Економија
Бесими: Од идниот месец ќе се исплаќаат по 6.000 денари за ранливите категории

Законските измени за 22 мерки од вкупно 31 мерка од Четвртиот пакет, кои се во надлежност на Министерството за финансии, се веќе донесени или пак се во собраниска процедура, или се изготвени и се ставени на јавна консултација на ЕНЕР. Ова го посочи министерот за финансии Фатмир Бесими на заедничката прес-конференција со директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска по повод усвојувањето на законите за финансиска поддршка на работодавачите и самостојните вршители на дејност за исплата на плати, кои беа усвоени од страна на Собранието.
„Мерките од Четвртиот пакет кои се во надлежност на Министерството за финансии, и кои беа овозможени со ребалансот на Буџтетот може да се категоризираат во четири категории, како: мерки за директна финансиска поддршка на фирмите, мерки за финансиска поддршка на граѓаните, даночни олеснувања и мерки во насока на системски решенија. Со овие средства ќе се даде поддршка на приватниот сектор и граѓаните за време на вториот ковид-бран, а понатаму ќе дадат поддршка во заздравувањето. Многу е важно да се истакне дека овие мерки се дизајнирани така да дејствуваат позитивно и на страната на понудата и на страната на потрошувачката и на тој начин да ги амортизираат последиците од кризата“,рече министерот за финансии Бесими.
Во рамки на мерките за финансиска поддршка на претпријатијата министерот ги посочи финансиската поддршка на работодавачите и самостојните вршители на дејност за исплата на плата во октомври, ноември и декември 2020 за кои законите се веќе усвоени од Собранието и треба да почне примена. Понатаму новата линија бескаматни кредити со 30% грант компонента, за која Владата има информација, мерката е дизајнирана и се очекува во тек на овој месец или почетокот на следниот да пристигнат средствата и да се стават на располагање на фирмите. За државната гарантна шема пак, како што посочи министерот, законот е веќе изработен и е ставен на ЕНЕР за коментари од јавноста, додека за новите 100 милиони евра поволни кредити од Развојната банкаисто така е веќе усвоена информација од страна на Владата и почнати се преговорите со ЕИБ за средствата, за кои се очекува да станат достапни за македонските компании на почетокот на следната година.
Директорката на Управата за јавни приходи Лукаревска, осврнувајќи се конкретно на мерката за финансиска поддршка на работодавачи, истакна дека мерките кои придонесуваат да се задржи на работата на секој вработен се врвен приоритет на Владата, Министерството за финансии и на Управата за јавни приходи преку која истите се спроведуваат. Директорката се осврна на условите и начинот на користење на мерката која започнува со електронско поднесување на барањето за финансиска поддршка за исплата на плати за работниците преку e-tax, по кое Управата за јавни приходи ќе одговори за комплетноста на барањето веднаш односно најдоцна до 3 дена. Финансиската поддршка ќе се исплаќа до 15-ти во тековниот месец за претходниот месец.
Во рамки на мерките за финансиска поддршка за граѓаните, министерот за финансии Бесими посочи дека со мерката за финансиска поддршка од 6.000 денари на ранливите категории на граѓани за која е веќе изработен законот и е поминат на Влада, а се очекува веќе следниот месец граѓаните да можат да ги користат средствата. За мерката Викенд без ДДВ, министерот посочи дека мерката е спроведена, а исплатите треба да започнат од следната недела.
Во рамки на мерките за даночни ослободувања и ослободувања од давачки кои ги спроведува Министерството за финансии, Бесими посочи дека е намалувањето на ДДВ од 18% на 5%, намалување на стапката на ДДВ за ресторански услуги и служење на храна и пијалоци, можноста за плаќање по ДДВ пријава најдоцна 5 дена по поднесување на истата, а не истиот ден – сите овие мерки се регулирани со предлог законот за изменување на законот за ДДВ, кој веќе е поминат на Влада и е во собраниска процедура,. Истите треба да стапат на сила од 1 јануари 2021, додека продолжувањето на рокот за плаќање на ДДВ стапува на сила по донесување на законот
„Понатаму, во рамки на даночните олеснувања е и мерката за одложено плаќање на аконтациите за данок на добивка и данок на личен доход за самостојните вршители на дејност. Измените на овие закони се веќе поминати во Влада и се влезени во собраниска процедура и се очекува во текот на овој месец да се донесат. Со овие закони се регулирани и други мерки, како: зголемување на прагот со кој субјектите би биле дел од режимот на неоданочување со данок на добивка, ослободување од данок на добивка и данок на личен доход за трошоци за вработени кои се однесуваат на доквалификација, признавање на трошокот за дополнително приватно здравствено осигурување на вработените за целите на данокот на добивка и неоданочување со данокот на личен доход, признавање на расходите за тестирање од од КОВИД 19 како признаен расход и зголемување на периодот за покривање на загуби на товар на идни добивки. Преполовена е и казнената камата за јавни давачки до март 2021 година“, рече Бесими.
Во однос на мерките кои носат системски решенија за финансиска оддржливост и дигитализација од страна на Министерството за финансии Бесими ги посочи воведувањето на платформа за е-фактура, системско решение кое ќе се спроведува во тек на 2021, но е важна од аспект на поддршка на дигиталните плаќања. Втора е промената на пресметката на основата за финансирање на Единиците на локалната самоуправа, со којашто при издвојување средства за единиците на локалната самоуправа, наместо само за претходната година како досега, предвид ќе биде земена пресметката на просечната наплата на ДДВ за претходните три години.
Бесими посочи и дека со ребалансот се обезбедени 160 милиони евра за мерките кои имаат директни буџетски импликации како финансиската поддршка за исплата на плата, финансиска поддршка за ранливи категории, поддршка на производители, преработувачи и извозници на грозје и вино, поддршка за дејноста Туристички водич, враќање на туристичка такса за 2019 година, за остварени ноќевања, поврат за Викенд шопинг со МојДДВ, за Државна гарантна шема и Царинска гаранција преку Развојната банка, и за грантови за туристички агенции, игротеки и ресторани за свадби.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Божиновска: Ред во изградбата на нови енергетски капацитети, за прв пат годишен план, ќе се гради она што е приоритет за државата и граѓаните

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини како што е соопштено, започнува практичната примена на Законот за енергетика и воведување на транспарентен, јасен и предвидлив процес на планирање на развојот на енергетскиот систем во Република Македонија. За прв пат ќе биде изготвен Годишен план за развој на енергетскиот систем, кој ќе ги дефинира насоките за изградба на нови објекти и зајакнување на енергетските мрежи, како и насоките за развој на нови енергетски објекти во кои државата ќе се јави како инвеститор со цел стабилизација на системот и зголемување на безбедноста во снабдувањето со електрична енергија.
На интернет-страницата на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини се објавени сите потребни документи за доставување иницијативи за развој на енергетски проекти, со што започнува практичната примена на Законот за енергетика и се воспоставува транспарентен, јасен и предвидлив процес за планирање на развојот на енергетскиот систем во Република Северна Македонија, велат од министерството.
Овој процес е од особена важност за државата затоа што обезбедува конкретна слика за приоритетите во развојот на енергетските капацитети и овозможува стратешко насочување на инвестициите, со цел стабилно снабдување со електрична енергија и правна сигурност за инвеститорите.
„Со овој транспарентен процес, секој потенцијален инвеститор ќе има јасна слика за потребите и приоритетите на нашата држава. Секоја иницијатива ќе биде детално технички обработена, со јасно дефинирани можности за приклучок и потребните зајакнувања на мрежата. Нашата цел е енергетскиот систем да се развива одржливо и да обезбедува стабилно снабдување за сите граѓани“, истакна министерката Сања Божиновска.
„На интернет-страницата на Министерството е објавено детално објаснување што се е потребно за поднесување на инцијатива. https://portal.mdt.gov.mk/post-body-files/dokumenti-file-wrMD.docx
На сајтот на министерството се достапни и сите технички и административни документи, поделени според видот на капацитетите, а со цел олеснување на процесот за потенцијалните инвеститори, обезбедување навремена подготовка за апликација и можност сите заинтересирани да ги планираат своите инвестиции врз основа на јасна слика за приоритетите на државата.
Што значи ова за инвеститорите?
• Проектите уште во рана фаза ќе бидат детално технички обработени,
• ќе се дефинираат потребните интервенции во дистрибутивната и преносната мрежа,
• за секоја иницијатива ќе се изготват варијанти за приклучок, јасно и транспарентно ќе се презентираат потребните зајакнувања и надградби на соодветните енергетски системи како и роковите за реализација,
• ќе се елиминираат несигурностите околу приклучувањето на проектите кон мрежата,
• ќе се обезбеди правна сигурност за инвеститорите и предуслови за финансиска поддршка од институциите.
Секој инвеститор – приватна компанија, физичко лице, општина или јавно претпријатие – има можност да достави иницијатива. Секоја иницијатива ќе биде анализирана според:
• видот на технологија за производство на електрична енергија,
• техничките и технолошките карактеристики на опремата,
• инсталираната моќност и балансниот капацитет,
• регионот на реализација, како и можностите за приклучок кон енергетските системи.
Рок за доставување на иницијативи за 2026 година е 30 септември 2025.
По завршување на рокот ќе биде изготвен Годишен план за развој на енергетскиот систем“, соопштија од министерството.
Економија
Поевтинуваат секојдневните плаќања за граѓаните и за компаниите, извести Народната банка

Активностите на Народната банка за намалување на надоместоците на банките за електронските плаќања заради нивна поголема достапност и користење веќе имаат видливи резултати за граѓаните и за компаниите. По интензивната комуникација и по намалувањето на трошоците за користење на Македонскиот интербанкарски платен систем – МИПС, банките ги подложија на ревизија своите тарифници намалувајќи ги надоместоците за извршување на платежните услуги, извести Народната банка.
Сите банки веќе усвоија нови тарифници со значително намалени надоместоци за платежни трансакции со платни налози. Имено, надоместоците за плаќањата коишто граѓаните ги извршуваат преку МИПС се намалени во просек за околу 50%, додека електронските плаќања на граѓаните коишто се извршуваат во рамките на истата банка (т.н. интерни плаќања) стануваат бесплатни во најголемиот дел од банките. Надоместоците коишто компаниите им ги плаќаат на банките исто така се намалени. Така, електронските плаќања на компаниите во МИПС стануваат поевтини во просек за околу 30%, додека електронските интерни плаќања за околу 55%. Општо земено, банките преминуваат кон поевтини и фиксни надоместоци по трансакција, коишто се однапред познати и не зависат од износот на плаќањето. Новите поевтини надоместоци се веќе во примена кај дел од банките, а останатите банки планираат да започнат со примена на намалени надоместоци најдоцна до октомври оваа година, велат од НБ.
Овие промени се дел од пошироката визија на Народната банка за дигитализација и модернизација на платниот систем. Поевтините услуги го поттикнуваат користењето на електронските плаќања, ја зајакнуваат довербата во финансиските институции и придонесуваат кон општествено одговорно работење на банкарскиот сектор, се додава во соопштението.
Економија
СДСМ: Инфлација од 4,4 проценти беснее и во август, власта не носи ниту една мерка

Растот на трошоците за живот не запира, статистиката повторно регистрира зголемување на инфлацијата и цените на мало, реагираат од СДСМ.
Како што истакнуваат, според најновите податоци на Државниот завод за статистика, инфлацијата на годишно ниво, односно август 2025 година споредено со август 2024 година, бележи зголемување од 4,4%. Најголемо зголемување има на трошоците за храна и безалкохолни пијалаци од 6,2 %.
„Во истиот период, цените на мало поскапеле за 4,1%. Дури за 6,7% се зголемени цените на мало за прехранбени производи.
Ова е реалноста која ја живеат македонските граѓани – животот станува сѐ поскап, инфлацијата ја јаде куповната моќ.
Ова е резултатот од погрешните и аматерски економски политики на владата предводена од Христијан Мицкоски.
Колку и да сака премиерот Мицкоски да прикаже дека во државата добро се живее, статистиката не лаже, граѓаните ја чувствуваат сиромаштијата на свој грб.
Оваа влада покажа дека ниту има стратегија, ниту капацитет да ја заузда растечката инфлација. Жално е што владата на ВМРО-ДПМНЕ покажа дека нема желба да им помогне на граѓаните и да преземе конкретни мерки за заштита на животниот стандард“.
Според опозициската партија, додека граѓаните прават математики како да го протуркаат месецот, власта се расфрла со народни пари за свои луксузи и партиски интереси.
„Нема пари за повисоки плати, но има пари за милионски тендер за скапа опрема за промоција и организирање на настани.
СДСМ постојано предупредува на растечкиот тренд на инфлацијата и понуди конкретни решенија за раст на платите и намалување на цените, кои владејачкото мнозинство не ги прифати. Сега повторно бараме владата да преземе итни мерки за заштита на животниот стандард, граѓаните не смеат да бидат жртва на погубните политики на оваа власт“.