Македонија
Николов: Важен е ребалансот на буџетот, без финансиска инјекција во индустријата и економијата, ќе колабира и здравствениот систем
Живееме во време на една пандемија, светска здравствена криза, со која инфекцијата со Ковид-19 успеа да го клекне на колена целиот здравствен систем во светот, истакна пратеникот на СДСМ, Сашко Николов, на собраниската седница посветена на предлогот за ребаланс на буџетот за 2020 година.
Тој додаде дека кризата направи крах и хибернација на целата светска економија.
„Економијата претставува двигател и мотор во секоја држава, без економија нема општество, нема општествена индустрија, без економија немаме ни здравствен систем, ова се тесно поврзани работи бидејќи здравствениот систем без финансии не е здравствен систем“, нагласи Николов.
Пратеникот Николов во своето обраќање се осврна и на статистичките податоци за смртноста од инфекцијата со Ковид-19, според кои во Република Северна Македонија има 482 на милион жители, а Франција има 567, Шпанија – 767, Италија – 642, а Белгија – 1.011, така што Македонија е поблиску до Холандија, која има 434 смртни случаи, но со полош исход од Германија.
„Јас буџетот го толкувам преку медицинските технологии. Пациент во тешка клиничка смрт – тоа се нашето здравство и економијата, е донесен во болница и ние сега треба да разгледаме, да направиме анамнеза за таа клиничка смрт и да утврдиме што е причината и бргу да реагираме да ја отстраниме причината за таа состојба, а тоа е ребалансот на буџетот“, рече Николов.
Амандманите на опозицијата ги оцени како површни, како, на пример, оној за реновирање на инфективното одделение на штипската болница, кој, ако се усвои, треба да ставиме клуч на инфективното и да ги пратиме пациентите каде било и да реновираме по амандманот на опозицијата, а епидемилозите, инфектолозите, се главниот двигател на борбата против Ковид-19.
Николов истакна дека веќе се обезбедени европски средства за реновирање на инфективното одделение во Штип, кое е запрено токму поради пандемијата.
„Ребалансот на буџетот обезбедува средства, а без финансиска инјекција во индустријата, во економијата, ќе колабира и здравствениот систем“, порача пратеникот на СДСМ, Сашко Николов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши на Националниот молитвен појадок во САД
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, учествуваше на Националниот молитвен појадок (National Prayer Breakfast) во Вашингтон.
Се работи за традиционален и значаен настан што ги обединува политичките, верските и општествените претставници, истакнувајќи ги вредностите на дијалогот, взаемното почитување и моралната одговорност во лидерството.
На оваа церемонија се обрати и претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.
Од Собранието велат дека учеството на Гаши претставува можност за зајакнување на пријателските односи и за афирмирање на улогата на Република Северна Македонија како активен, присутен и почитуван партнер во меѓународната соработка.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.

