Македонија
(Видео) Ангеловски: Oткако започнаа засилените сообраќајни контроли изречени се над 20.000 казни

Министерството за внатрешни работи повеќе од еден месец покрај на територијата на главниот град, спроведува засилени сообраќајни контроли и во другите градови, меѓу кои и Гевгелија, соопшти портпаролот на МВР Тони Ангеловски на денешната прес-конференција во овој град.
„Се санкционираат сите сообраќајни прекршоци, а особено оние кои што се најчеста причина за сообраќајни незгоди со тешки последици. До сега за повеќе од еден месец откако започнаа засилените сообраќајни контроли изречени се над 20.000 санкции“, рече Ангеловски.
Портпаролот на МВР апелираше до граѓаните на Гевгелија да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи за да се зголеми безбедноста во сообраќајот.
„Само за еден час во денешната акциска контрола во Гевгелија се изречени над 60 санкции, пред се за нерегистрирани возила, возење без возачка дозвола…“, кажа Ангеловски, кој потенцира дека акциските контроли продолжуваат и во наредните денови, а целосните податоци од денешната акција во Гевгелија ќе бидат презентирани утре.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Свежо утро, а преку ден до 33 степени

Времето денес во Македонија ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен, а вдолж Повардарието повремено засилен северен ветер.
Утринската темература ќе се движи од 9 до 19 степени, а дневната ќе достигне до 33 степени.
Во Скопје, сончево со умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен северен ветер.Температурата ќе достигне до 30 степени.
Македонија
(Видео) Елитната полициска единица ЕБР прослави 24 години постоење

Со свечена церемонија вечерва на градскиот плоштад во Кавадарци беше одбележан 23 август – Денот на Единицата за брзо распоредување (ЕБР) и 24 години од формирањето на оваа елитна полициска единица при Министерството за внатрешни работи. Настанот се одржа во присуство на премиерот Христијан Мицкоски, раководството на МВР, министри, пратеници, претставници на институциите и локалната самоуправа, полициските синдикати, како и семејства на загинати и починати припадници на ЕБР.
Граѓаните на Кавадарци имаа можност да се запознаат со опремата на единицата преку концептот „До вас, за вас“ и да се дружат со припадниците на полицијата.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, во своето обраќање истакна дека ЕБР е симбол на сигурност и доверба, формирана врз темелите на професионализам, пожртвуваност и верност кон државата.
„Во изминатите две и пол децении, ЕБР се втемели како симбол на сигурност и брза реакција, вистински штит на државата и граѓаните. Ниту еден припадник не се двоуми да преземе одговорност и да дејствува во најризични ситуации, каде што секунда одлука може да значи спас на човечки животи“, порача министерот Тошковски.
Тој додаде дека токму оваа единица има незаменлива улога во борбата против криминалот и корупцијата.
„Разбиени се опасни криминални групи, расветлени стотици дела, запленета е дрога која ќе завршеше кај младите, спречени се илјадници обиди за нелегален влез во државата. Дојде време да покажеме дека државата е посилна од криминалот и дека институциите ја враќаат довербата кај граѓаните“, истакна Тошковски.
На свеченоста зборуваа и досегашниот командант на ЕБР, Зоран Јанаќијев, кој даде свое видување за иднината на единицата, како и градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, кој ја поздрави иницијативата „До вас, за вас“.
Беа доделени плакети на најистакнатите припадници на ЕБР, а претходно во текот на денот беше положено свежо цвеќе пред спомен-обележјето во чест на загинатите херои на единицата.
Македонија
„Корумпираната држава ни ги украде децата“, потресни сцени на маршот во Кочани

Родителите, семејствата и пријателите на младите кои трагично ги загубија животите во пожарот во дискотеката „Пулс“ повторно одржаа марш во Кочани. Повторно се гледаа солзи, тишина и болка, а поворката ја следеа фотографии на загинатите кои нивните родители ги носеа во рацете.
„Корумпираната држава ни ги украде децата. Корупцијата ни го одреди местото каде да ги славиме нивните родендени – на гробиштата. Ни го украдоа сонот, ни ја скратија иднината, а болката ја претворија во наша секојдневна реалност. Бараме правда за нашите деца, бараме крај на корупцијата“, пишуваше на еден од транспарентите.
Слична порака се појави и на друг транспарент: „Моето дете умре, беше убиено од систем кој не штити, туку убива.“
Особено емотивен момент предизвика Мита Тасева, мајката на загинатиот диџеј Стефан Тасевски, чиј роденден се совпадна со маршот.
„Денес небото одекнува од твојата музика, синко наш. Слави го роденденот со ангелите“, порача таа, оставајќи длабока тишина меѓу присутните.
„Ние, родителите, скапо го плативме данокот на корупцијата“, стоеше напишано до фотографиите на младите кои повеќе не се меѓу живите.
Овој марш уште еднаш ја отвори болната тема за безбедноста, одговорноста на институциите и вечната битка на родителите – правдата за своите деца.