Македонија
Интервју на Заев за магазинот „CorD“: Целта ни е европеизација на Северна Македонија со активирање на брзата лента на преговори
„Наша цел во овој мандат е да донесеме целосна трансформација и европеизација на Република Северна Македонија. Нашата намера е да ја активираме брзата лента на преговорите по поглавја со целосно и безусловно исполнување на нашата ЕУ-агенда, а оптимизмот за стабилен политички период доаѓа од остварувањето во претходниот мандат, во кој покажавме дека може да се обезбеди повисок економски раст, кој создава нови работни места, да обезбедиме повисоки плати, да се постигне историски најниска невработеност, а минималната плата да се зголеми за дури 60 проценти, од 9.000 денари на 14.500 денари за нецели три години“, истакнува премиерот Зоран Заев во интервју за магазинот „CorD“, одговарајќи на прашањето од каде го црпи неговиот оптимизам за најавата дека нашата земја ја очекува стабилен политички период.
Во интервјуто премиерот Заев нагласува дека заокружувањето на амбициозниот концепт за продолжување на започнатите позитивни и храбри политики за адаптирање на економијата во новото време е дополнителен мотив за членовите на Владата да работат двојно повеќе, не само за совладување на здравствената криза предизвикана од Ковид-19, туку и за враќање на претходните стапки на раст.

„Имаме план за иновативна, стабилна, конкурентна македонска економија, подготвена да одговори на новите предизвици и да понуди шанса за сите. Во таква економија, платите ќе продолжат да растат. За време на кризата се обврзуваме да ја задржиме минималната плата на висина од 14.500 денари. По завршувањето на кризата, Владата ќе продолжи со своите докажани заложби: раст на минимална плата до крајот на мандатот во висина од 20 до 40 проценти и раст на просечната плата до крајот на мандатот од 20 до 30 проценти, во зависност од должината и влијанието на корона-кризата врз светската и домашната економија“, вели премиерот Заев во интервјуто, оценувајќи дека целта на Владата е до крајот на четиригодишниот мандат да се постигне солиден и одржлив раст од 4 отсто.
Во врска со очекувањата за отворањето на преговорите за пристапување во Европската Унија и подготвеноста на државата за оваа реалност, премиерот Заев вели:
„Нашата намера е да ја активираме брзата лента на преговорите по поглавја со целосно и безусловно исполнување на нашата ЕУ-агенда. Што се однесува до нашата страна, нема да дозволиме причини за нови одлагања. За нас е прифатлив новиот принцип за реверзибилност на процесот доколку се случи деградација на демократскиот амбиент во нашата земја, но, нагласувам, наша свечена обврска е да не го дозволиме тоа во име на иднината на државата и граѓаните“.
Премиерот Заев додава оти се надева дека дискусијата за преговарачката рамка во Брисел ќе има успешна завршница на Советот за општи прашања, односно на ГАК, на 10 ноември, по што ќе биде реално да очекуваме одржување на првата Меѓувладина конференција во декември.
Тој, во интервјуто за „CorD“, магазин кој се печати во Белград на англиски јазик и го читаат претставници на дипломатскиот кор во земјите во регионот и пошироко, изрази убедување дека и покрај здравствено-економската криза, која ја засегна нашата држава, како и останатите држави во светот, Владата што тој ја предводи останува фокусирана на создавање услови за нов циклус на динамичен економски раст, одржлив развој, ефикасна правна држава и силни институции, модерно образование и стабилно општество и внатрешна кохезија.
„Ние сме на пат од кој нема враќање. Потрошивме премногу време на конфликти наместо на решавање на истите. Придобивките на нашата работа ги чувствуваат сегашните и ќе продолжат да ги живеат следните генерации. Со секој чекор, со секое отворено поглавје во преговорите со ЕУ, со секој решен проблем, работиме да го подобриме квалитетот на сите граѓани“, вели премиерот Заев во интервјуто за магазинот „CorD“, во кое одговара и на повеќе други прашања за регионот, за односите со соседите, Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Република Бугарија, за спроведувањето на Акциониот план за Договорот од Преспа со Грција, како и за најавениот економски, инвестициски план на Европската Унија за Западен Балкан за кој се издвојуваат девет милијарди евра во следните шест години.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Денес во 18 часот состанок на Советот за безбедност поради случувањата на Блискиот Исток
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за денеска закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18:00 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Советот за безбедност е највисокото советодавно тело во државата, коешто ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и на Владата.
Претседател на Советот за безбедност е претседателката Гордана Сиљановска Давкова.
Членови на Советот за безбедност се: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија, како и Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов.
Македонија
Од денеска побезбедни онлајн купувања со платежни картички
Од денеска стапува во сила законската обврска за засилена автентикација при онлајн-плаќања со платежни картички. Наместо досегашната потврда со СМС-код, корисниците на платежни картички ќе добиваат известување преку мобилната банкарска апликација и ќе треба да ја одобрат трансакцијата. Потврдата се врши со ПИН за апликацијата, отпечаток од прст или препознавање лице. Без оваа потврда плаќањето нема да може да се изврши, дури и ако некој ги има податоците од картичката.
Целта е да се обезбеди заштита на паричните средства на граѓаните и на компаниите преку дополнителни сигурносни проверки на идентитетот на лицето при плаќањата без физичко присуство.
Засилената автентикација како законска обврска за давателите на платежни услуги произлегува од Законот за платежните услуги и платните системи. Таа се воведува постепено во земјата и веќе е во примена при извршување онлајн-увид во платежните сметки од страна на клиентите, како и при извршување плаќања со платежни картички на физичките продажни места или со платни налози преку електронското или мобилното банкарство.
Македонија
Од денеска до 5 март пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк
Министерството за образование и наука ги информира студентите дека рокот за пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк за академската 2025/2026 година трае од денеска до 5 март 2026.
Правото на субвенциониран студентски оброк може да го користат сите редовни студенти на додипломски студии кои имаат месечен приход помал од минималната нето плата, како и студентите запишани на постдипломски студии и на интегрирани студии на државните и на приватните универзитети во државата.
-Студентите што ги исполнуваат условите, а не аплицирале досега, може да поднесат апликација електронски преку порталот: https://e-uslugi.mon.gov.mk, се наведува во објавата на МОН каде што се наведени и условите за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк и контакти за поддршка при аплицирањето.
Студентите на кои им било прекинато правото на субвенциониран оброк, а сметаат дека ги исполнуваат условите, може повторно да аплицираат. Овој рок е, исто така, отворен за студентите кои не аплицирале во претходните активни рокови.

