Европа
Бајден во 1979 напишал писмо до Тито, воодушевен од посетата на Југославија
Демократскиот претседателски кандидат Џо Бајден бил избран за сенатор на државата Делавер во 1973 година, а наскоро станал член на Комитетот за надворешни работи на Сенатот.
Во тоа својство, 37-годишниот Бајден ја посетил Југославија кон крајот на 70-тите за да присуствува на погребот на познатиот југословенски комунист Едвард Кардељ, идеолог на самоуправувањето.
По тој повод, Бајден во 1979 година испратил и писмо до доживотниот претседател Јосип Броз Тито.

„Почитуван господине претседател,
Би сакал уште еднаш да ви се заблагодарам како член на американската делегација за дарежливата гостопримливост за време на мојата неодамнешна посета на Југославија по повод церемониите посветени на тажната смрт на Едвард Кардељ. Беше убаво од вас што ме примивте и уживав во нашата размена на ставови. Се надевам дека ќе можам повторно да ја посетам вашата убава и интересна земја во некоја посреќна прилика“, напишал Бајден во своето писмо до Тито.
Во писмото, кон Тито со обраќа со зборовите „Ваша Екселенцијо“ и „Маршал Јосип Броз Тито“.
Американската делегација на погребот на Кардељ ја предводел познатиот американски дипломат В. Аверел Хариман.
Фактот дека Бајден ја посетил Југославија во 1979 година и се сретнал со Тито покажува дека неговиот интерес за регионот трае со децении и дека, ако биде избран, Бајден ќе биде американски претседател кој добро го познава состојбите на Балканот, оценува хрватски „Индекс“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Москва: Полска е вмешана во обидот за атентат врз генералот
Руската разузнавачка служба ФСБ тврди дека обидот за атентат врз генералот Владимир Алексеев во петокот бил нарачан од Украинската безбедносна служба. ФСБ, исто така, вели дека полското разузнавање било вклучено во регрутирањето на напаѓачот, објави новинската агенција Интерфакс.
Не се понудени докази за тврдењата. Украина негира каква било вмешаност, додека Полска сè уште не ги коментирала обвинувањата. Во меѓувреме, руските безбедносни претставници објавија дека руски државјанин роден во Украина бил екстрадиран од Дубаи во Москва вчера. Тој е осомничен дека сериозно го повредил генералот Алексеев.
Алексеев, заменик-шеф на ГРУ, руската воена разузнавачка служба, бил застрелан во неговата станбена зграда во Москва во петокот и итно префрлен во болница. Руските истражители објавија во петокот дека непознат напаѓач испукал неколку куршуми кон генералот и избегал. Според Комерсант, Алексеев бил успешно опериран во саботата и се освестил, но сè уште е под медицински надзор.
Европа
Татко ја убил ќерката во Австрија, а потоа се самоубил: телата лежеле неоткриени со недели
Во Австрија, 51-годишен маж ја убил својата 19-годишна ќерка, а потоа извршил самоубиство, а злосторството останало неоткриено со недели.
Семејната трагедија излегла на виделина дури откако нивните тела биле пронајдени во одделни станови, пишува австрискиот „Хојте“.
Таткото и ќерката, двајцата од унгарско потекло, се сметале за исчезнати и биле пронајдени три дена откако нивното исчезнување било пријавено во полицијата.
Полицијата прво го пронашла голото тело на 19-годишната девојка, кое веќе било во напредна фаза на распаѓање, во станот во градскиот кварт Вимпасинг. На него немало надворешни повреди. Кратко потоа, таткото исто така бил пронајден мртов во својот стан, на десет минути пешачење, а состојбата на телото била слична.
Криминалистичката полиција претпоставува дека таткото ја убил својата ќерка пред неколку недели, најверојатно со задушување. Се верува дека веднаш потоа си го одзел животот. Не е пронајдена самоубиствена порака, па затоа нема веродостојни информации за мотивот. Сепак, истражителите се сомневаат дека болеста или инвалидитетот на ќерката можеби одиграле улога.
Злосторството е откриено на 26 јануари, а полицијата сега смета дека е решено. Доказите собрани на местото на настанот, како и обдукцијата, ја исклучија вмешаноста на трети лица.
Европа
Празната украинска амбасада во Москва казнета поради неплаќање струја
Московскиот суд ѝ наложи на украинската амбасада во Русија, која е затворена од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година, да плати повеќе од 5,5 милиони рубли, или околу 71.000 долари, за неплатени сметки за електрична енергија. Одлуката е донесена и покрај тоа што зградата на амбасадата е празна откако беа прекинати дипломатските односи, објави Украинска правда, повикувајќи се на руската новинска агенција ТАСС.
Арбитражниот суд во Москва ѝ наложи на украинската амбасада да го плати долгот по тужбата поднесена од Московската обединета електроенергетска мрежа. Една од одлуките наведува дека на амбасадата ѝ е наредено да наплати 3.462.603,63 рубли главен долг, 179.982,05 рубли казни, соодветната затезна камата што почнува од 17 април 2024 година до датумот на фактичкото плаќање и 31.411 рубли државна давачка.
Судот, исто така, ги потврди дополнителните барања на истата компанија во вкупен износ од повеќе од 2 милиони рубли, или околу 26.000 долари, што вклучува и казни и такси за доцнење во плаќањето. Украинскиот претседател Володимир Зеленски го објави прекинувањето на дипломатските односи со Русија на 24 февруари 2022 година, денот кога започна руската инвазија.
Потоа, украинската амбасада во Москва и конзуларните установи во Русија престанаа да ги извршуваат своите функции. Во април 2023 година, Градскиот совет на Киев го раскина договорот за закуп на земјиште со руската амбасада во украинскиот главен град, а набргу потоа, московските власти го раскинаа договорот за закуп со украинската амбасада.

