време од 6 минути, при што поетите во 2 минути ќе треба да се претстават себеси, а во 4 минути да прочитаат една или две песни. Сликарите ќе имаат можност да ги презентираат своите дела и да раскажат за својот начин на работа, уметничките погледи и ликовната поетика.
Во вториот дел се настапите на музичарите, при што секој бенд пред почетокот на настапот кратко ќе биде претставен, а пред крајот на концертот ќе биде доделена и наградата за публиката, тоа е специјално изненадување што ќе го добие еден гледач.
Доколку врне дожд, настанот ќе се одржи во холот на Гратскиот трговски Центар – приземје.
Фестивалот се организира со финансиска поддршка на Градот Скопје, во рамките на Програмата за култура за 2022 година.
Актуелно
Костадиновска-Стојчевска во Вашингтон: Преку фондови ќе обезбедиме средства за заштита на културното наследство
Во рамките на стратегискиот дијалог со Соединетите Американски Држави, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска е дел од владината делегација којашто денеска отпатува во Вашингтон. Во рамките на престојот, таа ќе ги посети Националниот демократски институт (НДИ) и Меѓународниот републикански институт (ИРИ), а е предвидено еден сегмент од дискусиите да биде посветен на практика што е потребна во Северна Македонија за да се спречи нелегалната трговија на уметнички дела и артефакти.
„Во делот за културата, за стратегискиот дијалог со САД е од особено значење размената на искуства за културното наследство, особено во делот на нелегална трговија со артефакти, така што на средбата со Здружението тука ќе се потпише договор за соработка, што потоа треба да резултира со правни решенија, како и за евентуална размена на кадар за успешно спроведување во целост“, вели Костадиновска-Стојчевска од САД.
Таа истакнува дека според проценките, над 1000 артефакти се водат како украдени од Северна Македонија.
Вториот дел е „Програма Фулбрајт“ (Fulbright Program), програма која не е само за образовна размена туку и за многу грантови од областа на културата.
„Би сакала да ја зголемиме соработката бидејќи сметам дека е време да користиме фондови и практика однадвор, не само од ЕУ. Како земја имаме проект во Хераклеја инвестиран од страна на Амбасадата на САД по долг период. Дефинитивно културните практики за заштита на културно наследство се со цел да се подобрат процесите за спречување нелегална трговија со артефакти така што посетата ќе биде чекор напред за донесување закон за илегална трговија на артефакти и уметнички дела од Северна Македонија“, заклучува Костадиновска-Стојчевска.
Амбасадорскиот фонд за зачувување на културата е една од многуте програми што ги води Бирото за воспитни и културни работи на Стејт департментот на САД како дел од својата мисија за јавна дипломатија преку едукативно и културно програмирање и размена.
Преку 16-те грантови на Амбасадорскиот фонд, САД обезбедија 1,5 милиони американски долари за заштита на културното наследство во Северна Македонија.
Грантови од Амбасадорскиот фонд на САД во изминативе 20 години добија најзначајните локалитети и објекти од областа на културното наследство кај нас, како: Стоби, црквата „Света Богородица Перивлепта“ во Охрид, објектите Даут-пашин амам, Чифте амам и црквата „Свети Спас“ во Скопје, Шарената џамија во Тетово, манастирот во Вељуса кај Струмица, локалитетот Хераклеја Линкестис кај Битола и други.
Амбасадорскиот фонд за заштита на културата е грант-програма основана во 2001 година од Стејт департментот, на барање од Конгресот на САД. Од своето основање, Амбасадорскиот фонд (The Ambassadors Fund for Cultural Preservation) има поддржано над 1000 проекти за заштита на културата во 133 земји низ светот.