Свет
Строги мерки се неопходни во Италија – коронавирусот се шири застрашувачки брзо

Новиот дневен рекорд на заразени со ковид-19 во Италија изнесува речиси 32.000 лица, починале 297, а хоспитализирани се во моментот 18.000 пациенти.
На интензивна нега во моментов има 1.843 пациенти.
Министерот за здравство, Роберто Сперанца вели дека инфекцијата се шири застрашувачки брзо.
„ Или ќе го спречиме ширењето на коронавирусот или за неколку дена ќе се најдеме во многу тешка ситуација. Имаме 48 часа да размислиме пред да воведеме нови мерки“, рече тој.
Премиерот Џузепе Конте, кој според извештаите во медиумите упорно одбива да воведе нов карантин за целата територија, ги омекна своите ставови и сега зборува за „насочен карантин“, односно затворање на оние области каде што е највисоко нивото на инфекција. Северниот регион Ломбардија, каде имало 9000 нови случаи во последните 24 часа и јужниот регион Кампанија, каде што биле откриени скоро 4000 нови случаи во последните 24 часа се најзагрозените делови на државата.
„ Да се тврди дека излезот од пандемијата е имунитет на стада е огромна глупост. Со сите ограничувања што ги презедовме, пандемијата се шири и не е тешко да се замисли во каква ситуација би се нашле доколку не сториме ништо за да го спречиме ширењето на ковид-19 “, пишува на својот Фејсбук профил професорката од Универзитетот во Падова, имунологот Антонела Виола.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Шефовите на „Адидас“ отидоа во мексикански град за да се извинат: Ја присвоивме идејата за сандалите

Шефовите на „Адидас“ вчера посетија град во домородните краеви во јужно Мексико за да се извинат за дизајнирањето обувки инспирирани од традиционални кожни сандали, откако мексиканската влада ја обвини компанијата за културно присвојување.
Германската компанија за спортски обувки и облека испрати претставници од својата мексиканска подружница во Вила Идалго Јалалаг, град во државата Оахака, за да се извинат лично, откако тоа го сторија писмено минатата недела.
Проблемот се појави откако чевлите „Oaxaca Slip On“, дизајнирани од мексиканско-американскиот дизајнер Вили Чаварија, предизвикаа негодување кај домородците бидејќи многу личеа на нивните традиционални рачно изработени сандали „huarache“.
„Длабоко жалам што чевлите беа присвоени во овој дизајн, а не развиени во директно и значајно партнерство со заедницата на Оахака“, рече Чаварија во изјава испратена до „Би-Би-Си“.
Тој рече дека намерата отсекогаш била да се оддаде почит на силниот културен и уметнички дух на Оахака и нејзините креативни заедници. Мексиканскиот претседател беше меѓу оние кои се спротивставија на обувките, кои наводно биле направени во Кина без консултации или признание на заедниците што ги создале дизајните.
„Разбираме дека оваа ситуација можеби предизвикала непријатност и затоа јавно се извинуваме“, рече Карен Гонзалез, раководител на правни работи во Адидас Мексико. Во градот Вила Идалго Јалалага, неколку десетици луѓе се собраа на отвореното спортско игралиште за да ги слушнат претставниците на Адидас. На настанот беше изведена традиционална музика, а луѓето носеа традиционални носии.
Гонзалез спомена дека во иднина Адидас ќе се обиде да соработува со Вила Идалго Јалалага со цел да се гарантира почитувањето на културното богатство. Таа заедница има нешто помалку од 2.000 луѓе. Градоначалникот Ерик Фабијан му се заблагодари на „Адидас“ за одржувањето на ветувањето.
На почетокот на месецот, мексиканската претседателка Клаудија Шајнбаум на прес-конференција изјави дека „големите компании често земаат производи, идеи и дизајни од домородните заедници“ и дека владата го разгледува правниот дел за да ги поддржи.
Културното присвојување се дефинира како непризнаено или несоодветно усвојување на обичаи, практики, идеи на една нација или општество од страна на членови на типично доминантна нација или општество.
Регион
Две жени се удавија во морето во Бугарија

Два смртни случаја во вода се регистрирани денес на јужниот брег на Црното Море.
Околу 12.50 часот 56-годишна жена од Софија се удавила во незаштитениот дел од плажата „Делфин“ во близина на Ахтопол.
Еден час подоцна, околу 13.20 часот, на јужната плажа во Поморие, во морето почина 72-годишна туристка од Финска, која пристигнала во Бугарија на 16 август со својот сопруг.
Во двата случаја телата се однесени на обдукција во Одделот за судска медицина при Универзитетската болница во Бургас. Работата за расветлување на околностите продолжува.
Регион
Политичар почина на плажа на Халкидик

Апостолос Везиропулос, поранешен заменик-министер за финансии на Грција и актуелен генерален секретар на парламентарната група на Нова демократија, почина ненадејно на 59-годишна возраст кога доживеа срцев удар на плажа на Халкидик.
Според грчките медиуми, Везиропулос се разболел во саботата и иако брзата помош пристигнала бргу и го пренела во Здравствениот центар „Агиос Николаос“, лекарите не успеале да го спасат, објавува „Нова.рс“.
Везиропулос беше долгогодишен пратеник од Иматија, а од април оваа година е генерален секретар на парламентарната група на Нова демократија. Претходно, тој беше претседател на Постојаната комисија за економски прашања на парламентот, а од 2019 до 2023 година беше заменик-министер за финансии задолжен за даночната политика и јавните средства во владата на Киријакос Мицотакис.
Веста за неговата смрт длабоко го потресе премиерот Мицотакис, кој изрази сочувство до семејството и истакна дека Везиропулос бил „вреден колега и сакан политичар, кој со децении им служел и на својата партија и на својата татковина“.
Роден во Верија, по потекло од Александрија, беше оженет со професорката Катерина Кацава и татко е на две деца. Имаше два магистерски степена – по стратешко менаџерско сметководство и финансиско управување, како и по јавно право и политички науки. Исто така, беше докторанд на Правниот факултет при Универзитетот „Демокрит“ во Тракија.