Македонија
Признанија за 48 наставници за нивниот придонес во унапредувањето на меѓуетничката интеграција во образованието
Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, им додели признанија и награди на 48 наставници од шест средни училишта на Град Скопје за нивниот придонес и активно учество во унапредувањето на меѓуетничката интеграција во образованието преку редовна реализација на заеднички наставни часови со ученици кои учат на различни наставни јазици.
Во средните училишта на Град Скопје: „ Арсени Јовков“, „Здраво Цветковски“, „Браќа Миладиновци“, „Боро Петрушевски“, „Димитар Влахов“ и „Јосип Броз-Тито“ во текот на минатата учебна година беа реализирани вкупно 1.398 заеднички часови, од кои 1.143 беа реализирани со физичко присуство, а 255 беа одржани онлајн (по прогласувањето на вонредната состојба во земјава поради пандемијата со КОВИД 19). Со заедничките часови беа опфатени 46 паралелки кои наставата ја следеа на македонски, албански и на турски наставен јазик.
Град Скопје за првпат ја иницираше реализацијата на заеднички часови по одредени наставни предмети во рамки на редовната настава со ученици кои учат на различни јазици во текот на учебната 2018/2019 година. Во овој проект најпрво се вклучија средните училишта на Град Скопје: „Здравко Цветковски“, „Боро Петрушевски“, „Арсени Јовков“ и „Браќа Миладиновци“. Во учебната 2019/2020 година заеднички часови започнаа да се реализираат и во СУГС„Димитар Влахов“ и СУГС„ Јосип Броз-Тито“. Оваа учебата година (2020/21), пак, заеднички онлајн часови ќе се реализираат и во СУГС„Владо Тасевски“, кое е единствено скопско училиште во кое учениците кои наставата ја следат на разичен наставен јазик учат во два различни објекти и немаат никава меѓусебна комуникација.
Во рамки на Програмата за активности на Град Скопје од областа на средното образование за 2020 година и со Стратегијата за меѓуетничка интеграција во образованието и граѓанска вклученост се предвидува поддршка на училиштата за реализација на активности за меѓуетничка интеграција.
Овој проект, кој е дел и од националниот проект за унапредување на меѓуетничката интеграција во образованието поддржан од Министерството за образование и наука, Македонскиот центар за граѓанско образование и ОБСЕ, ќе придонесе за подобрување на меѓуетничката кохезија меѓу младите, преку создавање услови за позитивна интеракција и градење граѓански и демократски вредности.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Посебен режим на сообраќај во Скопје за празникот Водици
На 19.01.2026 (понеделник) Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе воведе посебен режим на сообраќај за одредени сообраќајници во Скопје.
Во центарот на Скопје за сообраќај ќе биде затворена ул. „Филип Втори Македонски“ на потегот од крстосницата со бул. „Гоце Делчев“ до крстосницата со ул. „11 Октомври“ во двете насоки.
Во општина Ѓорче Петров за сообраќај ќе бидат затворени сообраќајницата од црквата „Свети Петар и Павле“, бул.„Партизански Одреди“ до ул.„Ѓорче Петров“, ул.„Ѓорче Петров“ до ул.„Васил Чакаларов“, како и од црквата „Свети Пантелејмон“, ул.„Козле“, дел од ул.„Васил Чакаларов“ до Железничкиот мост на реката Вардар. Во општина Аеродром за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон Горно и Долно Лисиче.
СВР Скопје апелира со сите учесници во сообраќајот да ги прочитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници.
Македонија
Утре локални врнежи од дожд, на планините снег
Утре на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините од снег. По одредени котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 6 степени, информира УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 5 степени.
За време на викендот на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места од снег.
Во поденелник и вторник има преодно стабилизирање на времето, а од среда повторно ќе има врнежи претежно од снег. Од утре до крајот на неделата има услови за појава на магла по одредени котлини. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.
Македонија
Министерството за здравство ги кани на соработка нашите лекари кои работат во странство
Министерството за здравство информира дека на веб-страницата на МЗ од денес е активиран електронски модул на кој лекарите кои моментално работат или специјализираат во странство може да изразат интерес за соработка со нашиот здравствен систем.
-Во рамки на нашите заложби за дигитализација во здравството, овој електронски модул претставува директен канал за стручна соработка со дијаспората, со цел полесно мапирање профили и експертизи кои може да придонесат во нашиот здравствен систем. Меѓусебната соработка со овие лекари е предвидено да опфати обуки, едукации, менторство, консултации или проектна поддршка, како и други стручни ангажмани. Во оваа прилика ги повикувам да се пријават нашите лекари кои работат во странски медицински центри, лекари кои се на специјализација или супспецијализација во странство, или лекари кои се ангажирани во странски академски и научно-истражувачки установи, потенцира министерот за здравство, Азир Алиу.
Пријавувањето се врши исклучиво преку електронскиот модул на веб-страницата на Министерството за здравство, по што Министерството ќе ги контактира лекарите за конкретна соработка што одговара на нивниот профил.
Во електронскиот модул насловен „Лекари од дијаспората“ предвидено е лекарите да пополнат повеќе лични и професионални податоци, детали за клучните области на експертиза, лиценци, сертификати, листа на публикации, како и сегменти на соработка за кои изразуваат интерес.

