Црна хроника
Казнети 353 возачи во Скопје

Министерството за внатрешни работи во текот на вчерашниот ден продолжи со засилените акциски контроли во областа на сообраќајот. Само на територијата на град Скопје се изречени вкупно 353 мерки, меѓу кои 45 за возење без возачка дозвола, 29 санкции за технички неисправни и нерегистрирани возила, 40 мерки за некористење на сигурносен појас, 20 за користење на мобилен телефон, а изречени се и 95 мерки за непрописно паркирани возила.
„Засилените сообраќајни контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираме до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи за да ја зголемиме безбедноста во сообраќајот“, соопшти МВР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Црна хроника
Претрес во Демирхисарско, пронајдени оружје и муниција, приведено едно лице

Утрово во 04.00 часот во с.Слепче, демирхисарско, полициски службеници од Надворешната канцеларија за криминалистички работи при ОВР Демир Хисар го лишиле од слобода В.П.(67) од с.Слепче.
При претрес во неговиот дом и помошни простории во селото, извршен со наредба од Основен суд Битола, биле пронајдени еден пиштол, три пушки, 143 куршуми различен калибар, рамки за куршуми, документи и други предмети за кои постои сомнение дека потекнуваат од кривично дело.
Лицето било приведено во полициска станица Демир Хисар и по документирање на настанот против него ќе следува соодветна пријава.
Црна хроника
Приведени две лица при претрес во Пробиштип

Синоќа во 19.50 часот во Пробиштип, полициски службеници од Полициската станица Пробиштип ги лишиле од слобода Ј.Ј.(39) и П.Ј.(68), двајцата од Пробиштип.
При претрес во нивниот дом, извршен со судска наредба, биле пронајдени и одземени бела грутчеста материја, куршуми со калибар 7,62 мм и други предмети за кои постои сомнение дека потекнуваат од кривично дело.
По целосно документирање на случајот, против нив ќе биде поднесена соодветна пријава, соопшти полицијата.
Црна хроника
Татко со двајцата синови натепал маж во Батинци, едниот го удирал со камен додека лежел на земја

Скопското Обвинителство отвори истрага за татко и неговиот 18-годишен син, осомничени за насилство. Поведена е постапка и против вториот син на возраст од 15 години во согласност со Законот за правда за децата.
Таткото на возраст од 41 година, заедно со синовите од кои едниот на возраст од 18 години, а другиот 15-годишно дете, дошле пред семејната куќа на еден оштетен во селото Батинци и започнале да му се закануваат, поради претходна расправија на оштетениот со детето. Во еден момент, почнале да го удираат со клоци и тупаници по главата и целото тело, од кои удари оштетениот паднал на земја. Додека лежел на земјата, детето го удирало и со камен, па оштетениот се здобил со тешки телесни повреди – фрактури и други тешки повреди во главата и телото.
Сопругата на оштетениот паднала врз него за да го заштити од дополнителни удари, а притрчале и нивните деца и соседите. Со дејствијата на насилство, малтретирање, грубо навредување и загрозување на сигурноста, осомничените предизвикале чувство на несигурност и страв и кај членовите на семејството на оштетениот и во јавноста, соопшти Обвинителството.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за полнолетните сторители.