Свет
Бајден поблиску до победата, Трамп бара пребројување во Висконсин

Продолжува тензичната трка за нов претседател на САД.
На Џо Бајден му недостасуваат само шест изборни гласови за да влезе во Белата куќа, но стотици илјади гласови сè уште треба да бидат избројани во клучните сојузни држави во САД за да стане поизвесен исходот од тесната битка меѓу Бајден и актуелниот претседател Доналд Трамп, кој веќе тргна во правен поход во државите каде што Бајден направи пресврт.
Неговиот персонал во средата поднесе тужби со барање за запирање на броењето на гласовите во Џорџија, Пенсилванија и Мичиген, а во Висконсин е побарано пребројување на гласовите.
Новите резултати од изборите во Америка, кои може да го откријат конечниот победник, треба да бидат познати во попладневните часови по средноевропско време, кога се очекува да бидат ажурирани податоците од Невада, Џорџија и Аризона.
Невада носи шест избирачки гласови и тоа може да биде клучот за победата на Бајден.
Трамп, кој прогласи победа на изборната вечер и секој спротивен исход го нарече кражба, се соочува со многу потежок пат до победата. За да ја продолжи трката, Трамп мора да ги освои Џорџија и Аризона или Џорџија и Невада, откако американските медиуми објавија дека Бајден победил во Висконсин и Мичиген.
Доколку успее, тогаш републиканецот мора да победи и во Пенсилванија, каде што предноста континуирано му опаѓа, и во Северна Каролина, со цел да ги добие потребните 270 избирачки гласови.
Тековен вкупен изборен резултат во моментов е Бајден – 264, Трамп – 214.
Тековна состојба во клучните земји каде што броењето сè уште трае (според податоците на АП, ажурирани во 15:25 часот):
Аризона – води Бајден. Џо Бајден – 50,5% / Доналд Трамп – 48,1%. Избројани 86%. Државата носи 11 избирачки гласови. („Асошиејтед прес“ оваа држава ја смета како извојувана победа за демократскиот кандидат, но не сите американски медиуми го имаат отпишано Трамп. Токму затоа во анкетите на Си-ен-ен, на пример, Бајден има резултат од 253, а на АП од 264).
Пенсилванија – води Трамп: Доналд Трамп – 50,7% / Џо Бајден – 48,1%. Избројани 89%. Државата носи 20 избирачки гласови.
Невада – води Бајден. Џо Бајден – 49,3% / Доналд Трамп – 48,7%. Избројани 75%. Државата носи 6 избирачки гласови.
Џорџија – води Трамп. Доналд Трамп – 49,6% / Џо Бајден – 49,2%. Избројани 99%. Државата носи 16 избирачки гласови.
Северна Каролина – води Трамп. Доналд Трамп – 50,1% / Џо Бајден – 48,7%. Избројани 94%. Државата носи 15 избирачки гласови.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Грушко: Русија ги презема сите потребни мерки за својата безбедност

Во контекст на акциите на НАТО во Балтичкото Море, Русија ги презема сите потребни мерки за да ја обезбеди својата безбедност, изјави денес заменик-министерот за надворешни работи на Руската Федерација, Александар Грушко.
„Би сакал уште еднаш да нагласам дека овој регион е претворен во зона на акутно воено соперништво, а тоа е многу опасна работа. Добро е познато дека ги преземаме сите потребни мерки за да ја обезбедиме нашата безбедност и одбрана“, рече тој во емисијата на ТВ „Россија-24“, пренесува ТАСС.
Според него, се реорганизирале два воени окрузи, потпишан е и стапил во сила договор за безбедносни гаранции за Русија и Белорусија, кој предвидува распоредување на нуклеарно оружје на територијата на Белорусија, а се зајакнуваат и капацитетите на воената флота и рускиот крајбрежен одбранбен систем.
„Значи, ќе бидеме целосно вооружени и нема да дозволиме НАТО да проектира сила од балтичкиот регион, од северниот правец“, заклучи тој, според Танјуг.
Свет
„Парамонт“ се спогоди со Трамп, ќе платат 16 милиони долари

„Парамонт“, матичната компанија на Си-би-ес, постигна спогодба со американскиот претседател Доналд Трамп, кој ја тужеше поради интервју што беше емитувано во октомври лани, во најновото отстапување на медиумската компанија кон претседател кој ги критикува медиумите за она што го нарекуваат лажно или заведувачко известување.
„Парамонт“ изјави дека ќе плати 16 милиони долари, но ќе ги додели парите на идната претседателска библиотека на Трамп и нема да му плати на Трамп директно или индиректно.
„Спогодбата не вклучува изјава за извинување или жалење“, се додава во соопштението на компанијата.
Трамп поднесе тужба од 10 милијарди долари против Си-би-ес во октомври тврдејќи дека мрежата измамнички монтирала интервју емитувано во нивната новинска програма „60 минути“ со тогашната потпретседателка на САД и претседателска кандидатка, Камала Харис, за да „се насочи во корист на Демократската партија“ на изборите.
Во изменетата тужба поднесена во февруари Трамп го зголеми своето барање за отштета на 20 милијарди долари. Си-би-ес емитува две верзии од интервјуто со Харис, во кое давала разни одговори на истото прашање за војната меѓу Израел и Хамас, според тужбата поднесена во федералниот суд во Тексас.
Си-би-ес претходно тврдеше дека тужбата е целосно неоснована и побара од судијата да го отфрли случајот.
Трамп тврдеше дека уредувањето на интервјуто од страна на Си-би-ес го прекршило Законот за измамничките трговски практики и заштита на потрошувачите во Тексас, кој забранува употреба на лажни, заведувачки или измамнички практики.
Спогодбата на „Парамонт“ следува по одлуката на „Еј-би-ес њуз“, во сопственост на „Волт Дизни“, да реши случај за клевета што го поведе Трамп.
Како дел од таа спогодба, објавена на 14 декември лани, мрежата донира 15 милиони долари на претседателската библиотека на Трамп и јавно се извини за коментарите дадени од водителот Џорџ Стефанопулос, во кои погрешно се вели дека Трамп е прогласен за виновен за силување.
Матичната компанија на „Фејсбук“ и „Инстаграм“, „Мета платформс“, исто така се согласи на спогодбата, која на 29 јануари објави дека се согласила да плати приближно 25 милиони долари откога Трамп ја тужеше затоа што неговите профили на тие социјални мрежи беа суспендирани по нападот врз американскиот Капитол на 6 јануари 2021 година.
(Фото: ЕПА)
Свет
Десетици патници заробени во воз во Германија два и пол часа на екстремна топлина

Десетици германски патници беа спасени од службите за итни случаи откако беа заробени во неисправен воз во екстремна топлина синоќа.
Регионалниот воз застана на железнички мост во покраината Долна Саксонија поради техничка грешка, изјави портпаролот на федералната полиција. Грешката значеше дека климатизацијата работеше само делумно, а вагоните брзо се загреаа бидејќи Германија беше погодена од топлотен бран.
Потоа неколку од 48-те патници ги повикаа службите за итни случаи. Федералната и покраинската полиција, девет амбулантни возила и четири лекари беа повикани на местото на настанот за да ги евакуираат патниците од возот и да им пружаат медицинска помош.
Според службите, пет лица побарале медицинска помош поради дехидрација и проблеми со циркулацијата. Едно 14-годишно девојче и едно 15-годишно момче биле однесени во болница. Операторот на возот, Нордвестбан, не одговори на прашањата на новинарите.