Македонија
Три нови линии од скопскиот аеродром до Берлин, Копенхаген и Братислава
ТАВ Македонија и Визер во вторникот го одбележаа отворањето на трите нови линии од скопскиот аеродром „Александар Велики“ до Берлин, Копенхаген и Братислава, чии први летови почнаа во изминатите седум дена, односно на 21-ви, 22-ри и 28-ми март, соодветно.
ТАВ Македонија и Визер во вторникот го одбележаа отворањето на трите нови линии од скопскиот аеродром „Александар Велики“ до Берлин, Копенхаген и Братислава, чии први летови почнаа во изминатите седум дена, односно на 21-ви, 22-ри и 28-ми март, соодветно.
„Со почетокот на пролетта приредуваме нови изненадувања за нашите патници. Со воведувањето на трите нови линии од аеродромот „Александар Велики“ до Берлин, Копенхаген и Братислава, односно до три главни града во три држави, бројката на главни градови со кои Скопје е воздушно поврзано во Европа, од 11 се зголеми на 14. Сите три линии ќе бидат сестрано прифатени од нашата дијаспора, граѓаните на Македонија, туристите и бизнисмените. За прв пат од Скопје ќе се лета за Словачка, што ќе биде извонредна можност за запознавање со убавините на Братислава. За нас Македонците оваа линија има и посебно културолошко значење, со оглед на историскиот факт дека браќата Кирил и Методиј својата просветителска мисија ја остварувале токму во Моравија. Копенхаген ќе биде уште едно поврзување на Македонија со скандинавските земји, и можност Данците кои се познати како патувачи и кои го посетуваат Охрид, да доаѓаат во Македонија преку целата година. Берлин е деветта по ред дестинација во Германија, која е интересна како од туристички, така и од бизнис аспект“, изјави Зоран Крстевски, генерален директор на ТАВ Македонија.
Крстевски додаде дека ТАВ Македонија ќе продолжи посветено да работи на воведување и на нови услуги и погодности за патниците во терминалната зграда, преку партнерските фирми BTA-задолжена за храна и пијалаци, ATU- која управува со безцаринските зони, ТАВ ИТ – која менаџира со информациските технологии и ТАВ МОС – која се занимава со оперативните услуги.
Wizz Air во рамки на летниот распоред на летање на скопскиот аеродром кој почнува од денеска, ќе лета на трите релации по два пати неделно, и тоа Скопје-Берлин во вторник и во сабота, Скопје-Братислава во понеделник и во петок, и Скопје-Копенхаген во среда и во недела.
„Македонија продолжува да ги исполнува нашите очекувања за пораст на бројот на патници и ние одговараме со повеќе дестинации и пониски цени. Македонија не само што може да се пофали со богата историја туку и со неверојатна природна убавина, особено околу Охридското езеро. Во Скопје, Старата чаршија, Камениот мост и тврдината Кале носат туристи од Европа, многумина од нив со летовите на Визер, кои брзо се вљубуваат во оваа земја. Многу сме горди што можеме да помогнеме во зајакнувањето на економијата и мултиплицирањето на можностите на земјата“, изјави Дејвид Морган, извршен директор за летачки операции на Визер.
Со новите линии Визер има повеќе од еден милион седишта на располагање за 2016 година, што претставува пораст на капацитетот за 22 отсто споредено со 2015 година. Авиокомпанијата нуди нискобуџетни линии до 24 дестинации од скопскиот и охридскиот аеродром, притоа поврзувајќи ги македонските граѓани со 11 држави. На почетокот од годинава го одбележа надминувањето на два милиони патници во Македонија, од почетокот на своите операции во 2011 година.
Покрај отворањето на трите нови рути, Визер најавува и нова линија до Хамбург во Германија, почнувајќи од 20 јуни, што всушност ќе биде замена за досегашната линија до аеродромот во Лубек, како помал град во близина на Хамбург. За сите летови продажбата е на следниот линк: www.wizzair.com.
ТАВ Македонија ја заврши 2015 година со пораст од 22 проценти на вкупниот број на патници на двата македонски аеродрома – „Александар Велики“ во Скопје и „Св. Апостол Павле“ во Охрид, достигнувајќи бројка од 1.560.381 патник. Истовремено, вкупниот број на воздухопловни операции беше 15.510, со пораст 11% на годишно ниво.
Трендот на зголемен сообраќај продолжува и годинава. Во првите два месеци од 2016 година преку двата македонски аеродроми биле превезени 219.378 патници, што е пораст од 28 отсто во однос на истиот период во 2015 година. Истовремено, бројот на операции (полетувања и слетување) на двата аеродроми е зголемен за 15 отсто.
На почетокот од месецов скопскиот аеродром „Александар Велики“ ја доби ASQ наградата за најдобар аеродром во Европа за 2015 година за квалитетот на услугите, во категоријата на аеродроми под два милиони патници, што е трет пат како го добива ова признание од страна на престижната авијациска организација ACI (Airports Council International), по добивањето на истатата награда во 2012 и 2013 година./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Македонија и Словачка имаат потенцијал за поголема соработка во енергетиката
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денес оствари работна средба со амбасадорката на Република Словачка, Ивета Хрицова, во насока на унапредување на политичките односи и отворање нови можности за соработка меѓу двете држави.
Разговорите беа со фокус на можностите што постојат во енергетскиот сектор, трансформацијата на енергетските системи и користењето на словачките искуства во зелените технологии и регионалното енергетско планирање. Соговорничките разменија ставови за тековните процеси, регионалната динамика и патеките за понатамошно институционално приближување.
„Нашиот фокус е стабилен енергетски систем, модерен пристап кон реформите и партнерства што ја носат земјата напред. Словачка е важен пријател и соговорник во тие процеси, а двете земји имаат сериозен простор за повисоко ниво на соработка,“ истакна министерката Божиновска.
Амбасадорката Хрицова ја поздрави динамиката на реформите и ја нагласи подготвеноста за продолжување на комуникацијата и продлабочување на соработката во различни области поврзани со енергетската транзиција, модернизацијата и дигиталниот развој.
Во рамки на разговорот беше спомнато дека на почетокот на идната година е предвидена посета на мешовита владина делегација, на која разговорите меѓу Северна Македонија и Словачка ќе продолжат на владинo и институционално ниво, вклучително и темите од енергетиката и инвестициите. Министерката Божиновска ќе биде дел од мешовита владина делегација, што ќе ја пречека висока државна делегација од Словачка. Средбата ќе биде посветена и на разговори за енергетска соработка.
Министерството ја оценува денешната средба како уште еден чекор во градењето стабилно и современо партнерство меѓу двете држави – партнерство што се темели на европските вредности, заемната доверба и заедничките интереси на граѓаните.
Економија
Божиновска на Форум за слобода: Енергетиката не трпи импровизации и брзи, опасни потези од денес за утре – туку ред и стратегија за систем што трае, или не си фактор“
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, учествуваше на дводневниот „Форум за слобода“, меѓународн политички настан во организација на Унијата на млади сили во Северна Македонија и глобалната мрежа на центар-десни и конзервативни политички подмладоци. Настанот, обедини учесници, млади лидери од повеќе од 45 земји, со фокус на политичките, економските и стратешките предизвици пред младите генерации во Европа и пошироко.
Панелот посветен на енергетиката, на кој учествуваше министерката Божиновска, привлече значително внимание поради нејзиниот директен и аргументиран пристап кон енергетската политика – тема која денес е клучна за секоја модерна држава
Во своето обраќање, министерката Божиновска потенцираше дека од формирањето на Министерството во 2024 година, енергетскиот сектор минува низ најдинамичниот реформски период досега.
„Се соочивме со обврска сè да се одвива забрзано – да создадеме институција од нула, да ја стабилизираме состојбата и да воспоставиме јасна мисија. Денес можам да кажам: за првпат по долго време Северна Македонија има јасна енергетска насока, конкретни проекти и регионални партнери кои нè гледаат како сериозен играч,“ истакна министерката.
Божиновска нагласи дека енергетиката е сектор каде нема простор за импровизации.
„Или имаш податоци, стратегија, инфраструктура и партнерства — или немаш ништо. Затоа првата работа што ја направивме беше да ставиме ред: да видиме каде сме, што имаме, што ни недостига и што реално може да се реализира со темпо што го бараат модерните енергетски пазари,“ рече министерката.
Таа ги презентираше клучните резултати:започната реализација на гасниот интерконектор со Грција, синхронизирана работа со Србија на иден интерконектор, финализирано електроенергетско поврзување со Албанија, нов темелен Закон за енергетика, нови закони за Обновливи извори, за геологија и рударство, енергетска ефикасност, забрзани постапки за приклучување на ветерни и соларни капацитети, тригодишен план за енергетско ефикасно реновирање на јавни згради, подготовка на мастер-план за мрежата и инвестиции.
Во панел-дискусијата таа зборуваше и за регионалната интеграција како предуслов за стабилност.
„Не може држава да се затвори сама и да очекува дека ќе ги реши сите свои енергетски предизвици. Во енергетиката, самостојност без поврзаност веќе не значи сигурност – денес се гледа јасно дека само земјите кои се дел од глобалниот енергетски мрежен систем можат да бидат стабилни.“
Таа подвлече дека Северна Македонија прави пресврт во своето позиционирање:
„Интерконекторот со Грција го менува начинот на кој земјата пристапува до европските пазари и до нови извори на гас. Во паралела, со Србија и Албанија создадовме нова рамка на функционална регионална соработка. Во енергетиката, сами не можете да опстоите. Во минатото седевме сами. Не учествувавме активно на ниту еден значаен форум каде се кроеше енергетската политика – бевме аутсајдери, исклучени од главните европски и глобални процеси. Денес, тоа повеќе не е случај. “
Таа потсети и на октомврискиот Меѓународен енергетски форум, кој го организираше Министерството:
„Северна Македонија не само што денес седи на маса рамноправно со другите држави, туку ја презема и улогата на домаќин. На 14-тиот Меѓународен форум за енергија за одржлив развој (IFESD-14), во Скопје ги донесовме оние што ја обликуваат иднината на енергетиката – над 800 учесници од повеќе од 70 земји. Тоа е јасна порака дека Северна Македонија се враќа како фактор на регионалната и европската енергетска мапа.“
Без драматични чекори – туку пресметана транзиција
На прашањето за затворањето на јагленските капацитети, Божиновска беше директна:
„Не постои затворање без план, ниту сигурност без алтернативи. Поддржувам паметни, пресметани чекори со минимален ризик и максимална стабилност. Ние сме целосно посветени на зелената транзиција – но не по пат на брзи импровизации, не на грбот на граѓаните и не без стабилен извор за базна енергија. Да бидеме реални: денес веќе произведуваме над 40% електрична енергија од обновливи извори, но тоа важи кога има сонце, ветер или вода. А енергија ни треба и навечер, и во денови без ветер, и кога хидролошките услови се слаби. Затоа правиме транзиција со ред, со план и со алтернативи.
Интерконекторите се нашето осигурување, паралелно инвестираме во обновливи извори и енергетската ефикасност, која за нас е реален производствен капацитет – секој киловат што ќе го заштедиме е киловат што не мораме да го произведеме. Овој сектор не смее да прави драматични, брзи и опасни скокови. Правиме стабилни, и пресметани чекори – затоа што енергетиката е место каде или имаш контрола, план и ред или не си фактор.“
На крајот, министерката подвлече:
„ Мора да бидеме искрени: ништо во енергетиката не се случува од денес за утре. Години секторот беше запоставен, без јасен план, без инвестиции и без реални чекори напред. Она што го работиме денес е поставување темел – за во следните 5 до 10 години Северна Македонија да биде безбедна, стабилна и енергетски независна. Денес конечно имаме контрола, визија и јасен правец – и ние ја држиме таа насока.“
Економија
Ѓорѓиевски со порака за посилна регионална соработка на форумот на Стопанската комора на Војводина
Во рамките на осмиот форум кој е организиран од Стопанската Комора на Војводина во Нови Сад се одржа панел дискусија со фокус на регионалната соработка,зелената транзиција и идните чекори на регионот на која покрај домаќинот господин Владимир Гак преседател на стопанската комора на Војводина учествуваа Горан Ѓорѓиевски преседател на Сојуз на стопански комори на Македонија, преседателот на Стопанската комора на Република Српска Горан Ракиќ и Горан Јаниќ преседател на советодавниот одбор на Зелен Навигатор.
Пред голем број на присутни учесниците на панелот испратија јасни пораки за зголемување на соработката на ниво на Комори како и идни чекори кои е потребно да се преземат со цел да се овозможи подобро позиционирање на бизнис секторот во регионот и на европскиот пазар. Коморите преставуваат катализатор помеѓу владите и бизнис секоторот секогаш фокусирани да работат на градење мостови на соработка со цел подобрување на условите за бизнис,а тоа е возможно со поголем број на Б2Б средби,размена на искуство и воведување на нови практики во зелената транзиција која се бара од страна во Европската Унија,а нашите држави се обврзаа на тоа.
,,Затоа регионот е потребно се повеќе да го гледаме и третираме како еден пазар со фокус на зголемена ,но фер транзиција на која ќе се работи во континуитет на дигитализацијата и нови технологии без кои не можеме да замислиме дека ќе има развој” истакна Ѓорѓиевски во своето излагање.
На маргините од осмиот форум делегацијата на Соузот на Стопански комоти на Македонија реализираше состаноци со Истамбулската стопанска комора со кои се оцртаа новите форми на идна соработка со примарен фокус на инвестициите.
Со почит,

