Македонија
Затворен кафе-барот „Интермецо“
Познатиот кафе-бар „Интермецо“ во Скопје е затворен поради бучава, на која континуирано се жалеле жители на општина Центар.
Во согласност со Законот за заштита од бучава во животната средина, Секторот за инспекциски надзор на Општина Центар донесе решение во кое на правниот субјект „Фор фингерс“ ДОО подружница бр. 1 „Интермецо“ – Скопје, му се забранува да врши угостителска дејност во законски определен рок од 30 дена.
По пријава и континуирани поплаки од страна на жителите на општина Центар, констатирано е дека локалот и правен субјект „Интермецо“ ги надминал пропишаните гранични вредности на емисионото право на бучава. Со оглед на горенаведеното правно лице, за кое веќе му е изречена глоба во износ од 6.000 евра, и поради повторно непочитување на законските одредби, на кафе-барот „Интермецо“ му се изрекува забрана за вршење дејност. Апелираме до сите угостителски објекти да го почитуваат Законот за заштита од бучава во животната средина и да се придржуваат до пропишаните правила и прописи за дозволеното ниво на децибели“, соопшти Општина Центар.
Оттаму велат дека ќе продолжат со редовни и засилени контроли и во согласност со своите надлежности, ќе преземат поригорозни мерки за санкционирање на сите правни лица – угостителски објекти, кои нема да ги почитуваат законските прописи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
23-годишник од Волково принудувал петгодишно девојче на полови дејствија, поднесено обвинение
Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен акт против 23-годишник од Волково, бидејќи се обезбедено докази дека извршил други полови дејствија со девојче кое не наполнило 15 години согласно член 188 став 5 од Кривичниот законик.
Во временскиот период од мај до јули годинава, обвинетиот во својот дом принудувал петгодишно девојче на полови дејствија и и се заканувал дека не смее да му кажува за тоа на нејзиниот татко.
Заедно со обвинението, надлежниот јавен обвинител до судот поднесе и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за обвинетиот.
Македонија
Филипче слепо ја следи агендата на Заев и ја игнорира потребата од реформи во партијата, смета ВМРО-ДПМНЕ
Венко Филипче безрезервно ја следи политичката стратегија на Заев штитејќи ги бизнис интересите на кланот Заеви, а притоа целосно ги игнорира барањата на базата во партијата и ја занемарува потребата од реформи, сметаат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Филипче доживеа дебакл на изборите со само 120 илјади гласа и 6 општини ја уништи довербата кај граѓаните и членството на партијата. Единствен приоритет на Филипче е исполнување и реализација на барањата и планот на Заев. Реформите и напредокот на СДС се во втор план на Филипче, а фокус му се желбите и заштитата на Заев. Филипче делува по насока на Заев, потврда за тоа е изборот на лојални кадри блиски до Заев и поставувањето на Александар Трајановски за потпретседател на партијата“. велат од партијата.
И додека Филипче ја турка СДС во лидерска криза, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ, актуелни и поранешни функционери се дистанцираат од него и не сакаат да бидат дел од раководството на СДС токму поради недовербата во неговото лидерство.
„Филипче со своето делување ги блокира реформите во партијата. Единствен чекор со кој може да ја спаси партијата од дополнително раслојување е оставка и целосна внатрешна реформа низ транспарентен и демократски процес. На Македонија и е неопходна силна и конструктивна опозиција“, смета ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Започна аплицирањето за набавка на електронски уреди, 55.000 студенти добиваат по 15.300 денари, информира Владата
„Ветеното, го реализиравме. Од вчера официјално започна аплицирањето за набавка на електронски уреди. Студентите ги добиваат ветените 250 евра или 15.300 денари за набавка на електронски уреди, лаптоп, таблет или персонален компјутер“, велат од Владата.
„Оваа мерка на Владата подразбира дека сите студенти до 29 години кои имаат запишано семестар во учебната 2025/2026 на додипломски студии на државните или приватните факултети ќе добијат по 15.300 за набавка на електронски помага, во зависност од тоа што им е потребно.
850 милиони денари од буџетот се издвојуваат за студентите.
Со оваа мерка директно помагаме на сите семејства и ги олеснуваме трошоците за студирање.
Студентите ќе можат да аплицираат до 20 декември, додека пак подигањето на ваучерите ќе можат да го реализираат до 31 декември 2025 година. Условите за аплицирањето се објавени на веб сајтот на Влада.
Линкот е јавно достапен и можат да аплицираат сите студенти: https://vlada.mk/mk-MK/odnosi-so-javnost/soopstenija/vlada-zapocna-apliciranjeto-za-elektronski-vauceri-za-studenti-preku-nacionalniot-portal-za-e-uslugi
Ги повикуваме студентите да ја искористат оваа мерка и да аплицираат навремено.
Владата продолжува посветено да реализира мерки за студентите.
Студентите се иднината на Македонија и наша обврска како Влада е да им обезбедиме пристојни услови за студирање преку низа на мерки кои значат квалитетно образование“, се наведува во соопштението на Владата.

