Црна хроника
Уапсени водачите на „Франкфурт мафијата“
Во полициската акција „Диригент“ денеска се уапсени 29 лица од четири града во Македонија, а меѓу уапсените се и организаторите на озлогласената група „Франкфурт мафија“ која се сомничи дека е вклучена во синџир на трговија со дрога во Австрија и Германија
Во акцијата, во која учествувале околу 350 полицајци, уапсен е Зоран Манасков – Скршениот, Спасе Димовски – Ајдукот и неговиот син Томе Димовски сите од Велес. Освен во Велес апсења имало и во Гевгелија, Скопје и Свети Николе.Паралелно на акцијата на македонската полиција во тек беше и акција во Австрија, во која биле уапсени над 50 лица.Сите лица се осомничени дека по разни канали внесувале дрога на територијата на Австрија и Германија, во објекти во Виена и Франкфурт и потоа ги дистрибуирале до поситни дилери од каде што потоа дрогата се продавала по улиците на Виена и Франкфурт.Ова е трета фаза и продолжение на операцијата „Велес“ која беше спроведена на почетокот на оваа година. Во септември во рибниот ресторан „Биг Фиш“ беше убиен еден од водачите на „Франкфурт мафијата“ Јордан Јорданов – Ркулот.Со оглед на тоа дека полициската акција траела неколку месеци наназад постои можност полицијата да го следела и Ркулот пред неговото убиство.„Неколку лица кои се осомничени за инволвираност во оваа франкфуртска мафија беа приведени во операциите во Виена и Франкфурт. Некои од лицата исто така беа приведени и во активностите на полицијата кои што следуваа по операцијата „Велес“ во Виена, но во моментов се наоѓаат на слобода и според сознанијата на МВР изминатиов период продолжија да ги вршат кривични дела за кои постоеја индиции дека претходно ги вршеле“ изјави портпаролот на МВР, Иво Котевски.Скршениот и Ркулот беа уапсени и лани во февруари во акцијата на МВР. Беа осомничени дека ги организирале своите сограѓани од Велес да продаваат хероин во Германија и во Австрија, но поради недостаток на докази беа осудени само за нелегално поседување оружје.Акцијата против „Франкфурт мафијата“ започна кога беа уапсени повеќемина велешани во Австрија и Германија за трговија со дрога.При претреси на домовите на припадниците на нарко групата биле најдени поголеми суми на девизи, неколку килограми дрога и само еден гасен пиштол.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Уапсена лихварка од Струмица: дала 2.700 евра, а барала да се вратат 15 илјади евра, фатена кога ја примала каматата
Вчера во 12:00 часот во Струмица, полициски службеници од СВР Струмица ја лишија од слобода 53-годишната Ј.Т. од Струмица. Според пријавеното, таа во јуни 2025 година на жител на струмичко село му дала пари во износ од 2.700 евра, за кои сега барала да му врати несразмерен износ од 15.000 евра.
Имено, вчера оштетениот остварил средба со Ј.Т. на која требало да ѝ плати 100 евра, сума која ја определила како месечна камата за основниот лихварски долг. Во моментот кога ѝ ја дал банкнотата од 100 евра, која била претходно обележана, Ј.Т. е лишена од слобода.
Притоа, бил извршен преглед кај неа и биле пронајдени обележаната банкнота од 100 евра, тетратка и листови хартија на кои ги нотирала износите на парични средства кои ги давала на лица и износите кои како камата требало да ѝ бидат вратени.
Подоцна, со судска наредба, бил извршен претрес во нејзиниот дом, при што се пронајдени и одземени пари (денари и евра), нотарски акти, како и тетратки и листови на кои ги евидирала дадени износи на пари, од кои е утврдено дека Ј.Т. досега во повеќе наврати давала пари на лица, а тие требало да ѝ вратат несразмерен износ со кој таа се стекнувала со противправна имотна корист.
Ј.Т. е задржана во Полициската станица Струмица и за случајот е запознаен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица. По целосно документирање на случајот, против неа ќе биде поднесена кривична пријава поради постоење основано сомневање дека сторила кривично дело „лихварство“ по член 260 од Кривичниот законик.
Црна хроника
Камион удри во крава на патот Крива Паланка – Куманово
Камионџија од Бугарија усмрти крава на патот Крива – Паланка – Куманово.
Според информациите на МВР, вчера во 18:00 часот во ОВР Крива Паланка e пријавено дека на магистралниот пат Крива Паланка – Куманово, во село Жидилово, кривопаланечко, товарно возило „мерцедес“, управувано од Е.М.С.(59) од Бугарија, удрило во домашно животно – крава, по што животното починало, а тој со возилото го напуштил местото.
По преземени мерки Е.М.С. бил пронајден и против него ќе следува соодветна пријава. Увид извршила екипа од ОВР Крива Паланка.
Црна хроника
84-годишна битолчанка измамена за сума од 9.600 евра
Осумдесет и четиригодишна битолчанка пријавила во полицијата дека била измамена од едно лице за сума од 9.600 евра.
„Според пријавеното, претходно лицето ѝ се јавило, се претставило како лекар и ѝ кажало дека нејзината ќерка се здобила со скршеници и било потребно да се направи итна операција, за што требало да плати. Како што е пријавено, таа ги дала парите на едно лице кое дошло пред нејзината зграда, а откако подоцна се слушнала со нејзината ќерка сфатила дека е измамена“, велат од МВР.
Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Фото: Depositphotos

